Ознаката за географското потекло на производите земјите-членки на Европската Унија досега можеа да ја добијат само за земјоделските производи, но од Брисел неодамна поведоа иницијатива ова право да се прошири и на другите автохтони производи. Овој предлог ќе биде испратен до Европската комисија, а Хрватска веќе најавува дека ќе конкурира со оригиналниот славонски златен вез, со брачкиот камен и со пашката тантела. Покрај промоцијата на националните производи, добивањето на ознаката би овозможило и повлекување средства од европската каса. Секоја година за фондот за заштита на земјоделски производи се одобруваат 54,3 милијарди евра.
Според истражувањето на „Политика“, досега на националното ниво се заштитени 78 производи со географско потекло, а меѓу нив се и четирите неземјоделски производи – пиротскиот килим, безданскиот дамаст, рачно плетените облеки „сирогојно“ и крпи од шабачкиот крај, кој е последен производ регистриран во Националниот регистар на Републичкиот завод за интелектуална сопственост. Ознаката за географското потекло е значајно маркетиншко средство, кое на овластениот корисник му гарантира предност во однос на конкуренцијата, затоа што подразбира контролиран и посебен квалитет на производите и нивното потекло.
Единствена заштитена услуга во Србија е онаа на „Чигота“, специјална болница за болести на штитната жлезда и метаболизам на Златибор. Србија има заштитено и неколку природни минерални води.
Европарламентарка Биљана Борзан вели дека во Зелената книга на Европската комисија е наведено дека регистрирањето на непрехранбените производи би овозможило повеќе од четири милиони нови работни места, и тоа во најсиромашните делови на Европа.
– Две третини од регионите од кои потекнуваат овие производи со ознака за географско потекло имаат стапка на сиромаштија или невработеност над 20 отсто. На овој начин сите различни ознаки за автентичност во одделни држави членки би биле ставени под една рамка, а тоа ќе го оневозможи фалсификувањето одредени производи – објаснува Борзан.
Со воведувањето единствен европски систем ќе се намали правната несигурност и ќе се зголеми довербата на потрошувачите при купувањето автентични производи. Ознаката за географското потекло е тренд во светот, а Индија, која ги има заштитено сарито, сликите и шаловите, си обезбеди позиција да ги условува трговците да потпишуваат договори за почитување на сопственичките права.