Споредбен преглед на практични решенија и уставни модалитети за заштита на културниот суверенитет на други народи и држави
Многу национални устави вклучуваат одредби што директно или индиректно ги штитат своето културно наследство, културата и културниот суверенитет, честопати придружени и со пошироки гаранции за правата на малцинствата и нивната културна разновидност. Тие уставни одредби и механизми обезбедуваат конкретната држава да може да ги зачува својот уникатен културен идентитет и практики без надворешно мешање
Уставната заштита на културниот суверенитет од надворешни влијанија се решава преку комбинација од експлицитни уставни одредби, со примена и детална разработка на вродениот принцип на државен суверенитет во меѓународното право и во доменот на културата, но и со специфични и максимално разработени закони за заштита на сопственото културно наследство, како за мнозинскиот државотворен народ така и за другите етникуми, во нашиот случај етнички заедници. Многу национални устави вклучуваат одредби што директно или индиректно ги штитат своето културно наследство, културата и културниот суверенитет, честопати придружени и со пошироки гаранции за правата на малцинствата и нивната културна разновидност. Тие уставни одредби и механизми обезбедуваат конкретната држава да може да ги зачува својот уникатен културен идентитет и практики без надворешно мешање. Тие уставни одредби се засноваат врз фундаменталниот принцип на Повелбата на ООН (членот 2) дека државите генерално имаат право да управуваат сами со своите внатрешни работи, вклучувајќи ги и културните прашања, без надворешно мешање.
Уставите на многу земји, како на пример на Словачка, имаат експлицитни одредби за заштита на националната култура. Имено, во Уставот на Словачка се наложува заштита на словачката национална култура од надворешно влијание и овозможува културен суверенитет со овластување на државата да ја заштити својата култура од странско влијание, особено во прашања на етички или вредносни процени. Затоа Словачка моментално е вклучена во судска постапка со ЕУ во врска со словачкиот уставен амандман наменет да „ѝ обезбеди суверенитет на Словачка во вредносните, културните и етичките прашања“.
Натаму, надвор од Европа, земјите како Боливија, Бразил, Доминиканска Република или Венецуела… Имено, уставите на овие земји експлицитно го споменуваат и го вреднуваат нематеријалното културно наследство, сочинето од народни песни, специфични видови танцови и културни традиции, и тие веќе ги операционализираа таквите уставни одредби во разновидни заштитни законски и институционални мерки. Тие практични мерки директно и индиректно влијаат на културниот суверенитет на Боливија, Бразил, Доминиканската Република и Венецуела преку потврдување на националниот идентитет, воспоставување национална контрола врз културните ресурси, како и признавање на домородните културни права. Овие држави во своите устави експлицитно изјавуваат дека уникатните елементи на нивните култури се фундаментални за националниот идентитет и се под исклучива национална надлежност. Врз основа на соодветните одредби во своите конституционални акти, Боливија, Бразил, Доминиканската Република и Венецуела развиваат робусни и самостојни национални политики и институции во областа на културата и ја демонстрираат способноста на овие нации да ги дефинираат своите културни приоритети и да спроведат стратегии за нивна заштита, приспособени на нивните специфични контексти, независно од надворешните агенди. На тој начин овие четири држави во своите устави ги нагласуваат и ги зајакнуваат фундаменталната идеја и принцип дека културниот суверенитет му припаѓа на народот, а не на странски фактори.
Понатаму Индија: нејзиниот највисок правно-политички акт ја промовира заштитата на „богатото наследство на композитната индиска национална култура“ (членот 51) и ја гарантира слободата за одржување и развој на културните вредности. Посочувајќи, исто така на директен или индиректен начин, на вредностите на културниот суверенитет на Индија, но не само на Хиндусите како доминантен етнос туку и на сите други етнички групи што живеат во оваа огромна земја. Индискиот устав служи како примарен инструмент за заштита на суверенитетот на композитната индиска култура наспроти надворешните интервенционистички агенди, толку присутни во нејзиното минато.
За издвојување е и примерот на Индонезија, каде што Уставот и законите содржат строга обврска „владата да го заштитува културното богатство и да управува со него во корист на народот, како форма на остварување на националниот културен суверенитет“. Св.Т.


































