Кон театарскиот фестивал МИТЕМ во Будимпешта, Унгарија

МИТЕМ е театарски фестивал чиј грамадно широк дијапазон импресионира не само со различните начини на промислување на театарот туку и со цивилизациската другост што ја нудат претставите. Пораките, актуелноста, актерското мајсторство, режисерските концепти укажуваат на тоа дека овој фестивал нуди фантастична палета на големите режисерски имиња и театри чии продукции стануваат цел еден театарски град во кој живеат различни индивидуи со различни идентитети, а кои заедно создаваат еден имагинативен свет со различни филозофски постулати.
Оваа година беа застапени претстави од Монголија, Русија, Романија, Грузија, Северна Македонија, Мексико, Унгарија, Турција, Србија, Грција, Белгија, Италија, Полска, Бугарија, Словачка, Кина, Јапонија, Израел, Франција, цел еден универзум во кој доминираа големи театарски имиња, како што се Јан Фабр (кој на овој фестивал беше присутен со три претстави на театарот „Троблејн“: „Јас сум грешка“, „Јас сум крв“ и „Верувам во легендата на љубовта“), Дијана Добрева (чии претстави на фестивалот беа „Салома“ на Националниот театар од Будимпешта, „Без крв“ на Пловдивскиот театар и „Моби Дик“ на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија), Силвиу Пуркарете, чија режисерска поетика е позната по својата загадочност и реинтерпретација на класичните дела, режисер што овој пат се зафати со интерпретацијата на митот за данскиот принц Хамлет, низ драмскиот текст на Раду Александру „Гертруда“, еден сосема поинаков поглед врз оваа есенцијална Шекспирова трагедија во која Гертруда е двигателот на целото зло на Елсинор, една многу чудна гротеска чиј театарски отров отвора сосема други, скриени значења на хамлетовските дилеми, претстава во продукција на Националниот театар од Букурешт, со драмскиот текст на романскиот класик „Јона“на Марин Сореску, копродукција на Националниот театар „Раду Станца“ од Сибиу и театарот „Метрополитен“ од Токио, Јапонија, претстава што е дел од драмската трилогија на Марин Сореску, во која другите два дела се „Ричард Трети“ и „Скржавец“ и која низ монолошка форма говори за трагичните еха на библискиот лик Јона проголтан од големата риба, околности што во себе интерпретираат една актуелност со денешната осаменост и неволноста да се излезе од стегите на неволноста и индолентноста, монодрама што импонираше со извонредната актерска интерпретација на јапонскиот актер Кураносуке Сасаки, како и со безвременскиот водвиљ на Ежен Лабиш „Сламената шапка“, во продукција на Националниот театар од Будимпешта, Теодорос Терзопулос, со својата есенцијална „Орестија“ на Ајсхил, претстава во продукција на Националниот театар од Атина, Грција, Римас Туминас чија последна продукција на „Сирано (комедија за љубовта)“, во продукција на театарот „Гешер“ од Тел Авив, Израел, е претстава што ни отвори еден сосема поинаков Сирано, циничен, по малку груб, силен и масивен, лик што својата фрагилност ја користи како мотив за поезијата што извира од него, претстава што Туминас ја сместува под столбовите на Ајфеловата кула и ја поместува во една доста блиска иднина, каде што моралот и љубовта повторно се на различни страни, лебедовата песна на овој голем литвански режисер, кој своите последни уметнички години ги пронајде во овој исклучителен израелски театар, Валери Новарина (со претставата „Смрт за тебе, смрт!“, во продукција на Националниот театар од Будимпешта), и секако Атила Видњански, кој на фестивалот што го води ги имаше своите две претстави („Јанович“ на Градскиот унгарски театар од Клуж, Романија, и „Ромео и Јулија“, копродукција на Националниот театар од Будимпешта и Театарот од Кошице, Словачка).

Покрај овие големи режисерски имиња, на овој фестивал можевме да ги проследиме и претставите на Намнан Нарамбаатар, Виктор Јевдокимов, Клеменс Бехтел, Автандил Варсимашвили, Мартин Акоста, Јигит Сертдемир, Матија Себастијан Џорџети, Балинт Шилагхи, Давиде Јодиче, Јанг Џун и Гај Касерс. Северна Македонија ја претставуваше одличната „Слепци“, по текст на Морис Метерлинки Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, во продукција на Турскиот театар од Скопје, додека Србија ја претставуваше претставата „Губитник“, по текст на Томас Бернхард и А.С. Пушкин, во режија на Наташа Радуловиќ и во продукција на Југословенскиот драмски театар од Белград.
МИТЕМ е фестивал што има многу прифатлив шмек на мултикултуралност и кој плени со својата слоевитост, давајќи им простор на големите театарски имиња да се промешаат со театарските куќи чии продукции носат еден сосема поинаков начин на мислење, а импонира и со особено инспиративните дебати по претставите, со еден збор, фестивал што е пресек на погледот врз денешната цивилизација низ режисерските концепти што предупредуваат и ни ги пренесуваат пораките за горливите проблеми и реконтекстирања на цивилизациските тектоники. Театарскиот јазик е и проклетство, но и благослов. МИТЕМ е фестивал чија аура плени и одушевува со подарувањето на големите театарски искуства на режисерските парадигми и го прави сценскиот живот побогат, поразличен, но и поподложен за понатамошни истражувања.