Земјите-членки на НАТО се под засилен притисок да го зголемат своето учество во шемата за набавка на американско оружје и опрема за потребите на Украина, брифираат дипломатски извори во Алијансата.
Токму ова прашање е една од главните теми на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на членките на НАТО во Брисел, на кој учествува и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Шемата наречена „Листа на приоритетни барања за Украина“ (ПУРЛ), која беше воспоставена во јули годинава на предлог на американскиот претседател Доналд Трамп, предвидува земјите-членки на НАТО од Европа и Канада да инвестираат сопствени средства во набавка на оружје и опрема од САД, кои потоа би им биле испорачани на украинските Вооружени сили.
Ваквата идеја беше промовирана откако САД решија да ја ограничат својата воена помош за Украина, но во рамки на заложбата за рамномерна распределба на товарот во рамките на НАТО, на останатите сојузници им нудат да купуваат американско оружје и на тој начин да го зголемат сопствениот придонес во поддршката за Киев.
Според расположливите податоци, досега само 11 од 32-те членки на НАТО учествувале пет пакети за набавка на американско оружје и опрема за Украина во вкупна вредност од 2,5 милијарди долари, а уште шест други најавиле дека ќе се вклучат во шемата.
Притисокот врз членките на НАТО го засилија и најавите дека две земји што не се дел од Алијансата, Австралија и Нов Зеланд, изразиле подготвеност да учествуваат во шемата.
Дипломатите од НАТО посочуваат дека снабдувањето на Украина со оружје е клучно во моментов, во услови кога се интензивираат напорите за постигнување мир, бидејќи колку што земјата ќе биде подобро опремена за борба, толку ќе биде појака и нејзината позиција на очекуваните мировни преговори.
За да се постигне оваа цел, во рамките на НАТО се разгледува опцијата редовната исплата на помош на Украина од по 500 милиони долари да се замени со шемата ПУРЛ, со што членките на Алијансата би имале поголема флексибилност за да му помагаат на Киев.
Дипломатите посочуваат дека во НАТО се создава „фрустрација“ поради недоволниот придонесе на сојузниците, особено што се оценува дека некои земји дале премал придонес во шемата во однос на нивниот потенцијал. На овој начин, според нив, се создава „голема нерамнотежа“ меѓу индивидуалните придонеси на секоја од членките.
Така Данска, Норвешка и Холандија досега дадоа значителен придонес во шемата, а Германија и Полска во понеделникот најавија дека заедно со Норвешка заеднички ќе го финансираат следниот пакет во рамките на ПУРЛ.
Од друга страна, Италија најави подготвеност да учествува во шемата, но засега нема формална одлука за тоа, додека Франција изразува резерви кон планот, делумно затоа што не е приврзаник на идејата „европски пари да се користат за поддршка“ на американската воена индустрија. Други земји, како Велика Британија и Чешка, тврдат дека практикуваат други начини за испраќање воена помош во Украина.
Некои земји, пак, како Романија или Црна Гора, своето неучество во шемата го правдаат со ограниченост на финансиите, а други, како Унгарија, во основа не се согласуваат со доставувањето оружје на Украина, сметајќи дека на тој начин само се продолжува војната.
Украина, пак, од своја страна инсистира на обезбедување одржливост на шемата. Според украинската амбасадорка при НАТО, Аљона Гетманчук, опремата што Украина ја добива преку ПУРЛ и овозможува „да ја држи линијата на фронтот“. Таа смета дека евентуална помош во текот на следната година од „најмалку 12 милијарди долари“, би му овозможила на Киев да „преговара од многу посигурна и побезбедна позиција“.
Ваквиот став го споделува и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој утрово пред почетокот на денешниот министерски состанок изјави дека за целата наредна година ќе бидат потребни „многу пари“ за Украина, односно, како што рече, по најмалку една милијарда долари месечно.
Според него, на овој начин ќе се обезбеди Украина да остане во што е можно посилна позиција за борба, но и за преговарање кога ќе почнат вистинските мировни преговори.


































