фото: Кабинет на претседателката

Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) открива системски недостатоци во имплементацијата на Истанбулската конвенција. Многу од подзаконските акти не се донесени. Државата има формална, но нема суштинска посветеност на проблемот, врзан за заштитата на жените. Ова е заклучокот од денешната јавна расправа посветена на „Имплементацијата на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција)“, која се одржа во Собранието во организација на Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова нагласи дека Извештајот на ДЗР за имплементацијата на Истанбулската е полн со индикатори, законски основи, институционални факти и критички гледишта и открива системски недостатоци во имплементацијата, односно слабости во самиот државен систем. Посочи дека целта е многу јасно дефинирана – таа е насочена кон оценка дали македонските институции обезбедуваат ефективни специјализирани услуги за жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

– Кои се клучните системски проблеми според документот и мојата критика? Да, рамка постои, но таа не функционира. На пример, ако 38% од активностите на акцискиот план не се реализирани, а 19% делумно, имаме проблем. Недостасува исто така национална стратегија по 2023 година – таа е можеби клучниот документ. Понатаму, многу од подзаконските акти не се донесени. Моето критичко гледиште е дека државата има формална, но нема суштинска посветеност на проблемот, врзан за заштитата на жените. Правните акти се носат, но не се операционализираат. Недостигот на подзаконски акти понекогаш ја парализира работата, а мислам дека отсуството на стратегија по 2023 година е голем пропуст кој мора да се коригира. Кратко за институционалната рамка: националното координативно тело, мене познато од времето кога седев овде во овие простории, како да не ги исполнува задачите. Центрите за социјална работа, колку што гледам од извештајот, немаат соодветен кадар и недостига функционална анализа. Понатаму, лиценцирањето на невладините организации за специјализирани услуги е запрено, и на крајот остануваат само три центри за проблемите поврзани со сексуалното насилство. Можам да заклучам дека повторно имаме институционална дисфункционалност – има закони, има тела, но поради причините што ги наведов, тие не можат да функционираат – рече Давкова.

Претседателката потенцира дека без анализа на трошоците, не можете да планирате ефикасна мрежа на услуги.

– Понатаму, не можам да препознаам прецизни критериуми за распределба на државните средства. Коментирам дека еднократната парична помош не е доволна. Престојот, колку што гледам во засолништата, е временски ограничен – од 3 до 6 месеци, што е недоволно понекогаш за реинтеграција на личностите. Кога зборувам за личностите, мислам на семејствата, на мајките и на децата. Постоечката распределба на финансиите, според податоците, страда од нетранспарентност. Каде што нема транспарентност, има плодна почва за арбитрарност. И кога ги споменав жртвите и ограничувањето на престојот во шелтер-центрите, тоа значи опасност од нивно враќање повторно во ризик, што може да доведе до повторна виктимизација или до ревиктимизација. На тоа, впрочем, укажува и самиот извештај. Националната платформа за интероперативност постои, меѓутоа институциите не внесуваат редовно податоци, а Правилникот за интегрирано прибирање на податоци не е донесен а мора да биде донесен. Најважното е државата да има релевантни, целосно релевантни податоци за проблемот. Ако немате податоци, не можете да креирате политика, не можете да креирате финансирање, а особено не можете превентивно да делувате. Недонесувањето на правилникот директно ја неспособува имплементацијата. Има стратешки документи, вели извештајот, но не се спроведуваат. Постојат институции – не функционираат. Постојат услуги – не се доволно квалитетни. Постојат финансии – не е јасно дали се доволни и дали се добро распределени – рече претседателката Силјановска Давкова.

Катерина Чалоска Алексовска, помошник на главниот државен ревизор нагласи дека ревизорските извештаи немаат за цел да критикуваат, туку да идентификуваат слабости и пропусти во системот и преку јасни и конкретни препораки да придонесат за подобрување на состојбите. Посочи дека државните ревизори се партнери на институциите во државата. Таа информира дека нивните ревизорски активности биле насочени кон пет клучни области, во кои детектирале одредени слабости и ризици: Нормативната рамка за обезбедување на специјализирани услуги за жртвите на семејно и родово базирано насилство, Институционалната организациска поставеност, Одржливо финансирање на центрите кои даваат услуги за жртвите, како што бара Истанбулската конвенција, Превенција и заштита на жртвите, како и реинтеграција на сторителите и Мониторинг и следење на дадените услуги.

– Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција се однесуваше на периодот 2018–2023 година. Тој претставува солиден стратешки документ, со јасно дефинирани активности, институции, рокови и очекувани резултати. Целта беше да се постигнат три клучни барања: Усогласување на законската рамка со одредбите на конвенцијата, Воспоставување сервиси за унапредување и заштита на жртвите и Обезбедување одржливо финансирање од државниот буџет и спроведување активности за превенција. Планирани беа 52 активности, од кои: реализирани се 22, 20 не се реализирани, а 10 се делумно реализирани. За периодот по 2023 година, не е донесена нова Национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство, ниту дел од подзаконските акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, што е од особено значење, пред сè за интегрирано собирање на податоци – рече таа.

Чалоска Алексовска потенцира дека во 2023 година се направени значајни измени во усогласување на Кривичниот законик со барањата на Истанбулската конвенција, со кои опфатено е сексуалното насилство и други активности, но она што конвенцијата го бара е гонење на сторителите и спречување на неказнивост преку инкриминирање на сите форми на насилство – не само физичко и сексуално, туку и социјално, психолошко, како и современото дигитално насилство. Потенцира дека потребно е да се инкриминира психолошкото насилство и да се обезбеди можност секоја телесна повреда да се гони по службена должност, а не само по предлог на жртвата. Ова, како што рече, е потреба за дополнително уредување на Кривичниот законик.

Таа истакна дека реинтеграцијата е еден од принципите на кои се заснова Истанбулската конвенција, но, како што посочи, за жал, во периодот опфатен со ревизијата отсуствува системско делување во овој дел, бидејќи програмата е донесена дури во 2024 година.

– Самата програма претставува упатство за постапување, но не содржи информации за потребните средства, конкретни мерки, рокови или извори на финансирање. Затоа сметаме дека е потребно доуредување на оваа програма. Според известувањето доставено до Државниот завод за ревизија, овој дел ќе биде разработен во новата стратегија преку конкретни мерки, активности и индикатори. Истанбулската конвенција бара воспоставување на центри за жртви на родово базирано и семејно насилство – засолништа, советувалишта, кризни центри и СОС линии. За сите овие постојат стандарди кои се однесуваат на бројот на жители. Она што го утврдивме е дека распространетоста на функционални центри за давање специјализирани услуги е недоволна, а дел од нив не ги исполнуваат барањата за простор, локација и опрема. Според бројот на жители, државата треба да има 184 легла во засолништа, но има само 67, што претставува 37% од потребниот број. Од нив, 48 се во засолништа воспоставени од Центрите за социјална работа, а 19 од невладини организации. Во делот на советувалиштата, потребно е да има 19, но има само 11 (59% од потребниот број), од кои 7 се во рамките на Центрите за социјална работа, а 4 од невладини организации – рече Чалоска Алексовска.

Потенцира дека Центрите за социјална работа не се доволно кадровски опремени и вршат бројни активности во делот на социјалната заштита. Посочи дека Законот предвидува лиценцирање на давателите на специјализирани услуги, но процедурата е обемна и дел од ставките не се завршени, што доведува до ситуација дел од давателите да немаат лиценца. За жртвите на сексуално насилство, како што рече, специјализирани услуги обезбедува Министерството за здравство согласно интерна процедура. Според неа, потребно е да се формираат кризни центри за заштита на жртвите од силување, но во државата постојат само три: Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, Клиничка болница – Тетово и Општа болница – Куманово. Потенцира дека моменталниот износ кој се доделува за секоја жртва корисник на овие услуги е од 34.000 до 36.000 денари, но поради отсуство на критериуми и методологија за утврдување на надоместокот, не може да се каже дали тоа е доволно за обезбедување квалитетни услуги. Она што недостасува и претставува голем проблем, рече таа, е специјализирана програма за психосоцијален третман на сторителите на семејно насилство. Потенцира дека сè додека не се работи со сторителите, проблемот ќе продолжи да постои во општеството.

Посочи дека особено важно да се нагласи е дека не се предвидени специфични мерки за заштита, превенција и реинтеграција на жртвите. Специјализирани услуги подразбираат индивидуален пристап, прилагоден на секоја жртва. Кај нас се обезбедува е привремен престој во центрите за привремен престој и паричен надоместок.

– Времетраењето на престојот е од 3 до 6 месеци. Во исклучителни случаи престојот може да трае до една година, но сметаме дека тоа не е доволно за целосна реинтеграција на жртвата и обезбедување соодветна помош. Друга причина, утврдена преку разговори со здруженијата кои даваат специјализирани услуги, е тоа што на територијата на државата нема доволно функционални центри за заштита на жртвите. Понекогаш жртвата е принудена да го напушти местото на живеење, да замине во друг регион или град, да го напушти целото свое опкружување и да живее изолирано. Ако при тоа не се обезбеди услуга за преквалификација, доквалификација или можност за вработување, жртвата останува без финансиска поддршка и често се решава да ја повлече пријавата и да се врати во насилната средина. Не секогаш жртвите бараат сместување или финансиска поддршка. Често апелите и пријавувањето на насилството се заради заштита од сторителот – да им се гарантира основното право на безбедност и сигурност, загарантирано со Уставот. Ако екзистенцијалното прашање е решено, жртвата може да живее економски независно, но прашањето е: кој гарантира дека утре, кога ќе излезе на улица или ќе се врати дома, нема повторно да се соочи со сторителот – рече Чалоска Алексовска.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски нагласи дека имаме напредок, бидејќи Акцискиот план на Владата е во фаза на ажурирање, каде што се наведени и постигнатите резултати, но и она што не е реализирано, со следни чекори за понатаму. Потенцира дека во изминатиот период преземени се значајни конкретни чекори – донесени се клучни подзаконски акти потребни за имплементација на законот, како правилници за проценка на ризик, за извршување и следење на итни и привремени мерки за заштита, усвоен е протокол за меѓуинституционална соработка и програма за реинтеграција на жртвите, која овозможува пристап до услуги за економска, социјална и психолошка стабилизација, изготвена е евалуација на акцискиот план 2018–2023, врз основа на која се подготвува нова Национална стратегија за превенција и заштита од насилство 2026–2033, со акциски план 2026–2029, кој се очекува да биде разгледан и усвоен во Собранието. Нагласи дека со поддршка на меѓународни партнери изработени се анализи и прирачници кои овозможуваат стандарди засновани на докази и современи пристапи за справување со сите форми на насилство, вклучувајќи и оние преку технологија.

– Особено значајно е подигнувањето на јавната свест. Спроведена е широка комуникациска кампања „Помош за живот без насилство“, која достигна до повеќе од 1 милион граѓани. Во 2025 година кампањата продолжи со нова порака „Не биди нем сведок“, со видеа, постери и содржини кои поттикнуваат препознавање и пријавување на насилството. Континуирано ги градиме капацитетите на професионалците. Повеќе од 300 стручни лица од различни институции се обучени преку мултисекторски програми. Соработката со судството, обвинителството и полицијата резултираше со серија специјализирани обуки за кривични дела поврзани со родово базирано насилство, дигитално насилство и фемицид. Обуки се спроведуваат и во Министерството за здравство, образование, внатрешни работи, како и во Академијата за судии и јавни обвинители. Воспоставуваме интегриран социјален систем за собирање точни и сеопфатни статистички податоци за родово базирано насилство, што досега недостасуваше. Ова е основа за креирање правилни политики. Со одлука на Владата во 2025 година воспоставено е национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата, кое ќе го води процесот на планирање и надзор и ќе ја финализира стратегијата 2026–2033 – рече тој.

Велковски порача дека борбата против насилството врз жените и семејното насилство не е само правна обврска – тоа е лична обврска за секој од нас.

– Тоа е борба за достоинство, живот и безбедност на секоја жена, мајка, девојка која се соочила со насилство. Во оваа борба нема место за поделби или политички калкулации. Ова е тема која не обединува и бара заеднички ангажман – изјави Велковски.

Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите потенцира дека во изминатиот период сведочиме на одреден институционален напредок, но исто така и на големи предизвици – недоволно ресурси, потреба од подобрена меѓусекторска соработка, јакнење на капацитетите на службите, како и градење доверба кај жртвите за да го побараат своето право на заштита и поддршка. Посочи дека тоа укажува на фактот дека не е доволно само да носиме закони и стратегии – потребно е да градиме култура на почит, рамноправност и поддршка. Статистиките, за жал, остануваат поразителни и бараат институционална и општествена будност.

– Според статистичките податоци од Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од годинава извршени се вкупно 512 кривични дела во врска со семејното насилство, од кои најголем број случаи се извршени од страна на мажи – вкупно 474, а повеќето завршиле со телесни повреди. Додека податоците од Министерството за социјална политика, демографија и млади покажуваат дека во последните четири години (2020–2024) за 20% е зголемен бројот на жени жртви на семејно насилство. Тука ќе го додадам и фемицидот – едно од најактуелните општествени прашања не само во Македонија, туку и во целиот регион. Во последните 10 години, повеќе од 110 жени беа убиени, а во повеќе од 70% од случаите сторителите се нивните интимни партнери. Истанбулската конвенција ни обезбедува цврста рамка која ги зајакнува превентивните мерки за заштита на жртвите и гонење на сторителите. Таа обврзува на специјализирани служби, како што се кризни центри и бесплатни телефонски линии, кои се од суштинско значење при помагањето на преживеаните повторно да ги изградат своите животи – рече таа.

Нагласи дека спречувањето на насилството почнува со свест и општествена промена, при што едукацијата на заедницата е клучна.

– Кога младите се учат на здрави врски и еднакви можности, помала е веројатноста дека ќе го продолжат циклусот на насилството. Дозволете ми да подвлечам дека решавањето на насилството врз жените не значи само заштита на жените – тоа значи градење општество во кое секој може да живее без страв. Кога жените се безбедни, тие можат целосно да учествуваат во економскиот, политичкиот и општествениот живот – рече Пешевска.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска истакна дека насилството почнув од дома, од семејјството и продолжува на улицакаде што гравитира.

– Секој од нас да се замислиме колку секој од нас е виновен. Какви програми, не само образовни во образовните институции, какви програми им презентираме на децата? Каква содржина имаат цртаните фирлмови? Што гледаат? Што слушаат? И тоа како сме обврзани да почнеме системски да пристапуваме кон овој проблем. Не само да го дијагностицираме, дури и не ни да посветуваме тони и тони хартија на која се обврзуваме, а за жал ДЗР презицнос ќе ви пресмета дека ниту 50 проценти не го реализираме. Време е за акција, за да не ни се повторува ова во начин и форма во која што го нотираме – рече Бендевска.