Кина напредува во борбата против распространетата автоимуна болест
Тим кинески истражувачи постигнаа значителен напредок во контролата на гликозата во крвта и намалувањето на телесната тежина за третман на дијабетес тип 2 преку студија што ги оценува ефикасноста и безбедноста на домашниот лек „маздутид“.
Во клиничко испитување од трета фаза, спроведено од болницата „Нанџинг Драм тауер“ во источната кинеска провинција Џангсу, 320 возрасни Кинези беа случајно распределени во еднакви пропорции за еднаш неделно да примаат поткожни инјекции „маздутид“ или плацебо во тек на 24 недели, проследено со 24-неделно отворено продолжување со терапија со „маздутид“.
Студијата, објавена во списанието „Нејчр“, истакна дека монотерапијата со „маздутид“ го надминала плацебото кај учесниците со дијабетес тип 2 чија состојба била несоодветно контролирана само со диета и вежбање. Третманот предизвикал клинички значајни подобрувања и во контролата на гликозата во крвта и во намалувањето на телесната тежина, додека одржувал поволен безбедносен профил.
И покрај напредокот во управувањето со дијабетес тип 2, сè уште постојат незадоволени потреби за терапии кои не само што ефикасно ја контролираат хипергликемијата туку и ги решаваат поврзаните метаболички нарушувања, според Жу Далонг, директор на одделот за ендокринологија во болницата „Нанџинг Драм тауер“.
Жу рече дека третманот на дијабетес тип 2 долго време е дилема. Иако некои конвенционални лекови за намалување на шеќерот во крвта се ефикасни, тие често предизвикуваат зголемување на телесната тежина, што, пак, може да ја влоши инсулинската резистенција, создавајќи маѓепсан круг што го комплицира долгорочното управување со болеста.
„Маздутид“ е двоен агонист на рецепторот ГЦГ/ГЛП-1 развиен од кинеската компанија „Иновент биолоџикс“, а неговата основна предност лежи во неговиот двоен механизам на дејство. ГЛП-1, или глукагон-сличен пептид-1, се ослободува по оброците. Тој може да го стимулира лачењето инсулин, да го забави дигестивното движење и да го промовира чувството на ситост. ГЦГ, или глукагон што го лачи панкреасот, може да ја зголеми оксидацијата на мастите и да го зголеми трошењето на енергија кога неговите рецептори се активирани.
Со целење на двата патишта, овој механизам со двојно дејство може да го ограничи апетитот и да го забрза метаболизмот, овозможувајќи му поопфатно решавање на сложени метаболички проблеми кај пациенти со дебелина, како што се акумулацијата на висцерални масти и инсулинската резистенција.
Жу рече дека ГЦГ традиционално се користи за спасување пациенти со дијабетес тип 1 што доживуваат хипогликемија со зголемување на гликозата во крвта.
– Значењето на оваа студија лежи во потврдувањето дека активирањето на рецепторите и на ГЦГ и на ГЛП-1 во специфични соодноси може да го постигне синергистичкиот ефект на намалување на нивоата на гликоза во крвта – истакна Жу.
Во 2024 година едно од девет возрасни лица во светот живеело со дијабетес. Бројот на возрасни со дијабетес во 2024 година надминал 500 милиони и се предвидува да се зголеми на близу 900 милиони до 2050 година, според истражувачки напис објавен од Меѓународната федерација за дијабетес во списанието „Лансет“ во текот на овој месец.































