Кај здрави лица со урамнотежена исхрана, додатоците во исхраната често не носат никаква корист. Земањето мултивитамински додатоци можеби изгледа како брз начин да се обезбеди задоволително внесување различни витамини и минерали, но експертите велат дека таквите додатоци не се секогаш корисни и можат дури да бидат целосно бескорисни во одредени ситуации. Земањето додатоци е оправдано доколку лицето од некои причини не може да ги задоволи своите нутритивни потреби преку исхраната.
Индивидуални потреби
Во случаите кога исхраната веќе ги покрива сите дневни потреби за витамини и минерали, дополнителното внесување преку мултивитамински додатоци обично не е потребно. Додатоците во исхраната се корисни и во ситуации кога постои специфичен недостиг од одреден витамин, како на пример витамин Д, кој треба да се зема синтетички. Кај постарите лица тоа често значи недостиг од витамин Б12, Б6 или витамин Д, односно минерали како калциум или магнезиум. Дури и тогаш, подобро е да се зголеми внесувањето на овие хранливи материи преку храна отколку да се пијат додатоци.
Слично на тоа, истражување од институтот „Џонс Хопкинс“ покажува дека мултивитамините не го намалуваат ризикот од срцеви болести, рак, когнитивен пад или прерана смрт. Некои витамини, како Е и бета-каротен, можат дури и да бидат штетни во високи дози.
Витамините и минералите од додатоците не секогаш имаат иста апсорпциона ефикасност како тие од храната. Синтетичките витамини и минерали често имаат различна форма и структура од оние природно присутни во намирниците. Оваа разлика влијае на тоа додатоците да не се апсорбираат во организмот еднакво ефикасно како оние од храната. Секоја личност има свои индивидуални нутритивни потреби што зависат од полот, возраста, здравствената состојба и од други фактори.
Земaњето премногу витамини води до состојба на хипервитаминоза
Комплексните мултивитамини можат да обезбедат некои нутриенти во количества што не одговараат точно на потребите на секоја личност. Апсорпцијата на витамините, исто така, зависи од индивидуалните карактеристики на организмот, вклучувајќи ги генетиката, нивото на апсорпциски ензими и општата здравствена состојба. Храната обично содржи комбинација на различни нутриенти, а тие состојки меѓусебно соработуваат за да ја подобрат апсорпцијата на едни на други.
Синтетичките витамини, иако обезбедуваат одредена доза од самиот витамин, не содржат дополнителни компоненти што помагаат во неговата оптимална апсорпција. Од друга страна, некои мултивитамински таблети содржат количества на витамини и минерали што значително ги надминуваат препорачаните дневни дози, што може да биде непотребно, па дури и потенцијално штетно. Земaњето премногу витамини води до состојба на хипервитаминоза, која може да предизвика симптоми како исип, гадење, оштетување на црниот дроб или бубрезите, па дури и мозочен удар. Ризикот е особено висок кај витамините А, Д, Е и К, кои се раствораат во масти, се таложат во организмот и можат да се акумулираат до токсични нивоа.
Прекумерно внесување витамин Б6, на пример, може да предизвика оштетување на периферните нерви, познато како мегавитамин-Б6 синдром, кој обично се повлекува по прекинот на земањето на овој витамин. Покрај тоа, преголемото земање витамин Ц може да предизвика гастроинтестинални мачнини како дијареа, грчеви и надуеност, додека вишокот железо може да доведе до токсичност што ги оштетува црниот дроб, срцето и панкреасот. Долготрајното и неконтролирано земање додатоци може, исто така, да го попречи апсорбирањето на други хранливи материи. Премногу цинк, на пример, може да ја намали апсорпцијата на бакар и железо. Поради тоа е важно да се придржувате до препорачаните дневни дози и, кога е можно, внесувањето витамини и минерали да се обезбедува пред сè преку разновидна исхрана, а додатоците да се користат само по потреба и со консултација со лекар или нутриционист.

































