Пример за одржување на македонскиот идентитет преку негување на јазикот и културата

  • Во земја во која македонскиот јазик долго време бил забрануван, каде што имињата биле менувани, а припадноста оспорувана, Овчарани останува како жив доказ дека македонските корени не се сечат лесно, особено кога се хранети со љубов и отпор. Овчарани е повеќе од село. Тоа е жив организам на македонската историја, каде што секоја улица, куќа, песна носат спомен на борбата за опстојување. И токму затоа Овчарани заслужува да биде спомнувано не само во географски контексти туку и во културни, историски и идентитетски рамки – како пример за тоа што значи да се биде Македонец, дури и кога државата во која живееш те негира

Македонскиот мајчин јазик на илјадници луѓе во селата како Овчарани беше прогласен за „непостоен“, „опасен“ и „неприфатлив“, со што неговото користење во грчкиот образовен систем, во јавниот простор, па дури и во кругот на семејството беше проследено со ризик. казна или стигма. Културолошки гледано, македонскиот јазик не е само средство за комуникација туку и носител на македонската култура, меморија или емоција. Кога се забранува македонскиот јазик, во суштина се забранува националното македонско битисување. Не случајно за Македонците од егејскиот дел македонскиот јазик бил начин да се поврзат со предците, да ги пеат песните, да ги раскажуваат приказните, да ги именуваат спомениците. Тој бил нивниот доказ дека постојат, дека не се „Грци со два јазика“, туку Македонци со еден – свој, појаснуваат нашите соговорници.
– Непризнавањето не е само политички чин – тоа е секојдневна болка. Да живееш во земја што те нарекува „Грк со два јазика“, додека ти знаеш дека си Македонец, е постојан судир меѓу личниот идентитет и државната политика. Тоа е борба за право на постоење, за право на име, за право на јазик- велат добро упатени лица во оваа проблематика.

Фото: „Нова Македонија“

Но, токму во тој отпор се раѓа достоинството. Македонците од Егејска Македонија не се откажуваат. Тие го чуваат јазикот во семејствата, го пеат на свадби, го пишуваат на споменици. Тие го пренесуваат на децата, иако знаат дека државата не го признава. Тоа е чин на љубов, но и на храброст. Совршен пример за тоа е леринското село Овчарани, познато на грчките карти како Мелити, кое е жив сведок на вековната историја на етничките Македонци во Егејска Македонија. Во земја во која македонскиот јазик долго време бил забрануван, каде што имињата биле менувани, а припадноста оспорувана, Овчарани останува како жив доказ дека корените не се сечат лесно – особено кога се хранети со љубов и отпор. Овчарани е повеќе од село. Тоа е жив организам на македонската историја, каде што секоја улица, секоја куќа, секоја песна носи спомен на борбата за признавање, за јазик, за име. И токму затоа, Овчарани заслужува да биде спомнувано не само во географски контексти туку и во културни, историски и идентитетски рамки – како пример за тоа што значи да се биде Македонец, дури и кога државата околу тебе вели дека не постоиш.
Пред околу четири децении, месното население основало културно-уметничко друштво, кое и денес е живо жариште на македонскиот фолклор, традиции и обичаи – наследени од прабабите и прадедовците, Македонци од егејскиот дел што ги пренесувале песните, игрите и зборовите како свети реликвии.
– До 1985/1986 беше забрането дури и да се зборува на македонски. Од 1986 почнавме ние, децата, да бараме право на јазик, зашто татко ми, мајка ми и баба ми не знаеја грчки. Ние го учевме грчкиот на училиште и го носевме дома. Ама зошто да биде забранет македонскиот, прашувавме! Ни велеа – не е грчки јазик. Па, значи и јас не сум Грк тогаш! До 1985 година беше премногу тешко. Од 1985 година барем не нѐ казнуваат за јазикот, барем по закон… И така, во 1986 година излеговме јавно. Денес барем за песна и оро немаме проблем. За друго – имаме мака, оти Грците не нѐ признаваат како Македонци – раскажува со возбуда и достоинство 70-годишниот Пандо Ашлаков, жител на Овчарани.
За Ашлаков, кого грчките власти го прекрстиле во Анастијазис Панајотис, Преспанскиот договор не донел ништо освен срамно преименување на државата Македонија. „Друго ништо“, вели тој децидно.
– Кога ќе зборнеш за Македонците во егејскиот дел, Грците веднаш велат: Не постоите, вие сте Грци со два јазика. Како може да сме Грци? Јас го пренесов грчкиот дома, ама ние сме чисти Македонци тука – појаснува Ашлаков.
Овие Македонци од егејскиот дел неодамна беа домаќини на своите сонародници од Хрватска – Македонци што со децении живеат, работат и дејствуваат таму. Гостите од Пула, предводени од КУД „Св. Кирил и Методиј“, донесоа богата културно-уметничка програма со македонски песни, ора и рецитали, кои брзо прераснаа во сеопшта веселба.
– Јас сум родум од Македонски Брод, а веќе 33 години живеам во Пула, Истарска Жупанија. Корените не смеат да се заборават. Во Хрватска живееме убаво и ги имаме сите права, како и сите други малцинства. Се трудиме децата да ги научат не само јазикот и културата туку и сè друго што е наше – рече Милена Златеска, претседателка на друштвото.
Културната средба беше организирана од македонската граѓанска асоцијација „Нѐ има“ од Прилеп – уште еден доказ дека македонскиот дух не познава граници, туку живее каде и да има срца што го чуваат. Д.Ст.