Ексклузивно во „Колибри“: рубрика со необјавени драмски текстови на Владо Димовски посветени на македонската фразеологија
- Праксата покажува дека играната форма е најпогодна за примање на пораките и за воведување во одредена тема. Затоа, од овие текстови може да произлезат драмски поставки што ќе ги играат деца, а секое катче каде што ќе се собере публика може да биде сцена, без разлика дали е тоа училница, училиштен двор, училиштен хол, плоштад или вистинска театарска сцена. Драги дечиња, ве охрабрувам да ја играте нашата фразеологија, да ја засакате и одвреме-навреме да ја користите во секојдневната комуникација, порачува писателот Владо Димовски
Во годината кога познатиот писател за деца Владо Димовски одбележува 45 години од своето творештво, на страниците на „Колибри“ ја започнуваме рубриката „Кажи ми да ти кажам“, во која ексклузивно ќе објавуваме досега необјавени драмски текстови на Димовски, кои на прониклив начин нѐ воведуваат во светот на македонската фразеологија.
Димовски ќе го одбележи својот јубилеј со книгата „Мали приказни за големи сонувачи“, која наскоро треба да излезе од печат.
– Логично беше да го направам тоа со избор приказни бидејќи веќе сум објавил шест книги со овој вид прозни творби. Инаку, почнав да пишувам приказни со самото доаѓање во Македонското радио за потребите на програмата. Како што поминуваше време, пораснав како автор и бев подготвен за нешто големо. Го реализирав авторскиот проект „Приказни од А до Ш“, односно за секоја буква приказна. Собрав екипа од актери, тон-мајстор, музички илустратор, композитор и реализиравме 31 емисија, кои прозвучија, да не речам, светски – раскажува Димовски.
Целиот проект сега може да се најде во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ како аудиокнига. Тој е особено горд на неговите триесетина приказни напишани специјално за магистерската работа на сега веќе покојниот Јордан Јорданоски. Димовски истакнува дека овој коавторски проект доживеал две изданија – изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните.
Приказните на Димовски се застапени во неколку избори, меѓу кои и „Македонске приче за децу“ (Македонски раскази за деца) објавена во Хрватска. Таму е застапен со приказната за грнчарот Глигор од Ресен и за глинениот гулаб, а истата таа е дел од учебникот по македонски јазик за седмо одделение.
– Во меѓувреме Владо Димовски работеше на нови драмски текстови, посветени на македонската фразеологија, кои ексклузивно за првпат ќе бидат објавени на страниците на „Колибри“ во рубриката „Кажи ми да ти кажам“.
– Македонската фразеологија ме фасцинира, ја обожувам. Уште кога работев во Македонското радио се обидов да им ја доближам на децата и тоа беше едно убаво искуство, кое на некој начин ме инспирира да почнам да пишувам книга. Се обидов да ги драматизирам најпознатите фрази, за полесно и побрзо да стигнат до младите. Tие се дел од нашата традиција, тие му ја даваат посебноста на стандардниот јазик – објаснува Димовски.
Од една страна ни е потребно да ја запознаеме македонската фразеологија, да ја користиме и со тоа да придонесуваме за богатењето на нашиот македонски јазик, а од друга страна многу наставници со години укажуваат дека недостигаат нови драмски текстови за деца. Па, ете, „Колибри“ во соработка со писателот Владо Димовски, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, ги има решенијата.
– Праксата покажува дека играната форма е најпогодна за примање на пораките и за воведување во одредена тема. Затоа, од овие текстови може да произлезат драмски поставки што ќе ги играат деца, а секое катче каде што ќе се собере публика може да биде сцена, без разлика дали е тоа училница, школски двор, училиштен хол, плоштад или вистинска театарска сцена. Драги дечиња, ве охрабрувам да ја играте нашата фразеологија, да ја засакате и одвреме-навреме да ја користите во секојдневната комуникација – порачува писателот Владо Димовски.
Ф.Д.

































