- Сведоштва за македонските печалбарски преселби како градители, врвни мајстори и градежни работници, со посебен осврт кон дебарските градители со документирани историски сведоштва и извори, преку извадоци од книгата „Дебар и Дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски…
Дебранците во Солун работеле како градежници, млекари, терзии и друго. Приливот на дебранци во Солун бил постојан до крајот на османлиското владеење, т.е. до Балканските војни, кога Дебарската колонија пораснала на 1.200. Дебранците во Солун биле цврсто поврзани меѓу себе, при што заемно се помагале, а притоа ги негувале своите стари обичаи, но и мијачкиот јазик. Од друга страна, поради својата бројност и приврзаност кон мајчиниот јазик, тие го засилувале словенскиот елемент во градот, како своевидна противтежа на грчкиот.
Дебранците во Солун имале значајна улога за време на словенската преродба во градот. Некои од нив одржувале блиски врски, а со тоа остварувале влијание врз претставниците на локалните власти. Токму поради тоа издејствувале дозвола за подигање словенска црква и училиште во градот. Покрај дебранци, во Солун имало големи колонии од кукушани, велешани, штипјани, прилепчани и од други краишта на Македонија. Дебарчани во Солун биле особено препознатливи по својата носија и својот специфичен македонски дијалект. Во своите спомени А. Шопов дава интересни сведоштва за дебранците во Солун. Во „Плако книжница“ од 1817 година, која е напишана на грчки јазик и која е сочувана во црквата „Св. Кирил и Методиј“, се запазени имињата на членови од Дебарската колонија што дејствувале во рамките на терзискиот еснаф во Солун.
Во 1941 година оваа плакокнижница е препишана со словенски букви од Велјо Негрев, родум од селото Селце – Дебарско. Според овој препис, сите членови на терзискиот еснаф биле дебранци. Споменатиов еснаф постоел и пред 1817 година, а истиот егзистирал до формирањето на градежниот еснаф. Со појавата на новата европска облека („а ла франга“), старото терзиство почнало да замира, но затоа пак на негово место се развил градежниот еснаф, кој е формиран во 1865 година. Постоењето на терзискиот еснаф пред 1817 година покажува дека дебранците оделе на печалба во Солун уште до XVIII век. Терзискиот еснаф на дебранци во Солун, кој ги застапувал интересите на споменативе занаетчии, претставувал значајна организација, која имала влијание и врз идните процеси во градот. Треба да се истакне дека Дебарската еснафска организација одиграла голема улога во општествениот и културно-просветниот живот на словенското христијанско население не само во Солун туку и воопшто во Македонија. Особено е значајна нивната улога во сферата на образовното издигање, бидејќи тие помагале при отворање училишта, ангажирање наставници и издршка на ученици, но и при лобирање пред властите за издавање разни дозволи. Дебарскиот еснаф и воопшто дебранците активно учествувале во борбата за еманципација од Цариградската патријаршија, притоа пријавувајќи се како нејзини морални организации, но и материјални издржувачи. Тие помагале при градба и обнова на цркви и манастири, при купување камбани. Но како занаетчии особено учествувале при изработка на разни иконостаси. Токму во овој период од рацете на дебарските копаничари потекнуваат ремек-дела во македонската уметност и култура. Најдобар пример за тоа е иконостасот во манастирот „Свети Јован Бигорски“, како и во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Со материјална помош на еснафите биле подигнати црквите и манастирите. Во овој период се остваруваат и ремек-дела на македонската уметност и култура – иконостасот на манастирот „Св. Јован Бигорски“ и иконостасот на „црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Славистот Глигорович, кој патувал низ Македонија во 1844 година, пишува: „Мене особено ми беше важно зближувањето со работниците што се во Солун. Особено од Дебар“.

Дебранците со себе воделе и малолетни деца. Еден од таквите е и Вељо Негрев (Јордан Иванов, Блгарите в Македонија, Софија, 1915 г., стр. 103). Татковците на овие деца не само што се грижеле да им дадат занает туку исто така ги испраќале на училиште. Бидејќи словенско (бугарско) училиште немало, децата не сакале да учат во грчко, вели Вељо Негриев. Поради тоа татковците тргнале да бараат учител што ќе ги учи на словенско писмо, какви што биле јерономонасите од манастирот „Свети Јован Бигорски“, Анатолиј и Иларион, родум од селото Лазарополе, Дебарско.
Во тоа време јеромонасите од Зографскиот манастир на Света Гора играле важна улога за зачувувањето и закрепнувањето на моралниот словенски дух. Еден од нив бил и архимандритот Анатолиј. Тој по враќањето од Русија управувал со Зографскиот манастир. Додека, пак, архимандритот Иларион управувал со имотите на манастирот „Кипријана“ во Бесарабија. Таму бил ученик и Хаџи Партениј Нишавски, заменик на архимандритот Анатолиј во рускиот царски двор и Зографскиот манастир.
Имајќи го предвид знаењето на споменативе духовни лица, терзискиот еснаф во Солун го поканил монахот Исаија од рускиот манастир во Света Гора да ги учи нивните деца на словенски јазик. Тоа било во 1832 година. Во почетокот кај него иделе 25 деца. Децата работеле по букварот на архимандритот Теодосиј „Начали обученија“. Оттука А. Шопов извлекува заклучок дека оттогаш датираат обидите за отворање бугарско училиште и црква во Солун. Меѓу иницијаторите биле и дебранците: мајстор Јосиф Гешков од селото Галичник, Петко Деспотов од селото Радоешта, Стојан Бегов од селото Формица и Вељо Негрев од селото Селце, сите од Дебарско. Училиштето било издржувано од терзискиот еснаф во кој биле обединети дебранците.
Професорот Јордан Иванов во зборникот „Солун“, во статијата „Дебраните во Солун“ (стр.143), го пишува следното: „Вељо Негрев во своите белешки го пишува како печатар и книжевник Теодосиј од Дојран, кој ја основал во 1833 година првата бугарска печатница во Солун“.
Негрев уште се сеќава: „Во тоа време се наоѓаше во нашата црква еден духовник со име на светиот син и тој се пожали на своите духовни народни чеда зошто децата немаат книги за да учат, се нажали и донесе печатница за буквари со црковни букви и со два јазика, бугарски и грчки“. Авторот ги советува младите да не ги заборават народната искра и Кирил и Методиј, кои се извор за нашиот народ, кои нѐ напоиле со духовна посветеност и со словенска писменост. Вељо Негрев, тој малку учен Македонец, своите белешки ги завршува на 6 февруари 1874 година со една поговорка: „Пишувам јас, Вељо Негрев, и ви се молам што грешив да ми простите браќа, зошто само еден Бог е без грев и пак ви се молам и ве заречувам за искрата и изворот да печалиме и тие по нас подобро да ја запалат искрата и да направат голем оган“.
По отворањето на училиштето се формирала и Црковна училишна општина, која имала 12 члена, а меѓу нив и неколку видни дебранци: Георги Динков, Јосиф Јанков од селото Косоврасти и Петар Танков, ќаја од селото Галичник.
Првата работа на овие општинари била Солунската општина да добие сопствена црква, односно да се побара да се отстапи една од патријаршиските цркви, во која се служело на грчки јазик, богослужбата да се изведува на црковнословенски јазик. Меѓутоа, патријаршискиот владика Неофит им рекол: „Кој сака нека си направи црква, нашите цркви не ги даваме“. Поради тоа Дебарската колонија во Солун почнала да размислува за изградба на сопствена црква. За таа цел дотогашните еснафи се обединиле во еден единствен градежен еснаф, кој почнал да ги застапува нивните интереси пред официјалните власти. Во врска со тоа, Ѓуро Димитров Попов од селото Дренок, Дебарско, го има оставено следното сведоштво: „Од 12 години почнав да одам на печалба во Солун. Кога во Солун се формира градежен еснаф, јас веќе бев таму. Во него членуваа над 400 луѓе, глави на семејствата. Тој еснаф ги собра сите занаетчии – мајстори.
Главна цел на еснафот беше да ги застапува правата на работниците пред беговите и агите и да добие црква, тоа и го постигнавме. Штом се формира еснафот, само од дебрани се избра управно тело. За претседател беше избран Панајот Лазаров од селото Заборне, потоа се избраа членови по еден од секое село. Така од селото Себишта – Блаже Шага, од селото Стеблево – Дуко Уварков, од селото Гинеец – Вело Лубиков, од селото Клење -Тодор Куклев, од селото Вормица – Илија Мазников, од селото Заборие – Јосиф Пешев, од селото Требишта – Иван Стојков, од селото Радоша – Алекси, од селото Падинки – Миле, од селото Џепишта – Георги Џепишки, од селото Дренок – Митре Попов, од селото Модрич – Христо Гков, од селото Косоврасти – Саре, од Дебар – Стојан Азота и др.“ Тој се сеќава: „Штом се здружи еснафот, уште на првото заседание почнаа да се собираат пари за купување на потребното место за изградба на црква“.
Блаже Шага од селото Себишта, кој важеше за еден од побогатите и кој имаше своја куќа, која ја подари за црквата каде што требаше да биде нејзината градба и да заврши колку што е можно побрзо. На крајот тој завршува со констатација: „Втора грижа, не помалку лесна, беше наоѓање свештеник“. Се најде поп Петре од селото Зарово – Солунско, пуштен од ениџевардарскиот затвор, каде што лежел извесно време поради клевета од Грците, затоа што служел и пеел на словенски во Гуменџе. Но поп Петар повторно бил затворен и овој пат наклеветен од солунските Грци. Благодарение на еснафот тој брзо бил ослободен.
Дебраните имале не само познаство туку и големо влијание пред сесилните бегови и аги каков што беше Јусуф-бег, син на Гази Осман-бег. Поп Петар по ослободувањето продолжил да служи во црквата. Грците продолжиле со клевети… Така се создаде црквата „Свети Кирил и Методиј“ во маалата Кемер Капуси. Таа се изгради со големи напори на дебраните, со работа, со средства и со голема борба со Грците.
Во 1880 година, претседател на Црковната општина стана најподобниот – Козма Пречистански. За него и за дебранците пишува Царевна Миладинова Алексиева, ќерка на познатиот преродбеник Димитар Миладинов. Таа вели дека „Козма Пречистански е најзабележливата личност… висок, крупен човек, со орлов нос, со дамки на лицето, но со моќ и добродушен поглед во очите… тој растел во кичевско-дебарската Света Пречиста, од каде што го добил името“. Во неговото лице тие гледаа не само учител во гимназијата и голем духовник во црквата туку и човек што им го прославуваше името.
Автор: Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор
продолжува


































