Свети Николе или Свети Никола: Единствениот град со име на светец во Македонија (2)

Мистична Македонија: Музеј под отворено небо

Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент

  • Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија

За населбата околу црквата „Свети Никола“

Најстариот податок што е познат досега за постоење на населба околу црквата „Свети Никола“ е записот што потврдува дарување на манастирот „Пантелејмон“ на Света Гора од Константин Дејанов, каде што се споменува „Јужиново, метох Свети Никола со црква, виногради и луѓе“, која потврдува населба Свети Никола од 1378 година. Постојат неколку книги во кои пишува и дека истиот метох во овчеполската земја е потврден и во документ еден век порано, што потврдува постоење на населба околу црква „Свети Никола“ и култ кон Свети Никола Чудотворец уште од дамнешни времиња, а не како што најчесто било пишувано досега, дека „Свети Николе било населба од времето кога Милутин го освоил Овче Поле“. Во една стара книга пишува и дека е можно големото ѕвоно на камбаната во Ќустендил, според стариот запис што е изгравиран на него, да било „правено во прочуените кратовски работилници за црквата ’Свети Никола’ во големото овчеполско село со истото име“. Според историските податоци за тие векови, Турците не се населиле веднаш во Свети Никола, а едно старо предание вели дека „Турците го запалиле и ограбиле, а народот заедно со бегалците од околните села бил протеран во ропство“. Преданието е соодветно на историски запис за пленувањето на Овче Поле и Жеглигово во 1512 година, кога „била голема скрб“. Она што е сигурно е дека во 16 век овде постоеле две населби непосредно една до друга – во пописот од Ќустендилскиот санџак од 1570 година се забележани посебно „Големо“ и „Мало“ Маало до црквата со околу 240 куќи и одделно село Исви Никола со околу 70 куќи, сите Македонци. Големото и Малото Маало биле во штипската, а селото во нагоричката нахија. За време на Австро-турската војна Овчеполието било бојно поле, старите Турци од Џумајлија паметеле дела „Алеман дошол преку Свети Никола и од Ташли баир ги гаѓал со топови“, а по Карпошовото востание, во кое учествувало голем број на населението од Овче Поле, населбата Свети Никола повторно претрпела терор. Кога австриската војска се повлекла, турскиот башибозук влегол во населбата, ја ограбил и запалил. Народот паметел дека тогаш било „бегање“ и „лошо“ и дека била срушена црквата што се наоѓала во центарот на денешниот град, а врз неа била изградена џамија. Во 17 век Аџи Калфа („Ќатиб Челеби“) во патописот забележал дека во Овчеполието и неговата околина се работело со метал. Евлија Челебија во патописот забележува две населби – Овче Поле и Клисели. Клисели значи „населба покрај црква, црковно“. Потврдено е дека патописецот во 1669 преноќил во Клисели, кое во патописот е споменато како село. Во 1704 година патописецот и монах Еротеј (Јеротеј, Јеротие) од манастирот „Рача“ на пат кон Ерусалим застанал во конакот во Горобинци во Овче Поле, изброил остатоци од 14 бели цркви, запишал стари преданија и забележал дека и покрај плодната земја, овошките, лозјата и реките што течеле од планините, тогаш Овчеполието било ретко населено. На враќање од аџилак, според некои извори, овој патописец починал во непосредна близина на Свети Николе, кај патната станица „Орлов ан“ до селото Орел. Во 19 век францускиот патописец Ами Буе ја спомнал населбата Клисели во Овче Поле. Околу 1830 година во „Раетско“ Маало се случиле неколку расправии помеѓу Турците и Македонците. Во тоа време во населбата имало околу 30 македонски и 20 турски куќи. Караниците биле заради неколку девојки од „Рецко“ Маало, а „неколкумина од башибозукот платиле со глава“. Поради овие настани, од Скопје му било наредено на Штипското воено заповедништво да ја сруши населбата Свети Никола. Кога војската со топовите дошла на Сиври тепе, излегол еден поп за да побара милост, но Турците ги срушиле сите куќи, а ги оставиле само куќите на неговите синови. По ова, населбата повторно почнала да се гради, но и да се шири и зголемува.

Постои веројатност дека во денешно Свети Николе порано постоеле шест цркви што отсликувале крст. Црквите се наоѓале на местата на денешната црква „Свети Никола“ на север, во месноста Свети Спас на југ, ридот Свети Илија на запад, кај денешната црква „Свети Стефан“ на исток, а линиите се пресекувале кај старата црква, која се наоѓала каде што е центарот на денешно Свети Николе, врз која била изградена џамија и според некои стари записи е можно да била посветена на Свети Архангел Михаил. Во месностите Свети Илија и Свети Спас и ден-денес постојат камени крстови и народот доаѓа на празниците. При изградба на куќи во „Американско Маало“ – на линијата од центарот до гробиштата, биле откриени остатоци од мозаик, тегули и ранохристијански гробови. Под ридовите каде што се камените крстови со сигурност има остатоци од многу постари храмови. Растот и развојот на населбата од средината на 19 век во децениите потоа и состојбите во 20 век се опишани во текстовите што следуваат. Интересно е именувањето на населбата, поранешното село што станало гратче, кое било нарекувано Клисели и Свети Никола. Во „Материјали по изучување на некои месности во Северна Македонија“, во 1892 година Каранов го запишал како големо село „Свети-Николе“ со саботен пазар. Во книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 го читаме описот од Ѓорче Петров на „Св. Николе (Клиселија)“, во кој го опишува како место каде што се врши размената на земјоделските производи помеѓу селаните од планинските и полските села и дека тоа најголемо село во казата е главно во истоимената нахија и претставува центар на житната трговија за поголемиот дел од Овче Поле. Во списанието „Дело“ од 1897 година читаме дека „народот го нарекувал Свето-Николе“. На етнографската карта на Васил Кнчов од 1900 година населбата е запишана „St. Nikole“. На една австриска воена мапа од 1910 година населбата е запишана како Клисели (Свети Никола). Во етнографската карта на Македонија во 1912 година, изработена од Јордан Иванов, населбата е запишана како Свети Никола. Во воените книги од соседните држави во кои се пишува за Балканските војни, населбата се споменува најчесто како Клисели или Свети Никола, како и во српските весници од годините и децениите подоцна, сè до Втората светска војна. Многу веројатно е дека поранешното Свети Никола станало Клисели, па дури за време на Балканските војни пак Свети Никола, за по 1945 година и официјално административно да го носи името Свети Николе. Во првите броеви на „Службен весник“ од 1945 година се забележуваат именувањата Свети Николе и Свети Никола. На неколку американски топографски мапи од 1948 и 1959 гратчето може да се пронајде обележано со „Sv. Nikola“ и „Sveti Nikola“.
Името на населбата – единствен град во Република Македонија со име на светец – со сигурност е поврзано со најстариот период на христијанството, времето во кое живеел Свети Никола Чудотворец и векот во кој наводно неговите мошти биле пренесени од денешна Турција во Бари, Италија. Постојните локации со недвижни и движни наоди од раното средновековие ја дополнуваат мистеријата околу случувањата на овие простори. Видливата поставеност на населбата во големата Овчеполска Котлина ни дава увид за нејзиното значење за поширокиот регион, а опстојувањето на малиот метох низ средниот век до денешни времиња е потврда дека во „темното средновековие“ овде постоела голема и важна населба врз уште постар средновековен и антички град на просторот каде што се наоѓа денешното гратче Свети Николе.

продолжува

М-р Никола Ристевски

(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)