Емил Ниами, доктор по филолошки науки

  • Во моментов со мојата колешка од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ ги правиме последните корекции на монографијата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“, која го следи развојот на македонската лексикографија со детален опис на поважните речници, ни навести Емил Ниами

Емил Ниами e доктор по филолошки науки. Неодамна во печат излезе неговото ново дело „Семонимите во македонскиот јазик“, во издание на МИ-АН.
Емил дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, на групата за руски јазик и книжевност, во 1999 година. Активно се занимава со преведувањето, и тоа како од руски така и од англиски и од италијански јазик. Во 2007 година ја одбранил магистерската теза „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“ (ментор д-р Красимира Илиевска). Тој се потпишува на првиот Речник на паронимите во македонскиот јазик (2020), првиот Речник на антонимите во македонскиот јазик (2021) и на првиот Речник на хомонимите во македонскиот јазик (2022), а исто така е автор и главен редактор и на првиот Речник на медиумската писменост. Се занимава со теми од областа на лексикографијата, лексикологијата, социолингвистиката и традуктологијата.

„Семонимите во македонскиот јазик“ е уште едно дело со кое ја пополнувате празнините во македонската лексикологија. Што ве мотивираше да напишете токму дело за семонимите во македонскиот јазик?
– Семонимите не се материја што досега не била обработувана. За дел од нив имало и посебни секции во рамките на научни конференции во земјава, а тие се одделно опишани и во монографијата „Лексикологија на македонскиот јазик“ од професорката Симона Груевска-Маџоска. Она што за мене претставуваше предизвик е да се фокусирам токму на овие лексеми и на односите меѓу нив, зашто тоа е дел од мојот научен интерес и сакав да дадам една поопсежна експликација за нивното функционирање во македонскиот јазик. Секако, она што за мене е важно, а што на промоцијата го истакна и професорот Димитар Пандев кога зборуваше за неа, е што јас се обидувам да не користам строгонаучен стил, а тоа го правам со цел да им ја приближам материјата на што поширок круг читатели. Се надевам дека и со оваа книга успеав да ја остварам својата цел и дека таа ќе се најде во рацете на сите оние што ги интересира македонскиот јазик.

Каква е вашата дефиниција на „семоними“ и колку е важна оваа категорија во контекст на македонскиот јазик, во подобрување на јазичната писменост или јазичната култура кај нас?
– Семоними (од ст. грч. σημεῖον – знак, признак + ὄνυμα – име) е условен термин што ги опфаќа синонимите, антонимите, паронимите и хомонимите. Генерално, терминот семоними можеме да го детерминираме како лексеми што стапуваат во некаков меѓусебен однос според звучењето или според значењето, како и според референцијалните белези. Овој термин многу ретко се користи во литературата, а и не постојат некакви генерални толкувања за него во лингвистиката. Потребата од негово воведување во научната терминологија се огледа во тоа што синонимите, антонимите, паронимите и хомонимите се едни од најчесто разгледуваните лексеми како во лексикологиите на еден јазик, така и во контрастивни и компаративни анализи на два или повеќе јазици. Згора на тоа, ваквата група зборови се разгледува и од аспект на преведувањето. Уште една причина за нивно одделно групирање е што тие се предмет на многубројни лексикографски изданија. Во голем број јазици за односите меѓу лексемите (без оглед дали станува збор за формални или значенски) постојат одделни речници на синоними, антоними, пароними и хомоними. Исто така тие се опишуваат и во лексикографски изданија на два или повеќе јазика, најчесто како дел од лексиката што се однесува на лажните преведувачки парови.

Каква методологија користевте при составувањето на „Семонимите во македонскиот јазик“?
– Во монографијата главно се фокусирав на теориската постановка, при што ја користев домашната научна литература, но и голем број странски трудови што беа релевантни за оваа проблематика. Секако, со оглед на тоа што ѝ припаѓам на руската лингвистичка школа, мојот научен „рефлекс“ бараше од мене најпрво да создадам корпус со реални, вистински, постојни примери, како од белетристиката, така и од публицистиката и од медиумите, но и од социјалните мрежи. Тоа не беше многу лесна задача, но секако беше интересна, зашто при самиот процес на ексцерпција дознав многу нови работи и научив многу нови нешта, за кои не бев свесен дека можат да се инкорпорираат во мојата тема.
Семонимите можат да вклучуваат различни типови: антоними, синоними, хомоними, пароними. Дали „Семонимите во македонскиот јазик“ ги третира сите овие поткатегории или фокусот е само на одредени?
– Со оглед на тоа што во оваа монографија за првпат овие групи зборови се обединуваат под заеднички назив, можам да кажам дека во неа се разгледани сите четири споменати односи на лексемите во македонскиот јазик. Со оглед на тоа што претходно ги имав изработено речниците на паронимите, на антонимите и на хомонимите во македонскиот јазик, за нив бев, како што се вели, „на чисто“. Проблемот се појави кога требаше да се „позанимавам“ со синонимите, но тука од голема полза ми беше монографијата „Лексичката синонимија во македонскиот стандарден јазик“ од мојата колешка проф. д-р Симона Груeвска-Маџоска, со оглед на тоа што оваа категорија е предмет на нејзиниот научен интерес. Морам да бидам искрен и да кажам дека нејзиното експертско мислење во овој дел беше непроценливо, со што успеав да заокружам една целина којашто резултираше со издавањето на оваа книга.

Кои беа најголемите предизвици што ги сретнавте при составувањето на ова дело?

– Предизвиците во науката се секогаш мошне интересни, примамливи, па затоа и не ги сметам како некаква тешкотија, како некаков проблем, ами, напротив, како можност да најдам одговор, да дојдам до некаков заклучок. Во лингвистиката мошне се важни изворите. Кога велам „извори“ мислам и да се знае каде да се најде соодветна литература, истата критички да се простудира, а исто така е важно да се знае и каде да се најдат примерите врз кои потоа ќе се гради целата теориска структура. Со оглед на тоа што, за жал, немаме на располагање национален корпус за македонскиот јазик, примерите се собираа „пеш“, односно со читање книги, весници, портали итн.

Дали гледате некаков развој во семонимите на македонскиот јазик во текот на времето?
– Секако дека постои развој и тука треба да биде нашиот научен фокус – јазикот е жива материја и тој се развива, па оттука и односите меѓу лексемите се менуваат. Можеме да констатираме дека се појавиле нови синоними, нови хомоними, аналогно на тоа и нови антоними, а со развојот на средствата за информирање и со зголемената комуникација се појавуваат и нови случаи на паронимиска замена. Сето ова е мошне интересно за проучување, а тоа особено ме радува, зашто постои материјал што допрва треба да го анализираме.

На какви теми или проекти размислувате да истражувате понатаму во областа на лексикологијата/лексикографијата?
– Во моментов со мојата колешка од Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ ги правиме последните корекции на монографијата „Македонска лексикографија: достигнувања и перспективи“, која го следи развојот на македонската лексикографија со детален опис на поважните речници.

Како го гледате постоењето на вакви лексикографски дела врз јазичната култура и иднината на македонскиот стандарден јазик? Зошто е важно да се создаваат, објавуваат, проучуваат, читаат?
– Лексикографските изданија го фиксираат јазикот во определен временски период. Тие се мошне важни како од перспектива на актуелната сегашност, така и како материјал за анализирање на јазикот во иднината. Речниците се важен фактор во градењето на јазичната култура како на поединецот, така и на целото општество, со оглед на тоа што тие упатуваат како на значењето на самиот збор, така и на неговата употреба. Затоа сметам дека секој што внимава на својот говор, односно на сопствениот јазичен израз, задолжително треба да „се дружи“ со речниците.