Како институција што треба да ги штити уставноста и законитоста, Уставниот суд честопати се нашол, благо речено, во позиција што оддавала впечаток дека можеби е под одредено влијание на политиката, велат експертите и истакнуваат дека постои и солидна можност многу од иницијативите за оценување на уставноста на актите, поврзани со актуелните политички случувања, да биле одбиени од судиите бидејќи не биле правно издржани, односно не биле соодветно изработени и поднесени од поднесувачите
Алијансата за Албанците неделава најави дека до Уставниот суд ќе поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за амнестија за настаните од 27 април во Собранието, а кој вчера беше објавен во „Службен весник“.
Од алијансата, чиј лидер Зијадин Села најмногу настрада во нередите, објаснија дека овој правен акт не овозможува еднаков третман за сите инволвирани во настаните, бидејќи, како што рече, тој што ги отворил вратите за да влезат демонстрантите ќе биде амнестиран, а тој што го спасил него – нема, бидејќи е директен учесник во настаните.
– Граѓаните веруваа дека ќе има реформи во правниот систем на последните избори, а правда мора да има – изјави Села.
Оваа иницијатива на Алијансата за Албанците е уште една од серија со речиси извесен исход, ако се има предвид како во принцип поминуваат барањата за преиспитување на уставноста и законитоста поврзани со актуелните политички случувања во земјата.
За потсетување е дека пред десетина дена, Уставниот суд со мнозинство гласови, шест за и три против, ги отфрли двете иницијативи поднесени на собраниската одлука за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија од 19 октомври годинава. Иницијативите, како што изјавија тогаш од судот, беа отфрлени бидејќи одлуката не претставувала пропис и не подлежела на уставно-судска оцена. Подносители на оваа иницијатива беа Светскиот македонски конгрес и адвокатот Томе Тодоровски од Свети Николе.
Претходно, во септември, Уставниот суд ја отфрли и иницијативата од политичката партија Левица и на Светскиот македонски конгрес, за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум за спогодбата од Мала Преспа, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година. Тогаш, за отфрлање на иницијативата гласаа седум уставни судии, а против беа двајца судии.
Во октомври, пак, Уставниот суд едногласно одлучи да не поведе постапка за поднесените претставки за оцена на уставноста и законитоста на ДУП И10 во општината Аеродром, кој ја опфаќа локацијата кај „Мајчин дом“, каде што треба да се изгради деветкатна станбена зграда, на што реагираа локалните жители, кои организираа и протести. По реакциите на јавноста, општината Аеродром издаде 15-дневна привремена забрана за изведување на градежните работи. Тогашната иницијатива до Уставниот суд за ДУП-от ја поднесоа 12 физички и правни лица.
Во контекст на овие случувања, стручната јавност со која се консултиравме има повеќе објаснувања. Тие сметаат оти Уставниот суд како институција што треба да ги штити уставноста и законитоста како и човековите слободи и права, честопати се нашол, благо речено, во позиција што оддавала впечаток дека можеби судот е под одредено влијание на политиката. Според нив, кога политиката ќе навлезе во правото, епилогот не е добар за никого ниту за граѓаните ниту за државата. Но експертите додаваат и дека постои солидна можност многу од последните иницијативи, за оценување на уставноста на актите поврзани со актуелните политички случувања, да биле одбиени од судиите бидејќи не биле правно издржани, односно не биле соодветно изработени и поднесени од поднесувачите.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека како по обичај Уставниот суд многу бргу и лесно се приспособува на политичките околности во земјава.
– Моето мислење е дека некои од одлуките имаат политичка заднина, а според мене тоа може да се види по одлуките на овој суд што се однесуваа на аболицијата и како тој сега се изјасни за неколкуте актуелни политички процеси – вели професорот.
Делумно со професорот се согласува и поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, кој вели дека сосема е можно во одлуките на Уставниот суд понекогаш да преовладува политиката, но тоа, како што истакна, би бил субјективен заклучок, бидејќи тој ја следи работата на оваа институција и не забележал сериозни прекршувања на Уставот.
Ивановски, коментирајќи ја последната најава на партијата Алијансата за Албанците, која соопшти дека ќе поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот за амнестија, вели дека според законот секој може да поведе иницијатива пред Уставниот суд, иако во конкретниот случај големи се шансите таа да биде отфрлена бидејќи тој лично во амнестијата не гледал повреда на Уставот и Собранието, според него, можело да донесе таков закон.
Законот за амнестија потпишан и објавен во „Службениот весник“
Претседателот Ѓорге Иванов го потпиша указот за прогласување на Законот за амнестија и со неговото вчерашно објавување „Службен весник“, тој стапи во сила. Тоа значи дека веќе тече рокот од 5 дена во кој, според законското решение, секој од осомничените, обвинетите или осудените ќе треба сам да побара амнестија во рок од пет дена, а судот и Обвинителството ќе имаат рок исто така од пет дена за да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не. Во предметот се обвинети вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Инаку, Собранието неодамна по скратена постапка со 95 гласа за, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година. Во согласност со законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата што извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица што ги пречекорите службените овластувања.