Мистична Македонија: Музеј под отворено небо
Фељтон на „Нова Македонија“ според документарните серии и филмови на продукцијата „Аристон“ и книгата „Mystical Macedonia: An Open Air Museum“, објавена на „Амазон“ од Никола Ристевски, магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент
- Добре дојдовте во Македонија, земја на волшебни предели, богата историја и уникатни знаменитости. Во овој фељтон ќе ви ги претставиме природните ресурси, културното наследство и туристичкиот потенцијал на Република Македонија
Овчеполието претставува дно на прастаро езеро, кое пред милиони години останало по повлекувањето на големиот океан, а од неговото дно настанало денешното земјиште, кое го формира Овче Поле. Низ илјадниците години водата се повлекла, но сепак останале помалите бари и езера. Дури и во изминатите векови, речните текови знаеле да се поместат и со стотина метри по огромните поплави, кои во Овчеполието оставале големи мочурливи места.
Водата во Овчеполската Котлина не недостигала отсекогаш. За тоа сведочат не само записите туку и видливите стари корита на речните текови, кои можат да се забележат дури и денес. Од прастарото езеро останале и голем број фосили од животни, кои порано биле нарекувани „овчарски играчки“, а потврда за нивно научно проучување имаме во книги од крајот на 19 и почетокот на 20 век. Солената земја е потврда за прастарото Овчеполско Езеро. Овчеполската Котлина е засебен регион со свои специфични природни и културни карактеристики. Потврдувањето на пронајдената палеолитска станица во близината на селото Мустафино е доказ дека човечкиот род живеел на овие простори уште многу одамна во праисторијата. Во изминатиот век биле започнати проучувања на неколку неолитски и антички населби во Овче Поле. Барутница кај Амзабегово и Руг Баир кај Горобинци, кои заедно со преостанатите пронајдени неолитски живеалишта кај Алин Дол и покрај повеќе овчеполски села, докажуваат дека постоел живот во Овчеполието и „по потопот“, во периодот од неолитот – младото камено време, што покажува дека човекот живеел во Овче Поле не само во палеолитот – непознатиот огромен период од праисторијата, туку и пред околу десет илјади години.
Недостигот од научни истражувања не значи дека во овој регион нема и постари археолошки локалитети и видливи белези од стари цивилизации. Остатоците од старите „градишта“, кои најчесто се локалитети на кои се наоѓаат населби од антиката, биле активно користени и во средниот век како живеалишта или воени пунктови, во зависност од поставеноста и зачуваноста на старите градби. Присуството на многу локалитети на Археолошката карта на РМ, кои се датирани како „римски“, и помалиот број антички обележани локалитети, е предизвик за понатамошни научни истражувања и соодветни проучувања и откривања на старите градови во Овчеполието, но и нивно прописно заштитување и обновување. Патиштата што минувале овде уште од древноста, со мали поместувања, се истите тие што биле користени и во антиката, но и во средниот век, а дел од нив се гледаат, па и се користат и ден-денес.
Пред повеќе од илјада години – еден милениум, „овчеполската земја“ била запишувана како одделен регион, дури и во повелбите на владетелите, а овде биле едни од најголемите битки за превласт во вековите „пред турско“. Сведоштвата во литературата покажуваат дека во Овче Поле имало епископија и пред покрстувањето на Борис од Кирил и Методиј на реката Брегалница, по што „на Овче Поле соѕидал бели цркви“, од старите книги читаме за преземањето на овие краишта од Василиј Втори по битката на Беласица, востанието на Петар Делјан, за победата на Милутин над „Византија“ два века подоцна и преземањето на Овче Поле, а во повеќе извори пишува и за народните верувања од овие краишта, според кои, „последниот владетел пред да дојдат Турците“ бил Константин/Костадин Дејанов, а за народот и во 20 век дел од старите кнезови, кралеви и цареви од „пред турско“ биле „христијански“ – со што покажувал разликување од обидите за насилно наметнување на големите пропаганди од соседните држави.
Доколку малку повнимателно се проследат роднинските врски на владетелските фамилии на тогашните држави што се бореле за превласт врз Овчеполието, ќе се забележи дека многу од владетелите биле блиски роднини, кои меѓусебно војувале за владеење на остатоците од некогашната древна престолнина. Со слободно толкување на историските факти и податоци за кнезовите, кралевите, вазалите и владетелите од тие времиња, се забележува дека борбата за власт речиси секогаш била за „старата света гора“, древното бојно поле, Овче Поле – кое во тие времиња имало многу поголемо значење, но и подразбирало поширок простор од поимањето за топонимот „Овчеполие“ во денешните времиња.
Народните преданија, кои во слободна форма се зачувале како легенди, приказни и песни, ни покажуваат дека и во почетокот на 20 век се пееле песни за битката на Косово, а голем дел од народот, особено некои од домашните свештеници, верувале дека владетелите од „пред турско“ не биле ни грчки, ни бугарски, ни српски, туку народни – христијански. За незнајните жители на античките градишта избегнувале да зборуваат и ги нарекувале „старите“, а во многу наврати дури и ги криеле тајните за древните светилишта, градови, гробници и храмови. Постојаното присуство на население во „метохот на црквата ’Свети Никола‘ во Овче Поле“ уште од средновековието, потврдува дека голем дел од родовите што се одржале во и околу околината потекнуваат токму од тие стари свештенички фамилии.
Во времиња за кои речиси ништо не знаеме, овде постоеле манастири со школи за преводи и преписи на стари книги, кои веројатно ја продолжиле писменоста уште од антиката. Римските интервенции на патиштата биле врз старите раноантички патни линии, а остатоците од ранохристијанските базилики заедно со многуте артефакти со стари писма и други записи во камен потврдуваат дека и покрај временските непогоди, многуте војни, колонизации, епидемии на болести, промени на владетели и природни катастрофи, во овој дел од светот писменоста никогаш не престанала.

Значењето на старите култови и верувања, претставени преку записите за „границата на бакарното гумно во Овче Поле“, „покрстувањето на Борис од Кирил и Методиј на Брегалница во Овче Поле“ и „чудотворното прогледување на Стеван Дечански во Овче Поле“ ни даваат за право да веруваме во постоење на постари култови од овие краишта, кои доколку бидат проучени, би потврдиле за културниот континуитет на народот што живеел на територијата на Овче Поле и денешно Свети Николе.
Ако на тие информации се додадат сведоштвата од текстовите запишани во триесеттите години на минатиот век, во кои се пренесуваат сведоштва од старите Турци во регионот, кои велеле дека „на Говедар Баба се идело уште пред да дојдат нивните стари“ – значи пред „време турско“, доколку го земеме предвид значењето на старите овчеполски друмови, видливите остатоци од старите патишта, кули и тврдини, ќе се разбере дека и покрај нејаснотиите во многу од историските записи, продолжителноста на традициите во Овчеполието се зачувала преку доцната антика во раното христијанство и средниот век. Записите и сеќавањата за старите занаети, за свиларството, за овчеполскиот мак, за огромните стада, за овчеполските рудари, за старите манастири и библиотеки и многуте заборавени случувања се причина за понатамошни сериозни истражувања на културното наследство на овој регион. Опстојувањето на населбата од средниот век до Балканските војни под името Клисели, што значи место покрај цркви или црквено, нешто слично како именувањето „метох“ од стариот документ од 14 век е причина да се претпоставува дека на местото на денешната населба и пред познатото време постоела црква и живеел народ, а можно е дури и населбата да била поголема, главна населба на организиран регион за кој уште во раното средновековие се знаело дека е со посебни карактеристики, се наоѓал „помеѓу Пчиња, Вардар, Брегалница и Кратово“ и бил нарекуван овчеполска земја. Римската крстосница, која се наоѓала каде што е денешно Свети Николе, со сигурност била поставена на постар крстопат и потврдува за стратегиската важност на тогашната населба во периодот од вториот век пр. н.е. до неколку века подоцна. Големите градишта, кои кријат антички – пеонски населби, го покажуваат значењето на Овчеполскиот Регион и во вековите пред нашата ера, а архитектурата пронајдена на неколку локалитети сведочи за импресивноста на античките населби со огромна важност. Живот во антиката имало и на просторот каде што е денешно Свети Николе. Неолитските живеалишта што се појавиле при изградба на неколку згради во самиот центар на градот, заедно со потврдените локалитети од тоа време што се наоѓаат во близината на денешно Свети Николе, се причина да веруваме дека овде постоела населба уште во далечниот неолит.
Постоењето на стотици потврдени и уште најмалку неколкупати по толку непотврдени археолошки локалитети во општините што во 21 век опфаќаат делови од Овчеполието, заедно со изворите на литература од изминатите векови, ни потврдуваат за постојана населеност во Овчеполскиот Регион. Човекот во Овче Поле успеал да преживее и да опстои, луѓето учествувале во многу војни, а возрасните од многу генерации сведочеле за борбените дејствија во Овчеполската Котлина. Во најстарите локалитети не се пронајдени траги од насилство и уништување, што ни дава за право да веруваме дека во Овчеполието пред илјадници години се живеело во мир и хармонија.
продолжува
М-р Никола Ристевски
(Авторот е долгогодишен истражувач на македонските природни ресурси и културно наследство)
































