Песни што ме тераат да играм
Еден ден моите домашни купија радио за дома, но не обично, туку од оние модерните за тоа време (пред многу години). На него имаше и часовник со бројки, кои беа поставени на мали метални плочки и се вртеа секоја минута, имаше правоаголен облик (25*10 см), некоја кафеаво-црна метална кутија и на него имаше копче со кое можеш да го наштелуваш кога да се исклучи или вклучи. Соседите доаѓаа да го видат тоа чудо на техниката, производ на „ЕИ Ниш“. Една од првите песни што ги слушнав на него беше „Летај, галебе мој тажен“ на Кире Костов, во изведба на Верица Ристевска. На мало дете како мене некако ми беше чудно како галеб може да биде тажен, па кога одевме на летување на далматинскиот Јадран, додека сите се капеа во морето, јас трчав по галебите сакајќи да фатам еден да му ја видам тагата во очите. Дује и Ловро беа локални рибари, на кои им беше чудно што прави ова дете, зошто им ги брка галебите. Им објаснив зошто го правам тоа и тие ми фатија еден галеб, велејќи ми дека галебите се нивни најдобри другари. Сѐ уште се сеќавам како тие го држеа, а ја му го допирав клунот за да му ги видам очите. Морам да ви кажам дека не видов тага во нив. Дује и Ловро ми рекоа дека тоа можеби не е тој галеб, па наредните денови заедно фативме десетина галеби, но ниеден не беше тажен. Иако морам да ви кажам дека не знам како изгледа тажен галеб. Со нив двајца сѐ уште сум пријател, сѐ уште се на море, остарени (поинаку стареат оние што живеат до морето) и сѐ уште се другари со галебите, иако и тие сѐ уште не виделе тажен галеб, а проверуваат редовно. Како што пораснав, соочувајќи се со сите предизвици, особено љубовни, сфатив дека Кире не ја напишал песната за галеб, туку за една тажна љубов. Нели сите, ама баш сите, ние имаме понекоја приказна за некоја наша тажна љубов. Е, тој галеб тажен подоцна ме воведе во светот на песните на Кире Костов. Грст, ма каков грст, шума од прекрасни забавни песни, кои се епопеја на еден период кога имаше големи оркестри, големи фестивали, кога луѓето трчаа по емоции. Доволно е само да се спомнат „Перонот три“, „Штом се сака“, „Кој да ти каже“, „На 223 – 305“, „Кога те нема“, „Тајно моја“, „Твоите очи, сине“, „Синот божји“… и уште околу 600 други песни, меѓу кои и џез-композиции.
Кире е академски школуван музичар, со посебен акцент на труба и пијано, диригент, композитор, аранжер, еден од ретките со толку голем и прекрасен опус. Веќе неколку години свири таму некаде горе по небесните полиња, оставајќи ни нам еден прекрасен опус. Во чест на таа негова оставина, во продукција на „БАГИ комуникации“ (Манде) се одржа целовечерен концерт на дел од неговите дела во зградата на Македонската опера и балет. Два и пол часа, дваесет и три композиции во изведба на еден куп реномирани пејачи. Се редат Ѓоко Таневски, Драган Мијалков, Александра Тарабунов, Биба Додева, Андријана Јаневска, Ана Петановска, Елена Ристевска и други пејачи, а како шлаг на крајот со еден прекрасен глас Јапонката Сигија Маконами, која ја испеа „Кога те нема“. Публиката на секоја песна пееше, играше, уживаше, камо да имаше уште време за уште песни. Оркестарот, диригентите, водителите – секој прекрасно ја исполни својата улога. Еден прекрасен концерт, една временска капсула што создаде мешавина од емоции. Кире веројатно е среќен, каде и да е. А јас сѐ уште го барам галебот тажен, оние двајцана Дује и Ловро штом фатат галеб му ја сликаат фацата и ми ги праќаат фотографиите мене. Имам многу фотографии од многу галеби, ама ниеден не е тажен на начинот на кој ние луѓето мислиме дека изгледа тагата. Можеби во нивниот свет тие се тажни, а сега гледам дека Кире можел да навлезе и во тој прекрасен свет на галебите и да им ја почувствува тагата. Благодарам, Кире, за сѐ што ни остави.
Љупчо Давчев


































