1. Авторот често разговара со себе за она што го пишува, а и инаку, кога молчи, во него пулсираат, наизменично, и бунтовни и кротителски решенија.
Ова не го велам да ја нагласам макотрпноста на писателскиот труд. Спротивно, пишувањето, кога ќе тргне, умее да го израдува писателот со инспиративната мелодија на создавањето. Пишувањето е и преиспитување на сопствениот внатрешен свет во средбите и судирите со сложената, контроверзна стварност и, оттаму, исповедниот дијалог со читателот. Понекогаш сме принудени да чиниме отстапки во животот, во книжевноста фантазијата не дозволува такви нешта. Уметноста сугерира дека и во кревкоста и во минливоста на човековото постоење може да се собере ризница од мисли и чувства наспроти суровата бесмисленост на стварноста што постојано нѐ напаѓа.
2. Постои мислење дека пишувањето раскази, за разлика од подолгите наративни облици, е во еден здив, без, на пример, растегливоста на романот, и во таа смисла посигурно за авторот.
Во повеќето мои раскази, ликовите се од секојдневниот живот или поттикнати од сликите и ослушувањето на минатите животи, па се чини дека дејството е видливо. Ама не е баш така. Пишувањето некогаш се одвива по должината на патеките што стануваат лавиринтни, некогаш се сечат со ситуации што, дискретно или остро, ја менуваат мапата на приказната. Подоцна, кога ќе ја завршам и препрочитувам, приказната, со одбрано течение и смисла, особено ако е подолга, се соочувам со потребата нешто да допишам, иако, од друга страна, се јавува глас што ме предупредува да не ја омекнам со дополнувањата. Што се однесува до покусите раскази напишани со едноставен ентузијазам, за нив се потребни само ситни преправки.
3. За студент по компаративна книжевност, средбите со делата на Борхес, Кортасар, Еко, Калвино, Буцати, Киш… беа во еден замав, со своите проективни пробиви низ една повратна игра, интензивни и потикнувачки. Во согласност со мојот тогашен транзитен младешки период, кога спонтано експериментирав и барав предизвици, откритието на постмодернизмот и можностите што тој ги нудеше во градењето на текстот, ми даваше инспирација при создавањето на дебитантските книги, па, така, и мојата прва есеистичка збирка носи наслов „Дали Калимах беше постмодернист?“. Подоцна, кога таа златна доба, барокниот блесок на постмодернизмот пребрзо, благодарение и на експресната технолошка поплава, се мултиплицираше во произволни, шаблонски имитирања (една своја подоцнежна книга есеи ја насловив „Борхес и Компјутерот“), па вреднувањата на тие продолженија стануваа, очекувано, критикувани. Очигледниот недостиг од критериум во денешната хиперпродукција е дел на лудата стварност во која книгата станува продукт, литературата бизнис што им се покорува на меркантилните законитости – брзо, доходовно, потрошно. Писателите што настојуваат да ги напрегнат својот дух и имагинација, за да креираат мисловен, емотивен предизвик за своите читатели изгледаат старомодно. Неконформистичките читатели изумираат како и неконформистичките писатели.
4. A сепак, доживотен е восхитот кон цртежот на ранетиот бизон од Алтамира во темното, тешко достапно катче на пештерата и, од друга страна, внимателното ослушување на сцените со минојските девојки и танчарки во центрифугалните критски палати без надворешни ѕидови што би го ограничувале видикот – иако во сосема спротивни опкружувања, пред нив е истоветно возбуден поради непосредната блискост на тој подвижен живот, поради таа првична животност наспроти денешниот глобален, загаден хаос, со сограѓаните како ранети киборзи. Како да најдеш по(т)чит кон природниот тек на животниот биопис за да се спротивстави на лажниот блескот на рекламниот свет? Ослушување приказна, набљудување па промислување, маргиналност па дејствување, тоа сѐуште му преостанува на денешниот писател, кој, и покрај распаѓањето на единството на просторот, ја наоѓа смислата на својот труд.
5. Вештината на раскажувањето, како и секој занает, се учи и искушува за време на целиот писателски живот. Притоа раскажувачот треба да ги совлада овие две суштински задачи во третманот кон ткивото на текстот: првата, да не подлегне на сентименталноста, а да не се откаже од стилската доследност што во контекстот на определена содржина ја повикува иронијата или чувствителноста и, што е многу важно, да го согледува дејството одвнатре, со очите на ликот или камерата. Секако, раскажувачкиот занает подразбира учители, не можеш да бидеш подобар писател ако не си добар, посветен читател, кој добива совети, помош од големите мајстори. Отвореноста на читателскиот хоризонт, внимателното ослушување (читање) го храни сопствениот имагинативен извор, и тоа не само во борхесовска или екоовска смисла, туку и кај писатели меѓусебно толку различни како Џојс и Набоков. А вториот, или првиот услов (зашто се преплетени) за човек со амбиција да стане писател е непорекливата важност на сопственото животно искуство што не е само натрупување впечатоци, доживувања, средби, туку мора да биде поткрепено со прераспределување на тоа искуство во слоевите на (не)совршената човечност.
Дали ќе стаса да ги напише сите свои приказни? Големите раскажувачи како По, Мопасан, Чехов, Кафка, и покрај кусите животи, создадоа ремек–дела на раскажувачката уметност, Пирандело пишуваше раскази секој ден, веројатно од желба да зачува што повеќе. Писателот со своето дејствување се обидува да се спротивстави на неумоливиот проток на времето. Времето не запира, но добрата книга, како и композицијата, како и сликата, добива шанса да го опфати „мигот на вечноста“.
Сѐ уште заспивам со книга во рака. Читам и препрочитувам, подготвен тоа неповторливо доживување во читањето добра книга да го складирам во библиотеката на впечатоци и аргументи. Читањето никогаш не е случајно!

































