Билјана Црвенковска, организаторка на „YES фестивал“
- Фестивал можеш да направиш и без речиси никаква финансиска поддршка ако имаш пријатели што ќе те поддржат, ама уште подобро е кога институциите имаат слух дека активностите и фестивалите наменети за помладата читателска публика не се помалку вредни од оние што се занимаваат само со „сериозна“ книжевност и „големи и сериозни“ автори, вели Билјана Црвенковска
Новото есенско-зимско издание на книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал – Млади европски приказни, млади креативци“ во организација на издавачката куќа „Чудна шума“ ќе се одржи на повеќе локации низ Скопје од 20 до 26 ноември.
Со промоција на книгата за слободата — и за нејзиното отсуство, „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски, фестивалот официјално се отвора утре во 20 часот во бистрото „Комедија“.
Ова издание на „YES фестивал“ се одржува во помал обем од пролетното издание, а фокусот е на три авторки: македонската писателка, драмска писателка и сценаристка Драгана Лукан Николоски, шведската авторка, илустраторка и уметница Ана Хоглунд и хрватската илустраторка Ванда Чижмек.
Фестивалот е повторно поделен на два дела: „програма за млади и за возрасни“ – или вечерна програма и детска програма. Подетално за изборот на програмата, новитетите и еволуирањето на фестивалот разговараме со иницијаторката и организаторка на фестивалот Билјана Црвенковска.
Ова есенско-зимско издание на „YES фестивал“ е во помал обем од пролетното. Што ви беше водечката идеја, што сакате да постигнете со ваков поинтимен формат на фестивалот?
– Ова издание на фестивалот е како продолжување на она што се случуваше во мај, но во мини-формат. Наместо да сме сконцентрирани на една локација со многу случувања, решивме да имаме неколку мали промоции на различни локации и повеќе работилници за деца што би оделе организирано преку библиотеките.
Сфативме дека едно пролетно издание на фестивалот не ни е доволно, особено затоа што многу книги излегуваат токму сега, овој период, а се ближат и празниците и е убав момент да донесеме гости-автори и да понудиме нешто за читателската публика од сите возрасти.
Во фокусот се три извонредни авторки. Како дојдовте до одлуката да им посветите посебно внимание токму на Драгана Лукан Николоски, Ана Хоглунд и Ванда Чижмек?
– Некако сѐ се поклопи – потврдата дека Ана и Ванда ќе дојдат во Скопје, објавувањето на романот во раскази на Драгана Лукан Николоски и, секако, главниот плакат на фестивалот, кој е илустрација од книгата „Да се биде јас“ на Ана Хоглунд, една прекрасна феминистичка книга за девојчиња во тинејџерска возраст, која се занимава со предрасудите околу улогата на жените и девојчињата, женското тело, созревањето и родовата еднаквост. И така излезе да имаме „женски“ фестивал, каде што фокусот ќе биде ставен на три женски авторки и на три книги што се наменети за три различни читателски публики: возрасни, млади и деца. И многу сум среќна што е тоа така, затоа што не се сеќавам дали имало книжевен фестивал каде што гостувале само женски автори и каде што промоторките и модераторките на настаните биле жени.

Фестивалот е структуриран на две јасни програмски линии – вечерна програма за млади и возрасни и детска програма. Што ви беше најважно да опфатите при креирањето на програмата?
– И на претходното издание на фестивалот имавме програма за сите читатели – деца, млади и возрасни. Првпат во мај организиравме промоција на еден роман за читатели над 18 години, „Денови на Блуграс-љубов“, во присуство на холандскиот автор Едвард ван де Вендел. Првпат имавме и промоција на поетска збирка во рамките на фестивалот, тоа беше хаику-збирката „Шах-мат“ на Теа К. и Гето Руди. Во тоа издание, каде што фокусот е пред сѐ на литературата за деца и млади, овие промоции одеа во еден вид „офф-програма“. Но, ова издание е поинакво затоа што сакаме да ставиме еднаков фокус на сите возрасни групи, иако, сепак, програмата за деца е најобемна, особено затоа што, преку соработката со Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и нејзините придружни објекти, успеваме да организираме одлични читачки и креативни работилници за деца од основните училишта од различни делови на Скопје. Оваа соработка трае веќе подолго време и поддршката што ја добиваме од нив ни овозможува фестивалот да го има овој формат – и, секако, овие прекрасни и значајни книги да допрат до што поголем број деца.
Ана Хоглунд важи за една од најистакнатите европски авторки за млади. Од каква важност е нејзиното присуство кај нас – и како авторка на графичкиот роман „Да се биде јас“, но и како гостинка на фестивалот?
– Ана Хоглунд е шведска авторка и илустраторка на книги за деца и млади. Таа се смета за една од најзначајните шведски илустраторки, а работела со автори како Улф Старк и Барбро Линдгрен. Има напишано и свои авторски дела, сликовници и книги за млади, а е наградена и со повеќе шведски и меѓународни награди и признанија.
„Да се биде јас“ се смета за нејзино најзначајно дело за млади, особено поради мотивацијата што им ја дава на младите девојчиња и прашањата на кои одговара, прашања за кои можеби не можат лесно да дојдат до одговор. Книгата е преведена низ Европа и насекаде во регионот: Словенија, Србија, Хрватска, а сега е достапна и кај нас. Ана веднаш ја прифати нашата покана да дојде во Македонија и многу ме радува што ќе имаме можност да се запознаеме поблиску со една голема и меѓународно признаена уметница и авторка, а згора на тоа и феминистка.

Ова издание носи уште една важна новина – отворањето на галеријата „Чудна шума“. Каква улога ѝ давате на оваа галерија во локалната уметничка сцена и во идните програми на фестивалот?
– Главната идеја на галеријата е да се промовира уште еден сегмент што го работиме во „Чудна шума“, а тоа е така нареченото „Fine Art“ печатење или giclée, и на тој начин да се промовираат македонските автори што работат со нас (најголемиот дел се македонски автори). Тоа се фотографи и уметници чии дела – фотографии и репродукции – се печатени во нашето студио. Секако, планираме во блиска иднина да почнеме и со мали изложби на овие уметници во галеријата – која е простор сместен веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“, како и друг тип помали настани. Мислам дека имаме најава за една изложба веќе во декември, а понатаму верувам дека многу почесто ќе се случуваат такви помали изложби, како што се и трендовите во други европски градови – галерии во мини-формат со повеќе мали настани во текот на еден месец.
Бидејќи и во минатите изданија на фестивалот сме имале помали изложби (со дела на Владимир Лукаш, Давор Кешќец, Катерина Николовска итн.), секако во план е таа идеја за изложби да продолжи и во следните изданија на фестивалот. Програмата во галеријата ја креираат еден фотограф и еден мултимедијален уметник – Кире Галевски и Ненад Тонкин, така што верувам дека ќе имаме разновидни и богати активности.
Детската програма секогаш дејствува особено внимателно курирана. Што најмногу ве инспирира кога креирате активности за најмладите читатели?
– Секогаш земаме предвид повеќе аспекти кога креираме програма за најмладите. Првиот и најважен, развивање на читачките навики, со тоа што ќе им претставиме современа литература со која лесно ќе се поврзат – теми и приказни што ќе им бидат блиски и, секако, илустрација што ќе ги привлече. Вториот аспект е поттикнување на креативноста и затоа секогаш инсистираме да имаме читачки и креативни работилници, малку да читаме, а потоа да цртаме, пишуваме, креираме дела што ќе бидат инспирирани од прочитаното четиво. Последната активност што ја организираме, покрај редовните креативни работилници во и вон фестивалската програма, се читачките клубови во соработка со „Мама ми чита“, односно Марија.
По иницијатива на „Мама ми чита“, а во рамките на проектот „Млади европски приказни“ поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, започнавме со читачки клубови во неколку града: Скопје, Штип, Охрид и Гевгелија, а за следната година планираме да дополниме со уште неколку. Она што е уникатно за овие клубови е тоа што тие се наменети за деца и родители, односно ги ангажираме заеднички да читаат и да работат, препорачуваме книги, разговараме околу тоа како да се дискутира за одредени потешки теми во некои книги, препорачуваме и смислуваме активности што би го придружувале читањето на книгата што родителите и децата би можеле заеднички да ги работат дома и слично. На еден од тие читачки клубови, во рамките на фестивалот, ќе гостува и хрватската илустраторка Ванда Чижмек, а планираме многу интересна заедничка активност.
„YES фестивал“ низ годините расте, но и се трансформира. Што научивте како организаторка од претходните изданија, а го применувате сега?
– Како и со сѐ друго, откривме кои работи функционираат подобро и треба да ги имаме во секое издание, а кои не се применливи. Минатиот пат откривме и дека фестивал можеш да направиш и без речиси никаква финансиска поддршка ако имаш пријатели што ќе те поддржат, ама уште подобро е кога институциите имаат слух дека активностите и фестивалите наменети за помладата читателска публика не се помалку вредни од оние што се занимаваат само со „сериозна“ книжевност и „големи и сериозни“ автори. И секако, дознавме дека публиката ги препознава оние работи што се направени искрено и со многу труд и затоа нашите настани се секогаш полни со деца.
Најважно од сѐ е на настан за деца – да има многу деца, инаку сосема си ја утнал поентата.

































