Фото: Тимчо Муцунски/Фејсбук

Ние како држава остануваме посветени на спроведувањето на своите меѓународни обврски и ќе продолжиме да бидеме конструктивен и предвидлив партнер во регионот, но прашањата за македонскиот јазик и идентитет и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат предмет на преговори, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во обраќањето на 24-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, што започна попладнево во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.

– Кога прашањата за јазикот, идентитетот или националните наративи се претвораат во формални услови во рамките на пристапниот процес, штетата оди подалеку од едно билатерално досие. Тоа го поместува процесот подалеку од јасните правни критериуми во област каде што ниту една земја кандидат не може да се чувствува безбедно. Тоа создава преседан што другите ќе бидат во искушение да го повторат и испраќа порака до нашата јавност дека може да се преговара за тоа „кои сме ние“. За нас, македонскиот јазик, македонскиот идентитет и достоинството на нашиот народ не се и не можат да бидат точки на преговарачката маса – рече Муцунски.

Според него, може да се преговара за владеење на правото, за стандарди, политики и за функционирање на институциите и ако ја задржиме оваа јасна динстинкција, ќе го заштитиме и процесот на проширување и почитувањето на нашите општества.

– Да се биде добар сосед значи и да се биде искрен еден со друг. Континуираното блокирање на следните чекори во нашиот пристапен процес од страна на Бугарија, не ѝ штети само на нашата нација. Тоа го ослабува стратешкиот кредибилитет на проширувањето во целиот регион и на долг рок не им служи ниту на интересите на Бугарија. Стабилен и просперитетен сосед ориентиран кон ЕУ на западната граница на Бугарија е предност, а не закана – рече Муцунски.

Според него, македонските и бугарските граѓани бараат олеснувања во преминувањето на границата, во трговијата, соработката и студирањето и затоа во меѓусебните односи треба да се користи логиката со инвестирањето во Коридорот 8, кое покажа дека двете земји може да соработуваме кога избираат конкретни проекти, наместо апстрактни спорови и кога градат патишта, железници и енергетски врски наместо нови поплаки.

– Сакаме односи со Бугарија кои се дефинирани со споделени можности, а не со трајна блокада. Ќе продолжиме да ги почитуваме нашите меѓународни договори и сме подготвени да ја продлабочиме соработката секаде каде што таа носи опипливи придобивки за нашите граѓани во поврзувањето, енергетиката, образованието, културата и разни други прекугранични проекти – додаде Муцунски.

Тој потенцира дека нашето општество не е евроскептично и нашите граѓани веруваат во европскиот проект, во владеењето на правото, во човековото достоинство и во пазарната економија.

– Сомнежите кои почнаа да се појавуваат, не се околу идејата за Европа, туку за темпото и предвидливоста на процесот. Во опасност сме да станеме не евроскептици, туку европесимисти. Општество кое верува во Европската Унија, но не е секогаш убедено дека вратата е навистина отворена – изјави шефот на македонската дипломатија

Според него, одговорност и на македонските институции и на ЕУ е да се надмине овој песимизам и да се покаже дека има и добри работи.

– И покрај сите фрустрации, мојата земја остана на курсот. Денес, ние сме 100 проценти усогласени со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, не 95, не 98, туку 100 проценти. Самото усогласување не е лесно. Ние стоиме до Европската унија во врска со Украина и за санкциите и во одбраната на меѓународниот поредок заснован на правила. Најновиот извештај на Европската комисија јасно го признава ова и тоа е нешто на што ние како држава сме горди – рече Муцунски.

Тој нагласи дека нашата поддршка за Украина, спроведувањето на режимот на санкции и нашата активна улога како сојузник на НАТО, покажуваат дека нашата држава не од тие што само чека во ходниците на Унијата, туку дека веќе придонесува за европската безбедност.

Муцунски потсети и дека ние бевме првата земја од Западен Балкан што склучи партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, што, како што рече, не е само симболичен гест, туку стратешки избор за поврзување на нашата со безбедносната архитектура ЕУ и изградба на интероперабилност и заедничка отпорност, бидејќи безбедноста на регионот и на Европската Унија се една иста приказна.

– Паралелно се движиме напред според Планот за раст на ЕУ и Реформската агенда. Фокусирани сме на економскиот раст, на задржување на младите луѓе дома, на привлекување инвеститори и на инвестирање во поврзаност и дигитална трансформација. Ова не се само реформи за доброто на Европската Унија, туку реформи за нашите граѓани, кои стануваат посилни и поодржливи кога се вклопени во европската рамка – рече Муцунски.

Според него, усогласувањето со поплитките на ЕУ и спроведувањето на реформите, треба да се претвори во конкретни чекори напредм со што ќе се испрати јасна порака до граѓаните дека напорите, усогласувањето и посветеноста навистина се ценат.

– Она што го бараме е процесот на пристапување во ЕУ да функционира според сопствените принципи, без притоа прашањата за идентитетот да се користат како пречка за земја која е целосно усогласена со вредностите и политиките на ЕУ – рече Муцунски.

Тој потенцира дека нашата држава и нашиот народ остануваат цврсто проевропски настроени, веруваат во Унијата и вредностите што таа ги претставува и тоа не гледаат како на нешто туѓо, туку како на нешто што е наше.

– Она што го бараме за возврат е партнерство со многу јасна перспектива. Процес што е предвидлив, базиран на заслуги и разбирлив за нашите граѓани. Ако го направиме ова заедно, убеден сум дека можеме секој облик на европски песимизам да го претвориме во европски оптимизам, во нашата земја, во нашиот регион и низ целиот наш заеднички европски дом. Времето пред нас може да биде време на одлуки и на можности. Нашата држава е подготвена да го даде својот придонес – заклучи Муцунски.

На состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет свое обраќање имаше и министерот за европски прашања Орхан Муртезани.