Големиот мајстор на македонската борба за слобода и човечки правдини

ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН – СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ (7)

Во 19 век, кога картите на Балканот се цртале на големи конгреси и на штета на народите што немале туѓа заштита, пркосот на Македонците одекнал како силно ехо од славното античко минато на Македонија и македонскиот народ. Еден од најзначајните ликови во македонската историја е славниот ѕидар што ги вгради градежните блокови во големиот храм на македонската свест, со мистрија во едната рака, пушка во другата и книга под мишка, генијот Ѓорѓија Пулевски не бил само сведок на историјата и активен учесник во борбата за слобода и човечки правдини туку со својот живот и дело останал забележан како еден од архитектите на воената и пишаната борба на македонскиот народ. Приказната за Пулевски е приказна за триумфот на волјата. Детето што на седум години заминало на печалба во Романија за да учи занает, израснало во полиглот што со леснотија ги владеел балканските јазици, но никогаш не го заборавил својот корен. Пулевски бил жив парадокс за тогашните елити – ѕидар што пишува граматики, војвода што составува речници, војник што учествувал во сите големи судири од тоа време. Од српско-турските и руско-турските војни, па сè до круната на македонската борба, Кресненското – Македонското востание, каде што како војвода и член на Главниот штаб не се борел за туѓи интереси туку за идејата за слободна Македонија. Пулевски навремено сфатил дека слободата не се освојува само со оружје и дека вистинската битка од памтивек се води за умот и душата на народот.

Туѓа страна је непријатна,
в туѓина ве напорки гледат
И несносних прешебоци свијем ни вељат.
Ем в туѓина Македонцим, кому како да му текнет
Све намуртено, свијем лошо ни називајет.
Дал’ сте чуле, Македонци, стари људи
шчо говорат:
От Македонци појунаци над них не било-
Цар Александер Македонски тристо лета
пред Христа
со Македонци сву вселену повлада.
Наш краљ Филип – Славјанин је,
цар Александер – Славјанкин,
Наши баби Славјанки ги родиле.
Македонци, сетите се за јунакство македонско,
Та спроти старих вије сега да следувате!
Не је страмота овоје искати,
ни за жал за своје умрет.
За тоа сега, Македонци, все помјаните,
Немој денеска да се пречкате,
јазик на јазик да не пизмите,
Сви једноверски сложите се као братија –
Брат со брата да се смилите,
јазик по вера здружите,
Сви једноверски пријдите во домовину.
Турски зулум ни превзели над наша
чест македонска,
Јал браните си, ил’ сви до един да изгниме!
Род браните от Агарјанци! Сви за еден живот
да сложим!
Зато, јунаци македонски, пробудите се!
Похарно је да изгинеме в наша мила татковина,
Отколи оваке да гледаме свјако злотворство.
од „Самовила Македонска“

Самоукиот ѕидар и печалбар, комита и војвода, револуционер и поет, учебникар и фолклорист, граматичар и лексикограф, историчар и идеолог на македонскиот национален развој, Ѓорѓија Пулевски, со својата волја, труд и упорност станал автор на првата печатена македонска граматика – прва печатена граматика на македонскиот јазик „Слогница речовска“, првата револуционерна поема на македонски јазик „Самовила Македонска“, првата стихозбирка на македонски јазик „Македонска песнарка“, првата историја на македонскиот народ напишана од Македонец „Славјанско-маќедонска општа историја“, а ја создал и првата македонска верзија на „Александридата“.

Татковина ја ово место мило Македонцим,
кралевина била под краљом Филипом,
старо царство, јесте од цара Александра,
наш цар македонски, познат
Александар велики ув вселену.
Он је наше царство во Полостров Балкански
је го оставил все горским Славјаним.
Чујте, браќа наши јевропски христијани,
да ја наша судбина нами досадила
мије хоштеме нашу домовину.
Ево днеска в македонскеј кралевини
наши браќа тужат
зашто само назе под ропство оставајет
зато и мије хоштеме своју домовину!
Братије наши Македонци од
православну веру,
да се сви сложиме, јуначки бориме,
како наши стари под цар Александром,
повтор спомен своим имјам по нас оставиме!
Историју стару да ју оживиме,
мије глејте сега да ју исполниме.

од „Македонцим ув прилог“

ПУЛЕВСКИ, Ѓорѓија М. (Галичник, 1822/23 – Софија, 1893) – печалбар-ѕидар, комита, доброволец во Српско-турската и војвода во Руско-турската војна, востаник и војвода во Кресненското македонско востание, но амбициозен автодидакт – учебникар, лексикограф, граматичар, историчар, поет и собирач и објавувач на народното творештво и преродбенски идеолог на македонското национално будење и револуционерно ослободително движење. Во комитското движење во Македонија навлегува по 1847 г., а по печалбата во Романија, доаѓа во Белград и како „прв наредник на понтонерска чета“, заедно со четата на Иљо Малешевски, учествува во борбите со турскиот гарнизон (1862–1863). Собира лексички и други материјали по северозападна Македонија и го објавува во Белград првиот македонско-српско-албанско-турско-грчки речник (1873), а по две години и вториот речник од три јазика (словеномакедонско-албанско-турски), каде што првпат ја изложува македонската национална идеологија, декларирајќи дека „и Македонциве се народ и местото нивно е Македонија“, дека „Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме славјано-Македонци“ и дека „македонскиот јазик е најсроден со црковнославјанските книги и тој је старославјански“. Во тоа време ја предлага за објавување (1875) и првата верзија на граматиката („Речница“). По учеството во Српско-турската (1876) и во Руско-турската војна (1877–1878), со својата чета како авангарда на руските војски стигнува до Пијанечко во Источна Македонија. За учеството и храброста добива орден „Св. Ѓорѓи“ и светлобронзов медал, како и сабја од рускиот император и е назначен за управник на Тројан и потоа на ослободениот Ќустендил. По Берлинскиот конгрес (1878), кога само Македонија ѝ е вратена на Турција и беше предизвикано Кресненското – Македонско востание (1878–1879), тој се вклучува како војвода и член на Воениот совет и останува последен на борбените позиции (25. Ⅴ 1879). Незадоволен од резултатите на ослободителното движење се стационира во Софија (со сопругата и двете деца, како и со децата од убиената сестра) и се оддава на собирачка и творечка дејност. Сепаратно ги објавува првата револуционерна поема на македонски јазик „Самовила Македонска“ (1878) и првата дводелна стихозбирка на македонски (со свои и народни песни) „Македонска песнарка“ (1879). По една година е напечатен и првиот дел од учебникот „Слогница речовска“ (1880), што претставува прва печатена граматика на македонскиот јазик. Долго работи врз подготовката на ракописот „Јазичница“, а ја завршува и обемната „Славјанско-маќедонска општа историја“ (1892), што претставува прва историја на македонскиот народ од Македонец и најобемно дело на македонски јазик до ослободувањето. Приврзаник на идеологијата дека и Античките Македонци биле Словени, особено внимание посветува на историјата на македонската династија и посебно на Филип Втори и на Александар Трети, создавајќи ја и првата македонска верзија на „Александридата“. Не се пронајдени неговите најавени ракописи: Родословница, Речница, Народна песнословница, Смисленица и Обичаи и песни југословенски. Како претходник и современик на лозарите ја организира првата позната книжевна асоцијација Словенскомакедонската книжевна дружина (Софија, 1888), која имала цел „да ја прероди народната македонска литература“. Со своето учебникарско, лексикографско, филолошко, литературно и историографско национално дело и со учеството во војните и во востаничко-револуционерното движење, Пулевски стана меѓник меѓу две епохи од македонската историја: ги набележа националните задачи врз основа на културно-историското наследство, ги истакна потребите на својата современост и очекувањата за иднината на Македонија.
Македонска енциклопедија, МАНУ, 2009

…а Македонци оту се староместни полострофски жители и гостопријемци и болгарски и српски и горцки и од други народности, а суседи елински, затоа во оваја книга кажуваме Славјанско-маќедонска историја и за од сви живуштих пришелци полострофски – да си знојат кој когашен је…

од „Славјанско-маќедонска општа историја“

Пораката на Пулевски не престанала да биде актуелна од неговите времиња, па до денес – спасот не треба да се бара од туѓ цар или од европските дворови, туку во сопственото обединување. Повикувајќи се на Александар Македонски и античката слава, Пулевски не создавал само мит, бидејќи неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“ е монументален обид, прв од таков вид, да се исцрта континуитетот на македонското постоење од библиски времиња до 19 век. Во следните продолженија на нашиот фељтон ќе можете да читате повеќе за Ѓорѓија Пулевски и неговите дела.

М-р Никола Ристевски

продолжува