Од творештвото за деца на Гордана Каракашевска
- Во овој број ексклузивно ги објавуваме најновите творби за најмлaдите читатели на писателката Гордана Каракашевска, која како 13-годишно девојче ги објавила своите први песнички токму на страниците на „Колибри“
Паѓаше снег. На божиќниот пазар свиреше музика, светкаа новогодишни венчиња за на глава, а во воздухот се мешаа мирисите на варено вино и колачиња со ѓумбир, направени во форма на срце. Луѓето брзаа наоколу – впрочем, како и секогаш во декември, пред новогодишните и божиќните празници – и застануваа на тезгите полни со најразновидни слатки.
Снешка цврсто се држеше за раката на мама. Сакаше што побрзо да се врати дома, каде што беше топло, за да му напише писмо на Дедо Мраз.
Тато ја одбра највисоката и најубава елка, со разгранети и раскошни зелени гранки. Ја донесоа дома и сите заедно ја украсуваа: Снешка, мама, тато, брат ѝ Никола и баба ѝ. Никола ги избираше најубавите украси од кутијата, Снешка внимателно ги редеше по гранките, а тато ги местеше светилките. На крајот мама и баба ги обесија новогодишните чорапи, а тато ја крена Снешка високо, речиси до таванот, за да може таа да ја стави божиќната ѕвезда на врвот од елката.
Подоцна, пред да си легне, Снешка застана крај прозорецот и долго ја гледаше украсената улица. Потоа седна на масата и се зафати со пишување писмо.
„Драг Дедо Мраз!
Многу сакам фудбалска топка за мојот брат, како и ракета, хеликоптер и воз. За мама – нова правосмукалка што нема толку силно да бучи како старата. За тато – нови ракавици. За баба – мек пењоар и топол шал.
Јас сакам кујна играчка со комплет прибор за чај, трикатна куќа за кукли, микрофон играчка, вистински лизгалки, ново фустанче, розови влечки, вистинско тробојно маче што ќе се вика Лили, голема книга со приказни од целиот свет, фотоапарат за да фотографирам, бонбони ’тип-топ‘, ново јаже за скокање и прибор за правење меурчиња од сапуница…“
Снешка пишуваше и пишуваше. Имаше толку многу желби што се чинеше како списокот никогаш да нема крај.
Конечно, го затвори писмото и внимателно го адресира:
До Дедо Мраз, Лапонија, Северен Пол.
Следното утро Снешка се разбуди пред сите. Тивко се облече и го пушти пликот во големото жолто поштенско сандаче. Подоцна истото утро, низ прозорецот, гледаше како поштарот го испразни сандачето и како жолтото поштенско комбе полека се оддалечува по патот.
Снешка беше многу среќна, затоа што знаеше дека писмото веќе патува кон Северниот Пол.
А таа ноќ, некаде далеку на север, Дедо Мраз долго време читаше едно многу долго писмо што започнуваше вака:
’Драг Дедо Мраз! Многу сакам…‘“
Песна за белобрадиот дедо
За Нова година и ветер да вее
и роса да роси, хо-хо-хо –
Дедо Мраз на децата дарови им носи.
Црвено палто и капа,
и образи црвени има
затоа што е снежна,
лута зима.
Сите детски желби,
убави и мили,
Дедо Мраз ги исполнува
без мака и сили.
Кога на небото ќе видите
ѕвездите како волшебно трепкаат,
тоа се ирвасите на Дедо Мраз –
нивните магични носови светкаат.
Ако некој заборавил
и на вратата ставил резе,
не грижете се –
Дедо Мраз низ оџакот ќе влезе.
На децата им носи
полна вреќа
најубави подароци,
радост и среќа.
Хаику-поезија за деца
1. Снежна танчарка –
Тивко паѓа на покрив,
доаѓа зима.
2. Бела снегулка –
На дланка паѓа меко,
брзо се топи.
3. Танц на снегулка –
Ветрот ја носи тивко
над замрзнат вир.
4. На прозорецот –
Снегулка остава трага,
спомен од зима.
5. Тивка зимска ноќ –
На дланка снегулка се
топи. Детски смев.
За авторката
Гордана Каракашевска е поетеса, есеистка, писателка, уметница и фотографка. Пишува уште од тринаесеттата година. Исто така, пишува песнички и кратки раскази за деца. Нејзините први творби беа објавени на страниците на „Колибри“.
Пишува поезија и проза на македонски, но и на италијански, српски и на англиски јазик. Нејзините стихови се преведени на повеќе јазици и објавувани во домашни и меѓународни онлајн списанија и во антологии.
Објавени книги: поезија: „Скршен поет и други песни“ (2021), „Куќа од хартија“ (2022), „Патот на водата“ (2024), проза: „Синьор Ѓордано и размисли за сомнежи, дилеми и прашања и некои други мали зрна“ (приказни, 2021), „Се соблекувам во годината на козата“ (роман, 2021), „Сè на овој свет“ (роман, 2025г.). Со поезија е застапена во антологиите „Самодиви“ и „Антологија на копнежот“. Дел од нејзината поезија и проза се објавени во литературните списанија „Стремеж“ и „Современост“.
Учесничка е на фестивалот на поезијата за деца „Стихувалки“ и нејзините песни се објавени во збирките поетски творби. Нејзиниот расказ „Љубопитната Снешка“ е објавен во „Новогодишни раскажувалки“, збирка раскази за деца од 2024 година.

































