Во тек на втората половина на ноември во есенската сесија на постдипломските и докторските студии на Пантеон Асас Сорбона 2, македонскиот писател со меѓународно реноме и добитник на наградата за животно дело на Француската академија Јордан Плевнеш, одржа серија предавања на тема Глобалната трагедија во светата историја од Антиката до денес.
Серијата предавања започна со академската церемонија за доделување на наградата „Фредерик Росиф“ 2025 година на познатиот француски документарист Антоан Виткин од страна на Фестивалот на Југоисточна Европа Париз-Берлин-Вашингтон и претседателот на меѓународното жири Фабрис Д‘Алмеида, Потпретседател на Универзитет Пантеон Асас Сорбона 2.

Токму со филмовите на Антоан Виткин кои се потресни сведоштво за актуелната глобална трагедија и масовните ликвидации кои се одржуваат на воените жаришта на повеке меридијани, Плевнеш ја започна ретроспективата на своите компативни анализи, меѓу современоста од репликата на Самоил Бекет „нема ништо посмешно од човечката несреќа“, до репликата на Еврипид напишана пред 2500 години „Најубаво од се на свет е да не се родиш“.
Низ хронологијата на трагичното писмо низ вековите беше анализиран последиот текст на Албер Ками напишан непосредно пред неговата смрт со наслов „Иднината на трагедијата“, во која се вели дека во Антиката се одвивала Трагедијата на Боговите, од средниот век до Шекспир трагедијата на Diabolos Gubrenator mundi, а во дваесеттиот век, со светските војни Трагедијата на Човекот и потоа ќе се следи Трагедијата на самотијата што ја живееме денес, кога во име на Човекот одлучувааат Финансиската и Нуклеарната закана за уништување на последното зрно надеж и целосно уништување на “Цивилизацијата на Љубовта…“
Токму цивилизацијата на Љубовта е главната оска околку која се врти драмското дејство на една од последните драми на Плевнеш, Кирил и Методиј кои сте вие, за која еден од водечките театролози на светот Жорж Бани во предговорот за француското издание напиша „Јордан Плевнеш е планетарен автор“.

Покрај постдипломците од Пантеон Асас предавањата ги следеа во рамките на програмата Еразмус и студенти од универзитетите од Лос Анџелес и Болоња.
Посебно внимание беше оддадено и на 125 годишнината од изведбата на “Македонска крвава свадба“ на македонски јазик во Славјанска беседа во Софија и јубилејот на големоиот македонскиот сликар Родољуб Анастасов чиј што портрет на Плевнеш е поставен во Галеријата на почесните професори на овој париски универзитет!

































