Голем интерес за работилници во кои акцентот е ставен на кратките сатирични книжевни форми
Низ творештвото што се создава за деца, најчесто се сретнуваме со раскази, приказни, песнички, романи за деца, бајки, сказни, гатанки и брзозборки… Но постојат и други литературни форми, кои исто така можат да бидат многу интересно четиво што ќе го замисли и ќе го разбистри детското главче.
Писателот Миле Ѓорѓиоски е чест гостин низ училиштата во Македонија и во Србија, одржувајќи работилници во кои акцентот е ставен на кратките сатирични книжевни форми, на епиграми и афоризми.
– Афоризмот е кратка сатирична мисла, а епиграмот најкратка сатирична песничка – вака ја поедноставува дефиницијата писателот Ѓорѓиоски.
Збор по збор – афоризам
Toj ни раскажа дека секоја работилница ја започнува со народни поговорки, кои потоа заедно со децата ги избрусува во афоризам или епиграм. На тој начин децата полесно ја сфаќаат разликата меѓу народната поговорка и епиграмот.
– На работилниците, откако ќе ја разјасниме дефиницијата и откако ќе ја направиме разликата, пристапуваме кон пишување детски афоризми. Започнуваме со еден зададен збор, а потоа со асоцијации, збор по збор го градиме афоризмот. На пример, ако започнеме со „телефон“ следен збор што го пишуваме на таблата е „паметен“, па „тато, мама“ и стигнуваме до: „Некогаш мајките и татковците сакале паметни деца, денес – паметни телефони“ – објаснува Ѓорѓиоски.
Писателот ни раскажа дека додека со децата ги создава афоризмите и епиграмите, го проверува и нивното познавање на интерпункциските знаци, нивната правилна употреба и ги учи да внимаваат на правилното пишување со македонско кирилично писмо, потенцирајќи ја разликата меѓу нашите македонски букви и оние од другите кирилични писма, особено на буквите „п“, „т“ и „ш“.
– Значи покрај тоа што учиме како се пишуваат афоризми и епиграми, си ги повторуваме или ги обновуваме знаењата за правилно пишување, користење наши букви и интерпункциски знаци. Потоа се преминува на пишување детски епиграмчиња. Се нотира и разликата меѓу детско афоризамче и епиграм. Децата најлесно го учат тоа кога од еден афоризам правиме епиграм или, пак, обратно. На пример: „Секогаш кога започнува часот го исклучувам мобилниот. Мразам кога ме буди од најслаткиот сон“. Почетни зборови за градење епиграм од овој афоризам ни се зборовите „гласот“ и „часот“, кои образуваат рима и така за кратко време од овој афоризам правиме епиграмче:
„Секогаш на мобилниот му го исклучувам гласот.
Мразам кога ме буди пред да заврши часот“ – појаснува Ѓорѓиоски.
Работилници секаде каде што има интерес
Тој досега одржал работилници во повеќе места низ Македонија како: Делчево, Македонска Каменица, селото Град, Охрид, Кичево, Крива Паланка, Радовиш, Блатец, Пробиштип, Кочани, Виница, Гостивар. Во соседна Србија, пак, држел работилници во Панчево и Јабука, а наскоро ќе ги посети и местата Вршац, Пландиште и Качарево во Србија, каде што се изучува македонскиот јазик.
– Работилниците за деца ги реализираме секаде каде што некое училиште, библиотека или дом на култура ќе покажат интерес за тоа. Најсвеж пример е Виница каде што по барање на учениците гостувавме двапати. Има интерес во некои од споменатите градови повторно да одржиме работилници. Тоа нѐ радува и ни дава право да констатираме дека сме на вистинскиот пат – вели Ѓорѓиоски.
На работилниците, менторка за илустрирање е средношколката Софија Ситновска. Соработката меѓу Ѓорѓиоски и Ситновска започнала уште кога Софија била осмоодделенка. Нивната успешна и повеќегодишна соработка дала плод. Имено, Миле Ѓорѓиоски е автор на првата книга со афоризми за деца во Македонија, а Софија е илустраторка на истата таа. Софија зад себе има неколку самостојни изложби и во Македонија и во Србија, илустрирала и учебници, а добитничка е на наградата за млад карикатурист на српскиот весник „Вечерни новости“.
Инаку, писателот Миле Ѓорѓиоски е најпознат по своите афоризми, кои се преведувани и објавувани во Македонија, Србија и во Бугарија. Покрај книгите со афоризми, неговото творештво содржи и поетска книга, сатирична приказна и комедија. Од творештвото за деца ќе ги издвоиме книгите „Палави афоризамчиња 1,2 и 4“, „Во светото на палавите афоризамчиња 1,2,5 и 6“, „Во светот на плавите епиграмчиња“ и „Палави мисли“. Приредувач е на неколку домашни и меѓународни зборници и антологии. Член е на Друштвото на писателите на Србија, на куќата на културата „Наџи Наман“ во Либија и на Здружението на новинарите на Македонија. Добитник е на повеќе значајни меѓународни награди за сатира. Директор е на фестивалот „Јаков од Камена Река“, кој се одржува во Македонска Каменица.
Ф.Д.
Палави афоризамчиња
Што дека им ги скрив мобилните на мама и тато, кога тие место да си играат со мене цел ден ги бараа!
*
Мама и тато не го почитуваат штркот што ме донесол! Никогаш не го канат на мојот роденден!
*
Мама и тато немаат право да се лутат кога ми ги пишуваат домашните! Тие ме запишаа на училиште!
*
За разлика од мама и тато, баба и дедо не се пријатели. Немаат профили на Фејсбук.
Автор: Миле Ѓорѓиоски
Палави епиграмчиња
За да добие единица, тато многу се труди и мачи.
Со часови ми ги решава домашните задачи.
***
Ученичкиот ранец ми е скоцкан без мани.
Секој ден баба ми го полни со кроасани.
***
За реформи сум во наставата – давам чесен збор.
Би ги заменил сите часови за еден голем одмор!
***
Да оди на училиште се плаши и некој друг.
Нашиот штрк, тој избега дури – на југ!
***
Да можеа во гнездата да си стават клима,
ќе имаше ластовички и штркови и во зима!
Автор: Миле Ѓорѓиоски
































