Објавено новото издание на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кое е резултат на проектот „Островски: 200 години“, реализиран во годината на 200-годишниот јубилеј од раѓањето на големиот драматург Александар Николаевич Островски, еден од најзначајните светски драмски автори и централна фигура во создавањето и во севкупната историја на рускиот национален театар.
Изданието, кое ја овенчува своевидната лабораторија за книжевен превод востановена во рамките на Катедрата за славистика, е резултат на истражувачки труд, посветеност и академска љубопитност – на студентите и на нивните ментори. Изданието е слободно и бесплатно достапно преку официјалната веб-страница на Филолошкиот факултет во делот „Издавачка дејност“. Како автори на преводите и истражувачи учествуваа студентите: Јован Ковачевски, Фросина Милковска, Бранко Ставровски и Ана Тодорова.
– Во 2021 година ја завршивме и ја објавивме книгата посветена на истоветниот јубилеј на Фјодор Михајлович Достоевски, со која започна нашиот преведувачко-истражувачки проект. И ова издание е достапно преку веб-страницата на факултетот – информира Андреј Јованчевски.
Проектот, кој ги произведе овие две изданија, е раководен од Андреј Јованчевски и проф. д-р Биљана Мирчевска-Бошева и е започнат пред четири години, по нивна заедничка иницијатива со д-р Наталија Лапаева Ристеска. Неговата реализација беше помогната со вклученоста на повеќето наставници и соработници на катедрата, а негови главни носители, заради кои самата лабораторија постои, се студентите на студиската насока Руски јазик и книжевност.
– Особено ни е драго што двете книги се објавени и во печатена форма, благодарение на поддршката што ја добивме и која ни овозможи нашиот труд да се материјализира и во оваа сè уште важна, традиционална форма. Благодарност до Амбасадата на Руската Федерација во Скопје за поддршката на печатењето на изданието „Проект Островски: 200 години“.

Катедрата за славистика продолжува да работи во започнатата насока и веќе подготвува ново продолжение на проектот, кое треба да резултира со трето издание, посветено на 200-годишнината од раѓањето на големиот фолклорист Александар Николаевич Афанасјев. Со него имаме намера во истиот дух да го обележиме овој значаен културен и книжевен јубилеј во 2026 година. Им ја предаваме новата книга на љубопитните читатели, на љубителите на театарот и на руската литература, надевајќи се дека ќе им биде полезна и интересна со самата своја содржина и структура, дека ќе поттикне подлабоко запознавање, проучување, преведување и сценско поставување на драмското наследство на Островски – навестува Андреј Јованчевски.
Животот на Островски го зафаќа она историско време кога во вистинска смисла се формира руската театарска школа и се етаблира националниот репертоар. Од педесеттите до осумдесеттите години на 19 век, Островски завршува 48 пиеси и повеќе од 700 драмски ликови, преведува дваесетина драмски класици од други европски јазици и остава многу незавршени ракописи и преводи. Во неговото време и под негово влијание сериозно се развиваат режијата и актерската подготовка, се воспоставува систем на повеќекратни драмски читања и генерални проби, театарот добива значајно општествено внимание и станува структуриран процес. Овој процес понатаму води до настанувањето на низа школи и методи, автори и режисери, чии принципи и дела до денес се земаат како елементарни одредници во драмските академии низ целиот свет, пишува предговорот на уредникот Андреј Јованчевски.
Издавањето на оваа книга ја збогатува библиотеката на сопствени изданија на катедрата и ја зајакнува перспективата за продолжување на преведувачката работилница, која во иднина ќе им посвети внимание на други важни книжевни јубилеи и ќе им даде можност за практична преведувачка работа на нови генерации студенти на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.