„…Пишуван во постпостмодерен клуч, без патетика, јасно мисловно доследен, романот ‘Столб што пее’ на Томислав Османли му го враќа самочувствието на отуѓениот, самодоволен роман на постмодерната, ја обновува класиката и го отвора патот кон нејзиниот нов израз…“, истакнува во својот осврт авторката на текстот, Анѓелка Цвијиќ.
Не долго по српската објава на преводот на македонскиот роман „Столб што пее“, во викенд-бројот на белградскиот дневен весник „Данас“, публикуван е првиот критички одглас од перото на угледната книжевна критичарка Анѓелка Цвијиќ, насловен „Во театарот на историјата“.
Историјата, пишува во најавните редови српската критичарка, е на големи маки: таа не ја предочува комплетната, причинска слика на настаните, но отсекогаш испоставувала само несреќи, омраза, насилства, убивања, селидби и страдања… „Затоа историјата е на големи маки; зашто на луѓето, главно учесници на историските збиднувања, треба да им објасни – од каде толку зло во нив, зошто е полесно да се соживува со него, а не со добрината, емпатијата и љубовта. И до кога тоа ќе биде така…“
Откако ќе укаже дека е доволно да се имаат предвид историските драми на 19 и 20 век, критичарката ќе истакне дека романот „Столб што пее“ има најширок можен видокруг: „…погледот на писателот е многу поширок од тоа тесно јадро на времето, а неговата креативна мрежа на асоцијации досега до антиката, ги раскрилува заборавените видици на историјата, барајќи ги во нив поводите и причините за трајната човечка агонија и тага…“
Романот, кој неодамна го објави новосадска „Агора“, на српски го преведе писателот, уредник и издавач Сашо Огненовски. По дистопијата „Бродот. Конзархија“, ова е втор роман на Томислав Османли што, во превод на истиот автор, го објавува реномираната српска издавачка куќа „Агора“.
Пред извесно време и грчкиот превод на романот свечено беше промовиран на Саемот на книгата во Солун. Двете странски објави беа поддржани од македонското Министерство за култура. Инаку, „Столб што пее“ на Томислав Османли беше финалист на македонските конкурси за роман и за прозно творештво во 2023 година.
































