Повод: Безобѕирните неосновани напади на социјалните мрежи и на дел од странските медиуми во врска со оспорувањето на повелба на Хабсбуршката Монархија од 26 април 1690 година за посебноста на Македонците
- Се множат документите (оригинали, факсимили, преписи итн.) што се пронајдени од различни државни и приватни историски архиви, кои се публикуваат зачестено во јавноста, и кои флагрантно ја рушат тезата дека македонскиот народ е „создаден по 1945 година“ и кои покажуваат дека македонскиот идентитет бил етнички препознаен уште во 18 век, и претходно, при што се покажуваат континуитетот на името, македонскиот етникум, неговите засебни белези, јазикот, обичаите, културата, всушност самосвеста… Пронаоѓањето на вистината преку историски документи и извори несомнено ќе продолжи. И во државниот турски, а и секако во бугарскиот архив чекаат документи што наскоро ќе ја видат светлината на вистината… Но веќе нема потреба да се докажува она што е ноторен факт и не треба да влегуваме во дефанзива и дефетизам, поради тоа што треба да ја насочиме енергијата кон новите предизвици на новиот свет, пред кои како Македонци и македонска нација сме исправени
Професорот Георги Гоце Дуртаноски, експерт за христијанска палеографија, деновиве ѝ врачи на претседателката на Македонија Гордана Силјановска-Давкова копија од историски документ од исклучително значење за македонскиот народ. Имено, се работи за уникатен документ во калиграфски препис од издадена повелба на австрискиот цар Леополд Први Хабсбуршки (1640-1705) од 26 април 1690 година. Во документот Македонците се ставаат под заштита од страна на Светото Римско Царство, во време додека Македонија била под турско ропство. Повелбата на царот Леополд Први е објавена непосредно по задушувањето на македонското Карпошово востание од 1689 година. Ваков вид документи (повелби или привилегии) за време на владеењето на Леополд Први биле издавани за сите засебни и препознаени балкански етникуми, поради политичкиот интерес на Австро-Унгарија за влијание на Балканскиот Полуостров, кој тогаш бил во политичките граници на отоманскиот султанат.
Авторот на овој уникатен документ во калиграфски препис, професор Дуртаноски, посочи дека оригиналниот записник бил пронајден во Воениот архив во Виена, а потем реконструиран во Центарот за ракописни студии при Европската христијанска академија, со кој раководи. Но и покрај тоа, во јавноста, а особено на социјалните мрежи, се појави наплив од коментари и сомнежи за веродостојноста на повелбата на царот Леополд од 1690 година, со која де факто и де јуре се потврдува посебноста на Македонците како етникум и точно определено се детерминира македонскиот идентитет уште пред три века. Деновиве опскурните центри за деноминирање на македонскиот народ, јазик, историја, култура итн. повторно се разбудија и ги впуштија во силен погон своите агресивни методи.
Меѓутоа, повелбата на австрискиот цар Леополд Први Хабсбуршки (1640-1705) од 26 април 1690 година (документарна потврда за македонската посебност од крајот на 17 век и се наоѓа во Државниот архив во Виена) не е единствена што во полн капацитет, во историографијата ги препознава Македонците како засебен идентитет и етнички ентитет.
– Документот го потврдува она што повеќепати е докажано, но добро е да имаме уште еден аргумент, соочени со обидите за оспорување на македонскиот идентитет – изјави во јавноста претседателката Силјановска-Давкова.
Примери на историски документи во кои Македонците се јасно наведени како посебен етникум
Постојат државни документи од 18 век – сенатски укази и воени регистри на Руската Империја – во кои Македонците се јасно наведени како посебен етникум, различен од Србите, Бугарите и Власите…
Овие документи не се модерни толкувања, ниту политички, ниту идеолошки конструкции. Тие се службени државни акти, заведени во архиви и користени во државната администрација на европските држави, тогашни империи. Во продолжение претставуваме неколку документирани записи до кои дојде нашиот истражувачки тим. Пронајдените документи датираат од периодот од 1751 до 1759 година, односно по издавањето на повелбата од страна на Хабсбуршката Монархија од 1690 година.
Сенатски указ на Руската Империја – 24 декември 1751 г.
Во контекст на организираното преселување на православните народи во јужните територии на империјата, документот насловен сенатски указ на Руската Империја – 24 декември 1751 г., пишува:
„…да се дозволи населување на Бугари, Македонци, Срби и Власи во служба на Императорското Величество“.
Тука Македонците не се само споменати туку се истакнати во низа на повеќе етнички ентитети и децидно се назначени како различни и одделни од другите етникуми. Во тој контекст, за издвојување е дека низ историјата и државите (монархиите) од тој историски период ги идентификуваат Македонците како посебен индентитет и инсигнии од другите ентникуми (на Балканот), па тезата за постоење „вештачка македонска нација, создадена од Коминтерната и од 1944 година“ е целосно неточна и политичка измислица во функција на бугарската хегемонија.
Императорски указ на Руската Империја – 11 јануари 1752 г.
Со овој акт се наредува формирање воена единица од преселени православни народи:
„…да се состави полк од српски, македонски, бугарски и влашки луѓе…“
Воените единици на Руската Империја се формирале според етнички состав, не според „географски провинции“.
И уште една забелешка во истиот контекст: Ако Македонците биле исто што и Бугарите, немало да стои посебно одредницата македонски!

Македонски хусарски полк – 1759–1783 (официјално заведено име: „Македонский гусарский полк“)
Историски факт е дека во руската воена класификација, името на полкот секогаш го носи името на народот од кој е составен! Ова е врз база на документи, односно не е интерпретација. Но доколку се вадат заклучоци и интерпретации во врска со горенаведеното, се заклучува дека постоењето на македонски полк во државна воена служба значи:
– дека Македонците биле препознаени како различна и засебна етничка група;
– дека не биле подведени или изедначени под друг етникум, а уште помалку деноминирани по основа на етничките белези;
– дека етнонимот Македонци е континуиран и официјален во уште една европска монархија.
Документи со историско значење
Според нашите соговорници, универзитетски професори, издвоените историски извори, како документи, „ја рушат тезата дека македонскиот народ е ’создаден‘ по 1945 година, покажуваат дека македонскиот идентитет бил етнички препознаен уште во 18 век, односно покажуваат континуитет на името, ентникумот и македонската самосвест“. Во тој контекст, професорите издвојуваат дека ние Македонците не сме „дојдени“, „именувани“ или „конструирани“… ние имаме историска генеза и постоење што се документирани.
– Денес, по векови сведоштва, документи и самосвест, време е да престанеме да се браниме. Ако некој одлучил да не го признава нашето постоење, тоа е негов проблем, не македонски товар. Ние го имаме идентитетот. Ние го имаме името. Ние ја имаме државата. А наша обврска е да градиме институции, да вложуваме прво во образование, да ја јакнеме економијата, да ја чуваме културата и да се однесуваме со достоинство. Историјата веќе го кажала своето. Сега е наш ред да ја водиме иднината. Не мора повеќе да го докажуваме она што е одамна запишано. Сега мора да го совладаме новиот и суштествен предизвик што го носи новото време, новата светска конфигурација и да направиме сѐ да обезбедиме одржлив раст и развој на нацијата и државата за идните наши генерации, како што некој пред нас го направил тоа. Секој историски период е предизвик. Овој е предизвик на нашата генерација, нагласуваат професорите историчари. Р.Н.М.


































