Со концерт на Драган и Ратко Даутовски, со рецитал на актерот Игор Трпчески и со доделување на наградите на годинешните лауреати, на 28 ноември во КИЦ „Романса“ во Македонска Каменица ќе се одржи свеченото отворање на третото издание на фестивалот „Јаков од Камена Река“.
Овој фестивал се одржува во чест на првиот македонски печатар Јаков од Камена Река, денешна Македонска Каменица, група ентузијасти и интелектуралци одлучуваат да го oрганизираат Meѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“.
За годинешното издание, наградените, многубројните настани и фестивалски активности, како и за настанувањето, целите и развојот на фестивалот, разговараме со директорот Миле Ѓориоски.

Јаков од Камена Река е првиот македонски печатар
Според Ѓорѓиоски , Јаков бил роден во шеснаесеттиот век во денешна Македонска Каменица и потекнувал од свештеничко семејство.
– Во записите што ги оставил тој запишано е следново:„Роден сум во Камена Река, во близина на Осоговските планини.. Моето почитувано свештеничко семејство на оваа древна земја живее веќе долго време…“ Кога тргнал по патот на создавањето на историјата на македонското печатарство од малата Камена Река тој ќе каже: „Ја оставив Македонија, мојата татковина зад мене и дојдов во Венеција“ – раскажува Ѓорѓиоски.
Во Венеција во 1566, Јаков во обновената печатница на Божидар Вуковиќ, ја отпечатил книгата „Часослов“ на црковнословенски јазик. Оваа книга е украсена со илустрации знаменца и вињети.
– Во поговорот за книгата Јаков пишува: „Излегов од Македонија, татковината моја, и влегов во западните земји близу до стариот Рим, во Венеција и таму ги најдов старите (печатни) калапи на војводата Божидар (Божидар Вуковиќ) кај сина му Винченцо, од многу време неупотребувани, и почнав да ги печатам овие мали книги, часословци тропари, кондаци, катадневни и псалми вечерни, утрени и часови сите по ред, и свети убрус и пасхалија Кирилова и параклис Богопесните Мојсееви, сите овие ги составив за секоја употреба. Книгата почнала да се печати во месец мај „петнаесети ден“, а печатењето е завршено во месец август „тринаесетиот ден во великолепниот град Венеција“ 1566 година – пренесува Ѓорѓиоски.
Примерок од оваа книга е пронајдена кон средината на 20 век во едно охридско семејство.
Идејата за обележување на ликот и делото на Јаков е од поодамна и со тек на времето таа созревала. Долго се разговарало на оваа тема со иницијаторот на овој фестивал Влатко Ситновски, се додека се направиле контурите на фестивалот за првиот македонски печатар.


Патувачка изложба на која се претставени 39 странци од „Часословот“
– На фестивалскиот одбор потоа нѝ се приклучи и нашиот познат типограф Ласко Џуровски кој им даде посебна димензија на идеите. Тој го направи и дизајнот за експонатите за изложбата, 39 страници од „Часословот“, одбрани и преведени на македонски јазик од страна на епископот делчевско-каменички г.Марко – вели писателот и афористичар Миле Ѓорѓиоски.
На секој експонат на левата страна е оригиналот на црковнословенски, а на десната преводот на македонски јазик. Изложбата досега е презентирана во Македонска Каменица, Делчево, Кичево, Крива Паланка, Гостивар, Скопје. Планирано е да биде поставена во повеќе градови во Македонија, а во соработка со Националните совети или пак здруженија на Македонците, оваа изложба предвидено е да биде претставена и пред дијаспората.
Фестивалот секоја година распишува конкурс за избор на најубав кириличен испис со краснопис на македонски јазик.
– Овој конкурс е под будното око на проф. д-р Георги Гоце Дуртаноски од универзитетот во Рига и нашиот најпознат типограф Ласко Џуровски. Интересот за овој конкурс е голем како меѓу учениците, така и меѓу сите љубители на убавото пишување – објаснува Ѓорѓиоски.
Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ во соработка со библиотеките од Македонија секоја година избира најчитан македонски автор и библиотека која дала најголема поддршка за печатење на книги од домашни автори. Годинава најчитан автор е Далибор Трајков, а библиотека со најголем број објавени книги од македонски автори е „Григор Прличев“ од Охрид.

Афирмација на краснописот и на глаголицата
– Фестивалот во текот на целата година организира работилници за убаво пишување. Се обрнува посебно внимание за негување на македонското кирилично писмо како и македонскиот јазик. Исто така ние ја актуелизиравме и глаголицата, односно Глаголица Нова на Ласко Џуровски и на нашите работилници децата се едуцираат како да се служат со глаголицата- објаснува Ѓорѓиоски.
Издадена е и книгата за деца „Во светот на палавите епиграмчиња“ од Миле Ѓорѓиоски која претставува прва книга во која покрај со македонско кирилично писмо детските епиграми се пишувани и со глаголица.
– Горди сме што интересот кај децата за глаголицата е многу голем. Имаме испечатено флаери со македонското кирилично писмо и глаголицата кои се делат на учениците што ги посетуваат нашите работилници – додава Ѓорѓиоски.
Фестивалот организира и промоција на значајни и посебни книги, како што се на пример „Радио“ и „Неправилен ритам“ на добитникот наградата за публицистика Љупчо Јолески или пак капиталните дела за македонската историја „Македонци милениумски сведоштва за идентитетското име” и „Писма од Љубомир Милетиќ до Афанасиј М. Селишчев” (историја на една мистификација) на уште еден наш добитник д-р Бранислав Светозаревиќ.
– Организиравме и литературен портрет на добитникот на наградата „Најчитан македонски автор“ според извештаите на библиотеките во Македонија, голем број изложби и промоции на македонски автори. Фестивалот е свртен кон сите кои го промовираат македонскиот јазик, нашето кирилично писмо, историја, култура – подвлекува Ѓорѓиоски.

– Нашиот фестивал ја негува љубовта кон македонската култура, историја, музика и наука. Ние сакаме кај луѓето да ја поттикнеме љубовта кон се она што низ векови, денес, а и во иднина ќе нѐ прави горди. Фестивалот секогаш е отворен за сите оние што со својата работа ја промовираат Македонија – завршува директорот на фестивалот Миле Ѓориоски.
Фестивалот „Јаков од Камена Река“ се реалзира под покровителство на Советот на Општина Македонска Каменица.
Георги Унковски, Драган Даутовски, Тони Цифровски и Македон Димитровски меѓу наградените на годинешното издание на фестивалот
Годинешни добитници на признанија од фестивалот „Јаков од Камена Река“ се Драган Даутовски за афирмација на македонската музика во светот, Марин Александров за постигања во науката за минерологија и рударство, Лазе Трипков за графички дизајн и промоција на македонската уметност, Тони Цифровски за афирмација на македонската публицистика и култура, Георги Унковски за промоција на македонскиот филм и култура, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп за исклучителни достигнувања во областа на театарската уметност, Македонската заедница во Хрватска за афирмација на македонските култура, образование и јазик, Гоце Панговски за промоција на македонската историја и култура во дијаспората, Гоце Наумов за промоција на македонската археологија и историја, Мирко Узелац за иновации, Кристина Паскоска за промоција на Македонијапреку антропологијата и етнологијата, Далибор Трајков за најчитан македонски писател во библиотеките во Македонија з 2025, библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид за најмногу објавени книги на македонски автори во 2025, Македон Димитровски за исклучителни достигнувања во областа на математиката, Македонското културно друштво „Охридски Бисер“ од Загреб и Ивана Брезовец за афирмација на македонските култура, јазик и обравозание во Хрватска.


































