Повод: Сто педесет и една година од раѓањето на Крсте Петков Мисирков (18.11.1874 – 26.7.1926 година), втор дел

  • Книгата „За македонцките работи“ во 1903 година била забранета и уништена, додека авторот Крсте Петков Мисирков добивал закани од платеници дека ќе биде убиен. Но неговиот син Сергеј Мисирков во 1945 година донесе еден зачуван примерок во Скопје и ѝ го подари на слободната македонска држава
  • Сергеј Мисирков: Го исполнувам заветот на татко Крсте и мајка ми, книгата уникат да ѝ ја предадеме на слободната македонска држава кога еден ден таа ќе биде остварена. Еве, со ова го исполнувам заветот…“

Во првата слободна 1945 година македонскиот народ тргна во одлучна борба и со работа почна да ја гради својата иднина и иднината на НР Македонија. Беа поставени цврстите темели на државноста, македонскиот јазик со асномските одлуки влезе во сите пори од животот, беше усвоена македонската азбука (на 5 мај) од 31 буква, според фонетскиот принцип (една буква, еден глас), беше усвоен и македонскиот правопис (7 јуни), а со тоа се оствари целосна кодификација на македонскиот јазик и се тргна во одлучна борба за надминување на неписменоста и создавање свои кадри од сите области, образовани на својот мајчин македонски јазик.
Неколкуте окупации на Македонија во минатото оставија дури 75 проценти од македонското население да биде неписмено, дотогаш се немаше објавено ни еден учебник на македонски јазик, а бројот на македонскиот учителски кадар беше малоброен (само околу 330 учители). За надминувањето на ваквата крајно неповолна положба почнаа масовно да се одржуваат учителски, но и аналфабетски курсеви за описменување на неписменото население, беше отпечатен првиот македонски буквар со читанка, беше издадено Упатство за изведувањето на букварската настава (во 1945 год.) и др.
Во ова полетно и творечки инспиративно време, исполнето со вознес и восхит од слободата, но и со ентузијазам и со желба вековите под ропство следени со обиди за асимилација и денационализација на македонскиот народ да се надминат што е можно побрзо, се покажа и докажа дека со последната и конечно извојувана своја победа над бугарскиот фашистички окупатор трајно сѐ оствари милениумскиот сон на сите претходни генерации македонски борци и творци за слобода на македонскиот народ и на Македонија.

Сергеј, единецот на Крсте Петков Мисирков, есента 1945 година, тргнува од Софија за Скопје да го оствари заветот кон татка си

Во едно такво ново и победоносно време, есента 1945 год. од Софија тргнал за Скопје синот Сергеј, единецот на Крсте Петков Мисирков, авторот на книгата „За македонцките работи“. Неговото безбедно доаѓање во Скопје го организирале Кирил Миљоски, југословенски претставник во Бугарија, и Митко Зафировски. Синот Сергеј носејќи ја под пазуви книгата уникат, завет од татка си, лично му ја предал на Лазар Колишевски, претседател на првата слободна држава – Република Македонија. Средбата била исполнета со многу возбуда, како и со избрани зборови. За ова, Лазар Колишевски, првиот претседател на Владата на НРМ, кој во 1945 година лично ја примил книгата од Крсте Петков Мисирков „За македонцките работи“, се сеќава на зборовите што при посетата на неговиот кабинет ги кажал неговиот син Сергеј Мисирков.
Тој рекол: „Го исполнувам заветот на татко Крсте и мајка ми, книгата уникат да ѝ ја предадеме на слободната македонска држава кога еден ден таа ќе биде остварена. Еве со ова го исполнувам заветот…
Во своето сеќавање забележано по блиску поминати пет децении Колишевски има направено еден мал пропуст. Имено, сопругата на К.П. Мисирков не се викала Елеонора, како што тој ја ословува во сеќавањето, туку нејзиното вистинско име е Екатерина, како што сигурно ја претставил синот Сергеј Мисирков.
Во продолжение од своето сеќавање Лазар Колишевски истакнува дека таа уникатна книга со посвета веднаш ѝ ја предал на Веселинка Малинска, но книгата никогаш веќе не му била вратена. На средбата на Лазар Колишевски со синот Сергеј Мисирков присуствувал и Даре Џамбаз, кој напишал поопширен поговор кон второто издание на книгата на Крсте П. Мисирков „За македонцките работи“, која веднаш била издадена во слободната македонска држава, уште на почетокот од 1946 година, во Скопје.


Иницијатива на авторот Мишо Китаноски:

Да ги донесеме моштите на Мисирков во слободната татковина – Република Македонија!

Авторот на овие редови предлага редакцијата на „Нова Македонија“, која прва објави значаен текст од Блаже Конески посветен на книгата „За македонцките работи“ од К.П. Мисирков, веднаш да поведе иницијатива до надлежните македонски државни институции, а по повод 100-годишнината од упокојувањето на К.П. Мисирков (1926 – 2026), да побараат од надлежните бугарски државни и црковни власти (кои со ова треба да ја покажат и докажат вистинската желба за добрососедска соработка, но и демократски капацитет како членка на ЕУ), да ни бидат отстапени – дадени за свечено да ги донесеме моштите на Крсте Петков Мисирков од Софија во Скопје. И, тука да бидат погребани со сите свечености, како што беше направено тоа со моштите на апостолот на македонската борба за слобода Гоце Делчев, кои на 10 октомври 1946 година беа донесени од Софија и со свечености саркофагот беше поставен во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Потсетуваме уште и на ова: Крсте Петков Мисирков неуспешно, односно погрешно бил „лекуван“ шест недели во Александровата болница во Софија. За ова можеме да изразиме сериозен сомнеж, дека тоа „лекување“ не е ништо друго туку смислено и организирано убиство на најзнаменитиот македонски учен син и прекален мислител и револуционер. Поради тоа, оваа софиска болница е позната, но недоволно е проучена таа нејзина страна дека била гробница, зашто во неа еден подолг период д-р Станишев еден број истакнати македонски значајни борци и творци, поради јавно и исклучително пројавената борба за македонската кауза, „лекувајќи ги“ всушност ги убивал. Нека се знае и памети и ова: толку било сиромашно семејството на К.П. Мисирков, што тој кога починал во болницата, сопругата Екатерина цел ден поминала крај мртвото тело затоа што немала пари да го плати неговото пренесување во мртовечницата на болницата. Но, уште потрагичен е фактот што таа немала средства ни за неговиот погреб, а свеќи ѝ дале милосрдните сестри. Сопругата Екатерина и синот Сергеј исто така одбиле неговото тело да го остават за сецирање во болницата и покрај крајно неиздржливата сиромаштија на семејството. На последното испраќање на К.П. Мисирков присуствувале само десетина луѓе…

Моштите на Крсте П. Мисирков лежат на софиските гробишта за сиромашни, во парцелата бр. 89, ред 17, гроб бр 4. Во гробот се уште и моштите на неговата сопруга, Русинката Екатерина Михајловна Мисиркова, и моштите на неговиот правнук Борис Мисирков.
Најпосле, со присуството не само со книгата „За македонцките работи“, туку и со своите мошти во Софија, Крсте Петков Мисирков постојано е трн во очите на бугарската јавност и бидејќи бил и сѐ уште е најнавредуван Македонец во Бугарија од страна на политичари, научници и историчари, публицисти и новинари, но и врховисти, редно е да се побараат да ни се дадат неговите мошти да ги донесеме за спокојно да почиваат во слободна и самостојна Република Македонија. Со ова повеќе нема да се сквернават неговото име, дело и лик, но и гробот. Со тоа ќе бидат остварени неговиот сон и желба не само со книгата „За македонцките работи“ туку и со моштите да биде меѓу нас и со нас како што се направи пред осум децении со моштите на Гоце Делчев, апостолот на македонското револуционерно движење и борбата за слободна македонска држава, кои беа донесени во 1946 год. Делчев ја сонуваше слободата, која не ја дочека, Мисирков, пак, научно го дефинира македонскиот историски од и цврсто ги постави темелите за кодифицирањето на литературниот македонски јазик и правопис. Точно затоа треба неговите мошти да ги донесеме и да ги положиме до оние на Гоце Делчев во Скопје за да зрачат и да нѐ возљубуваат со завет дека е трајно остварен како нивниот исто така и нашиот сон во еден слободен македонски дел – а тоа е Република Македонија.
На крајот, Крсте П. Мисирков во анкетата спроведена од месечните ревии „Македонско време“ и „Маседониан тајмс“ (The macedonien tajms) во 2003 година беше избран, односно прогласен за македонска личност на ХХ век. Уште еднаш да потсетиме дека во таа пригода се истакна дека Крсте Петков Мисирков е роден на 18 ноември 1874 година во Постол, сега Пела, во егејскиот дел на Македонија окупиран од Грција, а починал на 16 јули 1926 година во Софија. Во животот бил филолог, славист, македонист, публицист, истражувач, етнолог, историчар, етнограф, но и докажан македонски патриот и бескомпромисен борец за афирмацијата на македонската нација… Тој заслужено е прогласен за личност што го обележи нашиот многу бурен и борбен македонски ХХ век, до слободата… Во анкетата како втора и трета личност на ХХ век се избрани апостолот на македонската борба за слобода Гоце Делчев и кодификаторот на литературниот македонски јазик Блаже Конески, чии дела исто така трајно се вградени во македонската многувековна историја.

Автор: Мишо Китаноски

крај