Осврт на клучните согледувања на д-р Ханс Лотар Штепан по повод 92 години од неговото раѓање
- Посветувајќи им се на македонското прашање и на македонскиот оспорен идентитет, д-р Ханс Лотар Штепан истражува во Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи. Врз основа на своите наоди, во 2004 година го објавува капиталното дело „Македонски јазол“ на германски јазик и подоцна во годините што следуваат оваа книга доживува неколку изданија на македонски и на германски јазик. Како свој прилог кон одбележувањето на 92-годишнината од неговото раѓање, но и со цел медиумски уште еднаш да потсети на неговиот аманет до Македонците да ги продолжат неговите истражувања и неговите напори за меѓународно ширење на македонската вистина, „Нова Македонија“ објавува неколку од клучните согледувања во „Македонски јазол“
Свето Тоевски
Германскиот амбасадор во Македонија од 1993 до 1996 година, д-р Ханс Лотар Штепан, стана „духовен воин за вистината“ за Македонија и македонскиот народ низ Европа и светот и наш голем пријател. Деведесет и втората годишнина од неговото раѓање, навршена вчера, треба да ни биде уште едно потсетување на аманетот што Штепан им го остави на Македонците, да продолжат и натаму неговите истражувања за Македонија, за да се шири и на тој начин македонската вистина низ светот.
По завршувањето на неговиот амбасадорски мандат и откако заминува во пензија, Штепан презема двојна улога: првата улога е како „идентитетски амбасадор“ на Македонија, како „амбасадор на добра волја“, продолжувајќи активно да ги промовира македонскиот засебен идентитет, јазик, култура, историја и уметност. Втората улога, поточно кажано и мисија, која ја започнува овој голем, слободно ќе го наречеме и македонски Германец, е гласноговорник за македонската историска вистина низ Европа и низ светските меридијани.
Посветувајќи им се на македонското прашање и на македонскиот оспорен идентитет, тој истражува во Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи. Врз основа на своите наоди, во 2004 година го објавува капиталното дело „Македонски јазол“ на германски јазик и подоцна во годините што следуваат оваа книга доживува неколку изданија на македонски и на германски јазик.
Како свој прилог кон одбележувањето на 92-годишнината на Ханс Лотар Штепан, но и со цел медиумски уште еднаш да потсети на неговиот аманет до Македонците да ги продолжат неговите истражувања и неговите напори за меѓународното ширење на македонската вистина, „Нова Македонија“ објавува неколку од клучните согледувања во „Македонски јазол“.
– Во оваа книга се тематизира проблемот на идентитетот на Македонците. Македонскиот читател, сосема логично го набљудува својот идентитет како нешто саморазбирливо. Но тој би требало да има предвид дека соседните држави до ден-денешен се обидуваат да ги втемелат нивните претензии за македонскиот јазик, името и територијата, кои на Македонците не им дозволуваат никаков посебен идентитет. Почнувајќи од Берлинскиот конгрес во 1878 година, но особено по Балканските војни од 1912/1913 година, соседните држави ги повторуваат своите фалсификувани барања, надевајќи се на тоа дека таквите барања би созреале еден ден во непорекливи вистини. Следствено, семејството на народите беше погрешно информирано за идентитетот на Македонците, а сега тоа ќе може да си направи една објективна слика за историјата на Македонците. Моето истражување се темели врз (необјавените) акти на Политичкиот архив на германското Министерство за надворешни работи. Во случај македонските историчари, студенти или други личности заинтересирани за македонската историја да се почувствуваат поттикнати да преземат сопствени истражувања во архивот во Берлин, или во архивите во Виена, Истанбул, или во другите градови од тоа време, тогаш тоа би бил пријатен дополнителен ефект на оваа книга „Македонскиот јазол“ – нагласува Штепан во преговорот кон македонското издание на оваа книга.
Од исклучително значење е особено следниов пасус од споменатиот предговор: „Во овој мој труд врз основа на необјавените документи од Политичкиот архив на Министерството за надворешни работи се докажува постоењето засебен македонски народ, не на еден бугарско-македонски, не на еден грчко-македонски, не на српско-македонски и не на албанско-македонски, туку на засебен македонски народ. Во центарот е историјата на македонија под турската окупација во периодот меѓу Берлинскиот конгрес и Првата светска војна, онака како што таа се отслика во извештаите на претставништвата на Германскиот Рајх во тогаш вмешаните земји, сѐ до моментот кога конечната разврска со Балканскиот сојуз и Балканските војни се поврзаа во еден јазол“.
Се добива впечаток дека Ханс Лотар Штепан во главниот дел на својата де факто македонистичка студија како да се надоврзува на „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков, па натаму во воведот истакнува: „Можев да ја насловам книгата не како ’Македонскиот јазол‘, туку како ’Битка за Македонија‘, што е, исто така, логичен наслов, бидејќи се работи токму за тоа – за битка за Македонија. Република Македонија е цел на нејзините соседи. По нејзиното конституирање на 8 септември 1991 година падна в очи дека, за разлика од Словенија и Хрватска, нејзините соседи не ја поздравија Македонија како нов, конечно ослободен и независен член на народите. Напротив, тие протестираа, поставуваа барања и наметнуваа услови. Ги оспоруваа историјата, културата, етносот, јазикот, па дури и уставното име на Македонците, значи сиот нивен идентитет. Бугарите тврдеа, а тоа го прават и денес, дека македонската држава може и да постои, дури и ја признаа во јануари 1992 г., но тврдат дека не постојат македонска нација и македонски јазик. Тие тврдат дека Македонците биле многу повеќе Бугари и оти говореле бугарски јазик. Би требало да се помисли дека оваа позиција на присвојување, која Бугарија ја зазема уште од Берлинскиот конгрес, а особено од почетокот на 20 век со анексијата на пиринскиот дел на Македонија, денес, со оглед на апликацијата на Бугарија за влез во ЕУ и НАТО, не би требало повеќе да има сериозно влијание врз постоењето на Македонија, бидејќи околностите во денешно време забрануваат такви екстравагантности. Но, сепак, дури и во најблиското минато се препознаваат и натаму недвосмислените знаци на шовинизам од страна на Софија – посочува Штепан во својот „Македонски јазол“.
Обележуваме и едно многу важно интервју што го даде тој за Македонската телевизија, бидејќи секој негов збор кажан во него одекнува громогласно со сета актуелност, дури и уште повеќе денес, како уште еден аманет до македонскиот народ што да (не) прави во овие мигови кога е сардисан со наредбите и ултиматумите од Брисел и Софија да се направи нова промена на Уставот, во замена за „влегување во ЕУ“.
– Вие ќе опстоите и без членство во ЕУ, но ако влезете и ако се откажете од вашето име и ако им кажете на Бугарите, да ние сме Бугари, тогаш тоа ќе претставува анахронизам! Бугарите се населиле на Балканот по вас. Тие беа асимилирани од Словените, тие го прифатиле словенскиот јазик. Тие го зборуваат вашиот јазик, а не го зборувате вие нивниот јазик! Денес нивниот јазик се нарекува „бугарски јазик“, само затоа што некако успеале нивната земја да ја наречат Бугарија, а нивниот јазик бугарски. А сега сметаат дека треба да се преправаат дека Македонија е Бугарија. Тоа е анахронизам, тоа е игра. Тоа се нивните соништа за голема Бугарија. Тие треба да се откажат од идејата дека се „големи“ и да се задоволат со тоа што го имаат, а не да обвинуваат и да малтретираат други луѓе, да се обидуваат да им ги украдат правата. Тие сакаат да ви го украдат идентитетот, но вие не смеете да се предадете – му порача своевремено големиот Германец на македонскиот народ.
Нотираме уште некои од неговите важни изјави и согледувања засновани врз архивистичко-историографските истражувања: „Грција пред Балканските војни (1912-1913) никогаш не ја поседувала Македонија! Грција, Бугарија и Србија по Балканските војни ја окупирале, ја поробиле и ја поделиле Македонија! Денешните уцени на соседните земји кон Македонија се целосно неоправдани!“
– Македонците имаат најголемо право да го користат своето име Македонија. Грција мора да има одговорност за законот и вистината. Многу држави, вклучително и САД, го признаваат вашето уставно име. Ова покажува дека американски политичари и научници ги провериле своите архиви за македонската историја и дошле до единствениот заклучок до кој може да се дојде. Светот, по подобро познавање на вистината за Македонија, практично има обврска интензивно и ефикасно да ја поддржува демократска Македонија – кажа Ханс Лотар Штепан.
Македонија стана симбол на светската неправда, а таа неправда стана и негова неправда – кажа македонскиот сликар Илија Пенушлиски за својот пријател Штепан, со кого се запознава првпат во Скопје пред три децении.
– Кога беше во прашање Македонија за неа секогаш важеа двојни стандарди и тоа е дволичноста на големите сили спрема малите народи. Аманетот на Штепан беше истражувањата што ги направи тој за Македонија да продолжат и натаму, да бидат уште еднаш прегледани од историчарите и да бидат искористени за поблиско приопштување на вистината за македонскиот народ и за неговото добро – изјави Пенушлиски, кого Штепан го нарекуваше свое „алтер его“, односно „втора половина“.
Животопис
Ханс-Лотар Штепан е роден во источна Прусија на 16 ноември во 1933 година. Студирал индустриски инженеринг на Факултетот за културни и политички науки на Техничкиот универзитет во Дармштат, каде што бил вработен како асистент за истражување на Институтот за економска политика од 1963 година и таму го завршил докторатот. Во 1965 година Штепан се приклучил на надворешната служба. Неговите меѓународни мисии биле во Франција, Гвинеја, Финска и во Југославија. Штепан бил амбасадор во Катар и во Чад пред да дојде во Македонија.
Штепан бил прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Сојузна Република Германија во Република Македонија во периодот 1993-1996 г. Автор е на книгата „Македонскиот јазол: идентитетот на Македонците прикажан на примерот на Балканскиот сојуз (1874-1914)“, издадена во Скопје во 2004 година. По неговото време како амбасадор во Република Македонија, Штепан интензивно работеше и на признавањето на Македонија.
Во 2007 година Штепан беше одликуван со медалот „Блаже Конески“ од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Во 2008 година ја доби наградата „Духовен борец Македонија“, како признание за неговите услуги како борец за вистината за Македонија и македонскиот народ.
Во 2023 година, по повод одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на Штепан, Љупчо Коцарев, тогаш во својство на претседател на МАНУ, ќе каже: „Нема дилеми дека д-р Ханс Лотар Штепан беше искрен при неговите настапи во име на македонскиот народ. Академската и интелектуална заедница на Македонија ја препозна големината на Штепан непосредно по издавањето на неговото капитално дело ’Македонскиот јазол‘ во 2005 година и две години подоцна, во 2007 година му ја додели меѓународната награда ’Блаже Конески‘ за посебен придонес за меѓуинтелектуалци на денешнината, кои застанаа во одбраната на фундаменталното право на македонскиот народ – правото на постоење“.
На 5 февруари 2011 година, на 76-годишна возраст по краткотрајно боледување, д-р Ханс-Лотар Штепан заминува од овој земски свет и се преселува во трајното колективно паметење на македонскиот народ како еден од големите македонисти и лобисти за Македонија.

































