Партијата на Емануел Макрон има солидно парламентарно мнозинство поради што претседателот може да ги спроведува најавените реформи. Но отпорот на демонстрантите, политичките противници и синдикатите сигурно ќе влијае врз агендата на Владата, оценува американски Стратфор
Од средината на ноември, десетици илјади демонстранти во Франција се бунтуваат против Владата, организирајќи се во движење што стана познато како „Жолти елеци“, по безбедносните елеци што француските возачи ги чуваат во автомобилите. Иако големите политички протести не се ништо ново во Франција, сепак интензитетот на протестите на „жолтите елеци“ доведе до едни од најлошите безредија во Париз што се случиле во изминатите децении и ги натера властите да затворат одредени делови од градот, но исто така го натераа претседателот Емануел Макрон да отстапи од политичка одлука првпат во досегашниот 18-месечен претседателски мандат. Француската влада на 5 декември соопшти дека го повлекува контроверзното зголемување на данокот за гориво што беше првичната причина за протестите на „жолтите елеци“. Протестите се случуваат токму кога рејтингот на Макрон достигна рекордно ниско ниво. Ситуацијата се заканува да го ослаби авторитетот на Макрон дома и да го намали влијанието на Франција во односите со ЕУ.
Откако стана претседател во мај 2017 година, Макрон се обиде да ја направи француската економија покомпетитивна со тоа што ги намали даноците за компаниите, ги намали јавните трошоци и го олесни даночното оптоварување за богатите. Ваквите политики, кои имаат цел да испратат порака до домашните и странските инвеститори дека Франција е отворена за бизнис, го нарушија угледот на Макрон, а неговите критичари го нарекуваат „претседател на богатите“.
„Жолтите елеци“ брзо се претворија од организиран отпор против зголемувањето на даноците за гориво во движење со пошироки барања за подобрување на куповната моќ на семејствата од средната класа. Во комбинација со барањата за редуцирање на деловно ориентираната агенда на Макрон, ова покажува дека постои голем дел од француското гласачко дело што е многу незадоволно од политиките на претседателот. Покрај настојувањата на Макрон за реформи, француската економија и понатаму закрепнува бавно и нерамномерно. Француската стапка на невработеност изнесува околу девет отсто. Тоа значи дека е само еден процент пониска од нивото кога Макрон ја презеде функцијата, а и понатаму е четврта највисока во ЕУ и е двапати повисока од таа во Германија. Според Европската комисија, економскиот пораст на Франција ќе забави до 1,6 отсто во 2019 година од проценетиот 1,7 отсто во 2018 година. Покрај тоа, Француската економска опсерваторија, независна експертска група, предупреди дека политиките на Макрон ја намалиле куповната моќ на петте отсто од долната граница од француските домаќинства додека ја зголемиле онаа на највисоките пет отсто.
Појавата на „Жолтите елеци“, движењето што не е поврзано со ниедна политичка партија, невладини организации или синдикати, не е нов феномен во Франција. Во изминатиот период се појавија слични граѓански движења, како оние што протестираа против данокот за камиони во 2013 година и оние што протестираа против работничките реформи во 2016 година.
Појавата на вакви движења покажува дека француските традиционални претставнички канали не успеваат да го апсорбираат целиот спектар на општествено незадоволство. До одредена мера, овие граѓански движења имаат тенденција да претставуваат привремен предизвик за француската влада, затоа што движењата без јасно лидерство и организација многу брзо исчезнуваат. Но овие движења исто така се проблематични затоа што немаат јасно лидерство со кое Владата би можела да преговара. Општествените безредија можат брзо да ескалираат и да иницираат други групи да се приклучат во протестите, што се случи токму со „жолтите елеци“.
Ривалите на Макрон, вклучувајќи ги левичарските и десничарските политички партии и синдикатите, ќе се обидат да ги искористат овие општествени сили и барањата на движењето за сопствена политичка предност. Повикувајќи се на барањата на „жолтите елеци“ за повисок животен стандард за средната класа, борбениот Работнички сојуз неодамна ги најави неговите антивладини протести. Од своја страна, десничарите и левичарите ги искористија предлозите на „жолтите елеци“ за да побараат оставка од Владата. Изборите во Европарламентот закажани за в година во мај ќе покажат дали овие партии можат да профитираат од актуелното општествено незадоволство.
Колку повеќе се намалува моќта на Макрон, толку посилни ќе бидат неговите противници во обидот да ги оспорат неговите политики. Со текот на времето, комбинацијата на непопуларна влада, скромниот економски раст, општествените протести и поактивна опозиција може да им отежнат на Макрон и на неговите сојузници да ја спроведат докрај реформската агенда. Партијата на Макрон контролира солидно мнозинство во Националното собрание што значи дека може да ги усвои реформите без поддршка на другите партии.
Но постојаното општествено незадоволство може да ја натера француската влада да биде повнимателна со промовирањето на структурните реформи, додека пратениците во Националното собрание можат да станат повнимателни со нивната поддршка за Макрон. Како резултат на тоа, реформаторската агенда на Макрон може да биде нарушена.
Следниот голем предизвик за француската влада ќе биде реформирање на пензискиот систем. Владата на Макрон ќе сака да го замени повеќепензискиот систем на Франција со единствен систем и да го промени начинот на пресметување на исплатата на пензиите поради што можат да се намали исплатата во некои случаи. Француската влада сака да даде предлог за формална пензиска реформа во средината на 2019 година и истиот тој да ја стави на гласање во Националното собрание до крајот на годината. Оваа реформа ќе влијае врз повеќе сектори од француското општество што значи дека ќе се создаде силен отпор и ќе се создадат услови за дополнителни протести. Во 2019 година, француската влада исто така планира да ги ограничи семејните бенефиции под инфлациската стапка, да го заостри критериумот за осигурување на невработените и да го намали бројот на вработените во јавниот сектор. Ова значи дека ќе има плодна почва за општествени безредија во Франција в година без разлика на судбината на движењето „Жолти елеци“.
Француската влада исто така планира реформи во францускиот устав за намалување на бројот на пратеници за една третина, да воведе побрзи законодавни процедури и да им забрани на јавните службеници да имаат повеќе позиции. За разлика од пензиската реформа, уставната реформа веројатно нема да поттикне значајни протести. Но на Макрон ќе му биде потребна опозициската поддршка во Сенатот за да направи уставни промени, а неговите противници можат да ги блокираат предлозите на претседателот за да ја ослабат неговата моќ. Во минатото, Макрон се закануваше дека уставните реформи ќе ги стави на референдум доколку Сенатот ги отфрли. Но во актуелната политичка клима, владата двапати ќе размисли пред да ги стави на гласање во кое може да изгуби или уште полошо, да прераснат во неофицијален референдум за мандатот на Макрон.
Следните претседателски избори во Франција ќе се одржат во 2022 година, а Макрон најверојатно ќе остане на власт и покрај напорите за дестабилизирање на неговите ривали. Претседателот располага со неколку алатки за справување со политичките кризи. На пример, тој може да назначи нов премиер на новиот кабинет за да ја добие поддршката на народот. Исто така може да побара предвремени избори за да им даде можност на гласачите да го кажат своето мислење за политиката, но тоа би било решение во краен случај со оглед на тоа што партијата на Макрон веќе го има мнозинството во Националното собрание и ќе биде ризично да го загрози тоа мнозинство со нови избори.
Поинаку кажано, зголемувањето на општествените немири и една поактивна опозиција најверојатно нема да го загрози мандатот на Макрон. Сепак, таквите фактори најверојатно ќе го намалат просторот за акција на владата кога станува збор за воведување на важни реформи. А, слабиот мандат би можел да ги загрози шансите на Макрон за реизбор и да ја отвори вратата за десничарските и левичарските партии да добија поголема поддршка на следните претседателски избори.
Се намалува влијанието на Франција во ЕУ?
Домашните проблеми на Франција ќе го ограничат нејзиното влијание врз развојот на настаните на европско ниво. Франција сака длабоки реформи во еврозоната, вклучувајќи го и воведувањето на посебен буџет за регионот со заедничка валута, зајакнување на фондот за финансиска помош и комплетирање на банкарската унија. Но овие реформи бараат поширок консензус на ниво на ЕУ, а Франција ќе се бори да го обезбеди.
Германија, која е главниот партнер на Франција во ЕУ, се соочува со сопствени политички проблеми што го намалуваат капацитетот на Берлин да направи отстапки за Париз. Истовремено, државите од ЕУ што се против предлозите на Франција стануваат сè поагресивни. Овие држави сакаат да ги ограничат, па дури и ако е можно и да ги спречат, плановите на Франција за реформи во еврозоната. Фактот што Италија има евроскептична влада ги става на тест фискалните цели на ЕУ и им ја отвора вратата на оние северни држави што се против зголемувањето на распределувањето на финансискиот ризик во еврозоната.
Постојат рани знаци дека функционира отпорот против предлозите на Франција. Германија и Франција неодамна се договорија да формираат буџет за еврозоната. Но спротивно на првичниот предлог на Франција, тој ќе биде дел од поширокиот буџет на ЕУ што значи дека ќе треба едногласно да биде одобрен. Покрај тоа, Берлин се залага за помал буџет спротивно на барањето на Париз за буџет што ќе претставува „неколку точки“ од БДП на ЕУ. Франција исто така сакаше да го претвори Механизмот за европска стабилност во Европски монетарен фонд со целосно овластување да им помага на државите со финансиски проблеми. Сепак, на состанокот одржан на 4 декември, министрите за финансии на ЕУ само се согласија да му дадат на механизмот поголем удел во креирањето и следењето на програмите за финансиска помош во координација со Европската комисија. Но беа отфрлени плановите да се воведе шема за депозитно осигурување за банките од еврозоната.
Да бидат нештата посложени, во 2019 година ќе бидат назначени нови членки во клучните институции на ЕУ како што се Европската комисија и Европската централна банка. Назначувањата ќе бараат важни преговори меѓу членките на ЕУ и ќе претставува уште една причина за несогласувања меѓу Северна и Јужна Европа околу иднината на политиката на ЕУ. Ривалите на Франција ќе се обидат да ги искористат домашните проблеми на Макрон за да го ограничат влијанието на медитеранска Европа врз иднината на ЕУ. Дури и ако европските влади успеат да го контролираат несогласувањето во пристојни рамки, самиот процес на назначување на нови функционери ќе го забави политичкиот процес на континентално ниво и ќе ги ограничи амбициите на Франција.