
Хрватска, македонскиот јазик и Свети Климент Охридски
- Кога на 8 декември го славиме Свети Климент Охридски – првиот словенски епископ, ученик на Светите Кирил и Методиј и темелник на словенската просвета, ние не го славиме само духовниот патрон на образованието. Ние го славиме човекот што создаде културен модел и дело што преживеа империја по империја, век по век, и тој модел, јазик и писмо останаа живи до денес. Но она што денес е особено значајно е дека делото на Свети Климент – јазикот, писменоста, наставниот систем – не живее само во Македонија. Тој живее таму каде што многумина не би претпоставиле: во училниците на Република Хрватска
Можност за наставa на македонски јазик во Хрватска (според законите за права на националните малцинства во Хрватска) постои и на задоволство на двете држави и двата народа – таа можност се реализира! Имено, наставата по македонски јазик и култура веќе тече во неколку училишта во Хрватска: во седум основни училишта и во три гимназии.
Неодамна, пак, е донесено решение од надлежните институции во Хрватска да се воведе настава по македонски јазик и култура (по моделот Ц) во основното училиште „Стрмец“ – подрачно училиште во градот Света Недела. Официјалното решение следуваше како позитивен одговор на една иницијатива од група родители од споменатиот хрватски град. Ваквата настава ќе биде отворена не само за Македонци туку, според повеќе изјави, и за сите други ученици што немаат македонско потекло, но се заинтересирани да ги учат македонскиот јазик и култура.
Каде досега се изучуваше македонскиот јазик во образовниот систем на Р Хрватска?
Според информациите на хрватско-македонското друштво „Стоби“ од Сплит, прво училиште што воведе македонски јазик во Хрватска беше ОСУ „Никола Тесла“ во Загреб, и тоа пред околу 20 години. Настава по македонски на ниво на средни училишта се одвива и во три гимназии, каде што македонскиот јазик може да се изберe како дополнителен предмет.
Одлуката за проширување (воведување во ново училиште) е резултат на иницијатива од родители и поддршка од институции – што покажува дека македонската заедница во Хрватска има активна улога и прави различни форми на промоција и популаризација за учење на македонскиот јазик и култура.
Што значи моделот Ц на изучување на македонскиот јазик и како функционира
Според официјалната политика за образование на национални малцинства во Хрватска, македонскиот јазик е класифициран како „нетериторијален“ малцински јазик (т.е. не е регионален, како италијански, унгарски, српски, итн.), па затоа, според таа законски утврдена номенклатура, македонскиот јазик се изучува по моделот Ц.
Во продолжение следува кус опис на моделите на изучување на јазикот и културата на малцинствата во Хрватска.
· Модел A: целата настава е на јазикот на малцинството – за заедници каде што тоа е можно.
· Модел Б: двојазична настава – науки на хрватски, општествени предмети на јазик на малцинството.
· Модел Ц: дополнителни часови по јазик, литература и култура на малцинството – покрај редовната настава на хрватски.
Во случајот на Света Недела (училиштето „Стрмец“), воведувањето е преку модел Ц – значи, редовната настава ќе остане на хрватски, а учениците ќе може дополнително да учат македонски јазик плус македонска култура.
Историографијата регистрира факти, а Хрватска ги почитува:
Македонскиот јазик и делото на Свети Климент Охридски во хрватските училишта
Кога на 8 декември го славиме Свети Климент Охридски – првиот словенски епископ, ученик на Светите Кирил и Методиј и темелник на словенската просвета, ние не го славиме само духовниот патрон на образованието. Ние го славиме човекот што создаде културен модел и дело што преживеа империја по империја, век по век, и тој модел, јазик и писмо останаа живи до денес.
Но она што денес е особено значајно е дека делото на Свети Климент – јазикот, писменоста, наставниот систем – не живее само во Македонија. Тој живее таму каде што многумина не би претпоставиле: во училниците на Република Хрватска.
Не може, а да не се нагласи дека една држава од ЕУ од регионот не само што го признала македонскиот јазик туку таму активно се изучува во повеќе училишта – повеќе од седум основни и три средни – и постојано се проширува просторот за негово зачувување. И ова не е куриозитет, туку факт на гола вистина што треба да одекне во Брисел, Париз, Софија, Атина…
Кус историски осврт за допирните точки и значењето на јазикот и културата на Хрватите и Македонците
Македонците и Хрватите имаат историски допири што одат многу подлабоко од дневната политика.
1. Средновековието – заеднички словенски културен круг
Свети Климент Охридски (840–916) и Охридската книжевна школа создадоа просветителски модел што влијаеше врз целиот словенски свет. Хомилиите, житјата и литургиските текстови на Климент се ширеле по целиот Балкан, а ракописи од Охридската школа се наоѓаат и во хрватските скрипториуми од средниот век.
2. Глаголицата – хрватска духовна врска со мисијата на Кирил и Методиј
Хрватите се единствениот народ што ја употребувал глаголицата во литургија до 19 век. А глаголицата е писмо што произлегува директно од мисијата на Кирил и Методиј – делото во кое Климент беше главен наследник. Хрватската црква и до денес ја чува глаголицата како дел од своето духовно наследство – што создава природен мост кон нашата кирилична традиција.
3. Деветнаесеттиот век – препознавање на македонската посебност
Хрватските научници, особено во илирското движење, меѓу првите во Европа ги забележаа особеностите на македонскиот словенски говор. Хрватскиот филолог Партеније Зографски во Загреб уште во 1858 година го објавува првиот македонски буквар. Ова е историски факт што ретко се спомнува, но има огромно значење.
4. Дваесеттиот век – Загреб меѓу првите центри што ја почитуваа македонската култура
Уште пред Втората светска војна, хрватските научници ги изучуваат македонските народни песни, говори и фолклор. По ослободувањето во 1945 г., Загреб станува еден од европските центри каде што македонскиот јазик се изучува и на академско ниво. Хрватската научна заедница прва во Југославија недвосмислено го третираше македонскиот јазик како посебен и автентичен.
Хрватска денес: Кога историјата се претвора во конкретна, цивилизирана современа демократска политика
Во 21 век Хрватска покажува нешто што е реткост во регионот: почитта од минатото ја претвора во современи државни политики. И тоа треба да биде пример за повеќето земји во регионот на Балканот, особено за земјите членки на ЕУ, кои би требало да ги препознаваат и да ги имплементираат стандардите на ЕУ за малцинствата, нивниот јазик, образование и други облици на здружување.
Имено, во време кога некои држави го условуваат нашето постоење, го релативизираат нашиот јазик, некои го пречкртуваат ликот на Св. Климент во учебници, а други се обидуваат да го присвојат, Хрватска прави нешто едноставно, но историски значајно: го изучува нашиот јазик. Го учи македонскиот јазик. Го почитува делото на Климент. Го зачувува македонскиот идентитет таму каде што тој тивко цвета – во училница, со тетратка и буквар.
Што значи ова за македонската заедница во Хрватска?
За македонските деца во Хрватска, овие часови значат јазик што го разбираат нивните баби и дедовци, култура што ја носат во домот, празници што ги слават, идентитет што не го губат. За родителите, тоа е чувството дека нивната татковина не е заборавена.
За Хрватска, тоа е достоинствен пример како се гради мултикултурно општество. Кога го одбележуваме Свети Климент, ние се навраќаме на времето кога еден човек постави темели на словенската писменост. Тој труд го мина Охрид, ја мина Преспа, ја мина Европа, ја мина историјата. И денес, оној што го продолжува – можеби најискрено – е хрватското училиште. Со учител што пред себе има група деца, со буквар, со цврста рака што ја води азбуката. Тоа е вистинско продолжение на Климентовата школа. Тивко, но силно. Достоинствено, но големо. Историско, но живо.
Затоа сега, кога му оддаваме почит на Св. Климент, можеме да кажеме: Хрватска го почитува Климент таму каде што тоа најмногу вреди – во образованието, во јазикот, во децата и во иднината. И за тоа ѝ должиме искрена благодарност, почит и признание.
Порака до Брисел, Софија и до Атина
Кога Европската Унија говори за вредности, за заштита на малцинствата, за јазична разновидност и културна автентичност – Хрватска покажува дека тоа не мора да остане само на хартија. Додека во некои држави македонскиот јазик се негира, се обезличува или се релативизира, Хрватска го внесува во училишниот систем.
Додека некаде се редефинира историјата, во Хрватска таа се почитува. Додека некои земји го бришат, Хрватска го учи. Тоа е порака за Европа, но и порака за нас: дека јазикот ако е почитуван, ако е сакан и ако е поддржан, може да живее и да цвета независно од политичките ветришта.
Ангел Митревски, наш постојан дописник од Сплит, Хрватска
































