Кинематографско патување низ смртта, митот и преобразбата

Осврт за филмот „Мртов човек“ по повод 30-годишниот јубилеј од
официјалната премиера

„Мртов човек“ (Dead Man) на Џим Џармуш претставува едно од најзначајните деконструктивни читања на американскиот вестерн. Ова филмско остварување ја надминува жанровската рамка и преминува во метафизичка медитација за животот, смртта и просторот меѓу нив. Втемелено во шамански мотиви, автохтоната американска космологија и учењата што го согледуваат човечкото постоење како минлив привид, „Мртов човек“ го означува едно од најрадикалните естетски и концептуални транзитирања во опусот на Џармуш. Режисерот го напушта урбаниот минимализам на своите претходни дела и се впушта во подрачја на мит, тишина и контемплација, создавајќи визија што останува меѓу неговите најдлабоки и најзагадочни.
Вилијам Блејк, маестрално интерпретиран од Џони Деп, се појавува како имагинарна реинкарнација на англискиот поет и мистик со истото име. Неговото патување, започнато со пристигнувањето во индустрискиот пекол Машин, е процес на постепена дезинтеграција – телесна, психолошка и сензитивна. Градот Машин функционира како симболичка манифестација на модерноста што ја брише романтичната аура околу митот за Дивиот Запад. Џармуш овде ја поставува првата координата на својот критички дискурс: американскиот мит е празна форма, а неговата суштина одамна е проголтана од капиталот, насилството и случајноста.
Блејк не зачекорува во просторот на Западот како обичен патник, туку како фигура што мора да го напушти сопствениот материјален облик за да навлезе во подлабока форма на постоењето. Нарацијата на постепено умирање – втисната од првиот до последниот кадар – не е биолошка, туку онтолошка. Блејк станува „мртов човек“ пред да умре: неговиот премин е движење низ лиминален свет, меѓупростор во кој реалноста и визијата се преклопуваат. Во оваа зона се појавува Ноубади, хибриден архетип и духовен посредник, симбол на човечката потреба за смисла. Односот меѓу Блејк и Ноубади функционира како дијалог меѓу западната модерност и автохтоната спиритуалност, меѓу нестабилната европска рационалност и древното знаење на американскиот континент.
Просторот по кој се движат е истовремено географски и психолошки, но во суштината на филмот тој се преобразува во надреален, речиси космички пејзаж. Црно-белата фотографија на Роби Милер создава свет обвиткан со текстура на сон: минималистички разлеан простор во кој сенките, шумовите и тивките пулсации на природата изгледаат како сигнали од другата страна. Дивината не е само топографија – таа е место каде што времето се разградува, а границите на реалноста стануваат флуидни.

Музиката на Нил Јанг – импровизирана, редуцирана и речиси аскетска – претставува аудитивен одраз на филмскиот ритам. Нејзината едноставност ги отвора празнините меѓу значењата, создавајќи звук што истовремено сведочи и го поддржува светот на филмот како секундарно, вибрирачко тело.
Во завршната сцена, чамецот што тивко се одвојува од брегот ја зацврстува симболиката на крајниот премин. Џармуш го прикажува Блејк на самата граница помеѓу животот и смртта преку впечатливо поетизирани кадри, кои функционираат како мост меѓу античките и автохтоните митологии – од реката Стикс до ритуалите на домородните култури. Кануто што се лизга кон океанот не е само визуелна композиција туку тоа е метафизички акт на враќање, излез од наративната реалност и премин во духовната мистерија.
Од филмолошка перспектива, „Мртов човек“ претставува темел врз кој Џармуш ги гради своите подоцнежни истражувања на духовноста и филозофијата. „Кучето дух“, „Граници на контрола“ и „Само љубовниците остануваат живи“ продолжуваат да го развиваат мотивот на субјектите што живеат во меѓупростори – фигури што се движат низ светот како привремени посетители ориентирани кон нешта што го надминуваат материјалното.
Влијанието на „Мртов човек“ врз современата авторска сцена е значајно. Филмот го репозиционира вестернот надвор од традиционалните кодови и го преобразува во интимен, психоделичен автопортрет на човечката душа. Со својата аскетска форма и хипнотичка атмосфера, филмот го претставува Западот како симболички простор – многу поширок и подлабок од неговиот историски запис.
Во рамките на есид-вестерн традицијата, делото на Џармуш претставува еден од најчистите и најрепрезентативни примери. Не поради експлицитните психоделични ефекти, туку поради надреалноста, фрагментарноста и уникатната атмосфера што го обвива секој кадар. „Мртов човек“ го редефинира митот за Западот, сведувајќи го на архетипски процес на раѓање, умирање и на преобразба.
Клучната поента што се открива со секое ново гледање е дека животот и смртта не се спротивставени состојби, туку различни облици на истото постоење. Блејк не исчезнува – тој се враќа кон сопствената изворна природа, надминувајќи ја илузијата на материјалноста.
„Мртов човек“ останува едно од најрефлексивните и најсакани остварувања на Џармуш – филм што егзистира меѓу жанрот и постжанровската иронија, меѓу материјалното и визионерското, меѓу животот и сенката на неговиот завршеток. Како филмска поема, антивестерн и медитативна филозофска одисеја, делото ја обединува критиката на американскиот мит со интимната приказна за човек што, соочен со неизбежниот крај, конечно ја согледува вистинската природа на светот што го опкружува.