- (Кон „Сексуален театар (феминистичко читање на класиката)“, меѓународен театарски проект на Босанскиот народен театар од Зеница, Босна и Херцеговина, „Фаз култура“ од Брага, Португалија, Универзитетот „Пол Валери“ од Монпелје, Франција, и на ЈУ „Будва град театар“ од Будва, Црна Гора)
Театарската промисла секогаш има некаков тангенцијален допир со науката, но секогаш истражувањето завршувало повторно со театарски чин, како плод на понирање во можностите и мотивите на овој вид уметност. Сексуалноста во театарот низ вековите секогаш била проследена со симптоматичност, но и со една голема непознаница, а често и со длабоко табуизирање. Историјата познава религиски и патријархални прерогативи на сексуалноста, но ја познава и неизбежната бунтовност, чија крајна цел била ослободување од стегите на конзервативизмот и заробеноста во патријархалните начини на живот. Театарот во овие историски констелации секогаш бил порака, иницијација, а неговата резолутност секогаш била и тема за многу драмски автори и режисерски концепти. Проектот на Босанскиот народен театар од Зеница ги отвора вратите на истражувачкиот аспект на театарскиот чин со проектот во кој мошне вешто се испреплетуваат сексуалноста и родовите релации. Оваа значајна театарска куќа од регионот смело и одлучно се впушти во еден проект чиј ангажман е од огромно значење. Четирите претстави настанати од четири драмски текста, кондензат од истражувањата на драмските автори и режисерите, ни ги отворија различните аспекти на родовите и сексуалните дихотомии низ историјата, но и во денешните општествени и социјални сфери. Она што е најплодоносно, во театарска смисла, е размената на драмски автори и режисери помеѓу театрите вклучени во проектот, со цел да се отворат аспектите на сексуалноста низ призмата на размислувањето на театарските уметници од различни земји, а со тоа и од различни општествени контексти.
Во таа насока, Зеничкиот театар го постави драмскиот текст „Живи“ од Ејча Еузет по мотиви на расказот „Мара милосничка“ од Иво Андриќ, во режија на португалскиот режисер Хулио Сердеира; претстава што говори за религиските и општествени напнатости правејќи една многу интересна паралела на Отоманското Царство и босанската војна, каде што насилството врз жените и сексуалната искористеност биле секојдневие. Говорејќи за малиот сјај на заемната поддршка и разбирање меѓу жените што биле жртви на патријархатот и архетипот, оваа претстава низ својот минимализам нè потсетува на тоа дека родовото недоразбирање ги зголемува и човечките загуби. Претставата „Прекрасен глас“ инспирирана од романот „Калуѓерката“ на Дени Дидро во режија на Миња Новаковиќ, а во изведба на Универзитетот „Пол Валери“ од Монпелје, Франција, низ режискиот концепт ни говори за идентитетскиот каузалитет на женственоста. Драмската авторка Неџма Чизмо го исткајува овој текст како кондензат од искуството на жените од различни слоеви во Франција. Земајќи го гласот како катализатор за женскиот идентитет, гласот што значи и крик, но и задоволство, гласот што конечно проговорува за идентитетската матрица и во денешно време, но и во минатото, конечно женскиот глас чија родова потиснатост и искористена сексуалност се обидува да ја најде својата оправданост во светот што сè повеќе го покажува своето сиво лице. Инспириран од расказот „Скокнидевојка“ од Стјепан Митров Љубиша, драмскиот текст на Катја Фаиско зборува за секогаш непродуктивната диверзификација на „машки“ и „женски“ дела и активности во конзервативните средини. Бунтовна докрај, оваа претстава нè потсетува дека светот во кој живееме можеби и „не е за жени“, па така, режисерскиот концепт на Лоран Бергер се базира врз секогаш горливите прашања: дали родовите поделености ќе го одведат светот во бездна или во несфатеност. А можеби и во двете. Оваа претстава на „Будва град театар“ потсетува на едно време во кое „мажот е маж“, а „жената е жена“, време во кое она што значи полова различност, во исто време означува и општествена поделеност, еден намерно конструиран социјален галиматијас од кој ова модерно време наследи само деструкција. Конечно, драмскиот текст „Излези и бори се“ на црногорската драматичарка Стела Мишковиќ, инспириран од делото „Нови португалски писма“ на Марија Изабел Берето, Марија Велјо да Коста и Марија Тереза Хорта, анализира една мошне важна состојба кога се во прашање женските права, а тоа е: кој побрзо го практикува насилството врз жените, оние што ги напаѓаат или општествениот апарат, кој треба да ги заштити.
Овој текст, а конечно и инспиративната режисерска концепција на Лајла Каикчија ни доловува едно време чие насилство е длабоко скриено во дупките од законските регулативи во државите, кои потајно и заткулисно сè уште го живеат патријархатот.
Родовите недоразбирања и сексуалноста секогаш се горливи теми за театарските уметници. Овој проект ни ги открива сите скриени, големи и мали деструкции, кои доаѓаат во пакет со злоупотребата на сексуалноста, како и со родовата напнатост, која во многу мали делови во светот е релаксирана. Размената на театарските уметници чии дела се опфатени од оваа тематика зборува за тоа дека родовата нееднаквост на сите меридијани е иста, дека религискиот предзнак за женственоста секаде носи летаргија и страв, дека насилството и искористувањето на женската сексуалност не се придобивки, туку децениска траума. Успешноста на овој проект уште еднаш ни наметнува дека театарската умешност е вистинскиот канал за големата порака што можеби ќе го осветли патот на големите проблеми како што се родовите, но и ќе ги отвори вечните прашања: дали интимата и сексуалноста можат да бидат стока за продавање, причина за општествен статус, политичко препознавање, религиска коректност. Овие претстави во дебатите по нив нè одведоа во разни толкувања на сексуалноста и на нејзиниот општествен предзнак, па така, актерките и актерите во овој проект својот израз го потковаа со својот став и својата бунтовност кон никогаш нерешените горливи прашања на родовата припадност. Големиот театарски маг Бертолт Брехт вели дека: „Уметноста не е огледало држено пред реалноста, туку чекан со кој се обликува таа“. Реалитетот секогаш е инспирација, модерниот временски показател секогаш е дилема, а историјата секогаш е измама, додека театарот е единствената уметност што знае сето тоа да го синтетизира и од тоа да ја го сублимира вистинскиот израз и, што е најважно, театарот е процес, незапирлив и секогаш променлив. Овој извонреден проект, кој е поддржан од Европската Унија, одекнува на поголеми далечини, оставајќи зад себе одлични драмски текстови, инспиративни режисерски видувања, како и извонредни актерски креации, а што е најважно, ги отвора и вратите за неговото ново растење во понатамошни соработки и развивања.
Рецензија на Сашо Огненовски

































