Дејан Пројковски, режисер

  • Некако МНТ е институција што кога ќе погледнеме наназад ја создава таа традиција, ја негува македонската култура и е една од најважните институции за културата во Македонија. Како што ние сакаме да го наречеме МНТ – столб на сето она што е важно за македонската култура и идентитет

„Сонцето, колку е блиску сонцето“ е првата изговорена реплика на сцената на МНТ, со која на 3 април 1945 година почнува работата на театарот. „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ е и музичко-сценскиот проект што, во режија на Дејан Пројковски, го прославува јубилејот на Македонскиот народен театар од 80 години постоење.
– Се одлучивме за тоа име на претставата затоа што сметаме дека е најадекватното име и зашто таа прва реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа прва реплика нè води низ целата претстава, која е рефлексија на сето она што е МНТ – истакна Дејан Пројковски.
Подетално за претставата, од идеја до реализација, разговараме со режисерот Пројковски.

Како ја доживувате улогата да режирате сценски спектакл за 80-годишнината на МНТ?
– Голема е честа режисер да работи на 80-годишен јубилеј на Македонскиот народен театар и, се разбира, голема е и одговорноста. Честа е затоа што во тој јубилеј идејата ни е да ги сублимираме сите клучни зборови што се поврзуваат со Македонскиот народен театар. Тоа се посветеноста, грижата, тимската работа, негувањето на јазикот, чувањето на традицијата… Некако МНТ е институција што кога ќе погледнеме наназад ја создава таа традиција, ја негува македонската култура и е една од најважните институции за културата во Македонија. Како што ние сакаме да го наречеме МНТ – столб на сето она што е важно за македонската култура и идентитет. И се разбира од друга страна како режисер станав многу свесен, односно кога човек ќе погледне назад разбира кои сѐ големи личности биле дел од МНТ. Да почнеме пред сѐ од првата актерка што ја изговорила првата реплика на сцена, па до Блаже Конески, кому првото вработување како драматург му е во МНТ…, преку Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Џувалековски, Илија Милчин, Живко Чинго, Дејан Дуковски и голем број други автори до ден-денес нели се разбира, еден пат и движење и промоција на македонската драматургија. Човек тогаш разбира дека претставата треба да биде рефлексија, јубилејот треба да ги содржи емоцијата, енергијата и страста од сето она што е Македонскиот народен театар и просто да се раскаже една приказна каде што ќе се обидеме некако на емоцијата, на спомените да им дадеме една театарска форма. Така што би рекол дека претставата е најмалку фактографска, затоа што тоа е работа на монографијата, на критичарите што го бележат нашето време, а ние ќе се обидеме сето она што досега го раскажав да го направиме на еден сценски современ јазик, кој мислам ќе биде интересен и забавен за публиката.

Какви чувства и мемории Ви побуди режирањето на ова сценско дело дури ја прегледувавте историјата на Македонскиот народен театар?
– Она што е многу интересно, велат дека кога се чита Достоевски, тој треба да се чита трипати во животот. Човек кога е многу млад, во средни години и на стари години, бидејќи секогаш на поинаков начин се гледаат и се разбираат работите. Мислам дека е така и со Македонскиот народен театар, како второ читање на Достоевски би рекол. Сега сум во една друга режисерска фаза и интересна ми е средбата со сите колеги. Човек колку повеќе се занимава со театар стигнува до една суштина дека театарот е средба на луѓе и дека всушност она што го гледаме на сцена секогаш е резултат од нашата средба, размена на енергии, што и колку всушност ќе успееме заедно да се обединиме околу претставата. И се разбира секогаш претстава има една интимна исповед, затоа што без таа интимна исповед претставата не може да комуницира ни со публиката. Од таа гледна точка, возбудата ми е голема. Театарот постои 80 години и просто е еден бескраен маратон и многу е важно што во определена фаза од тој маратон ја имаме честа да истрчаме еден дел од патеката, се разбира во добро темпо и добро време.

Беше ли предизвик да се создаде и оствари концепт што интегрира различни генерации и разни изразни средства во едно единствено театарско патување?
– Всушност во претставата се вклучени актерите што се столбот на МНТ и се разбира 80 години МНТ е голема чест за сите нас и со голема радост го работиме сите јубилејот. Тоа е нешто што е посебно во овој процес, некако секој со многу љубов и посветеност го сработува својот дел од работата. Токму тоа што сме голема екипа и секој се обидува што помалку да го троши времето, односно секој максимално професионално ја сработува работата, паралелно ми дава време потоа сите заедно да експериментираме со формата. Мислам дека е важно да споделам дека претставата има еден прв дел каде што на еден интересен и возбудлив начин зборуваме за историјата на Македонскиот народен театар. А потоа вториот дел на претставата, односно тој поголем дел всушност е спојот на македонската драма, поезија, проза, музика, ликовна уметност, односно сето она што би рекол дека е еден дел од најважните работи во нашата уметност. И ако започнеме од „Сердарот“, преку „Болен Дојчин“, „Силјан Штркот“, „Диво месо“, „Парите се отепувачка“, „Бегалка“ итн., преку Кочо Рацин, Вапцаров, Коле Неделковски, еден Гане Тодоровски, Блаже Конески, всушност се обидуваме на сите нив да им дадеме еден современ театарски одговор и мислам дека тоа е интересно за оваа наша претстава. Се обидувам како режисер да си поигрувам на сцена, со различни режисерски алатки и методи, некаде се обидувам каде што е целосно неочекувано да го пронајдам ве-ефектот – ефектот на отуѓувањето на Брехт, на епскиот театар. Каде што е целосно неочекувано да се пронајде античката трагедија во нашата драматургија и на некои места да стигнеме до катарзата како врвна форма на античката трагедија. А некаде од друга страна, нешто што е важно, возвишено, како револуционерната поезија на Вапцаров, Рацин, пак, се обидуваме да го отпееме и одиграме на целосно модерен начин. Односно некако се запрашуваме како треба да звучи тоа за младите луѓе денес. Така што сите сцени тргнуваат од митските слики што ги имаме во главата, како колективна меморија, односно оние архетипски слики, како Силјан Штркот, како јунакот што треба да помине девет планини и девет мориња за да стигне до целта, митот за Болен Дојчин, за големиот подвиг на јунакот во епски формат… Сето тоа се обидуваме да го преведеме на еден нов и современ сценски јазик. И многу сум среќен што слободно можам да кажам дека успеавме и веќе со нетрпение ја очекувам публиката.

На какво патување ќе ја однесете публиката и какви пораки ќе пуштите суптилно да полетуваат од сцената?
Публиката ќе биде на едно прекрасно аудиовизуелно патување. Кога еден млад човек ќе ја погледне претставата, таа сигурно во себе содржи и одговори и мотив зошто треба да бидеме горди на она што сме, зошто треба да го чуваме она што го имаме и зошто треба и понатаму сите заедно да се трудиме да го направиме ова парче земја најдоброто место за живеење. Мислам дека претставата некако ги собира сите големи луѓе на оваа земја, кои понекогаш ги забораваме.