Димитар Тодороски, автор на монографијата „Врховистите и македонското револуционерно движење 1903–1905“
- Ова истражување го опфаќа периодот од 1903 до 1905 година, непосредно по Илинденското востание, кога се случиле клучни промени во односите меѓу македонските револуционерни организации и Бугарија. Иако временски краток, овој период се покажа исклучително плоден за разбирање на врховистичката активност, нејзината политичка заднина и трансформацијата кон неоврховизам. Преку детална анализа на извори, документи и публицистика, трудот настојува да фрли нова светлина врз улогата на ВМОК и врховистите во поширокиот контекст на македонската револуционерна историја и да придонесе кон попрецизно дефинирање на нивното место во неа
Промоцијата на монографијата „Врховистите и македонското револуционерно движење 1903–1905“ на Димитар Тодороски, магистер по историски науки, е закажана за 15 ноември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност.
– Кој го копка што е тоа толку јалово помеѓу Македонците и Бугарите и зошто некои историски проблеми никогаш не запреле да бидат актуелни… вреди да ја прочита книгата – пишува Димитар Тодороски.
Со него подетално разговараме за монографијата, направените истражувања, врховистите, односите меѓу македонските револуционерни организации и Бугарија…
Што ве наведе да ѝ се посветите токму на оваа тема – врховистите и нивната улога во македонското револуционерно движење?
– Формирањето на нашата татковина Македонија во 1944 година се должи на принципот на борбата против фашизмот и врховизмот. Создавањето на сите државнички институции, како Македонската академија на науките и уметностите, Македонската православна црква, Институтот за национална историја и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, е дело на истакнати борци против врховизмот, меѓу кои Лазар Колишевски и генерал Михајло Апостолски.
Контроверзноста што се појави по стекнувањето на независноста во деведесеттите години, а која до денес е присутна преку пројавувањето антимакедонски чувства кај одделни поединци и повиците за историска ревизија, имаше значајно влијание врз моето научно оформување уште од основното и средното образование.
Фактот што со таков потсмев и презир Грција, Србија и Бугарија гледаат на нашата историографија, бруталноста на нивните напади кон сè што е македонско и недостигот од одговор или отпор од нашите речиси распаднати научни институции, ме мотивираше, како млад кадар при Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје, најпрво да ги осознаам подлабоко нашата историја и делото на нашите научни великани: Љубен Лапе, Димитар Димески, Иван Катарџиев, Манол Пандевски, Ванчо Ѓорѓиев и други.
Пред сè, оваа мотивација ми даде желба да видам што пишуваат оние што се потсмеваат со нас. Следуваше долготрајно истражување на српската, грчката и, пред сè, бугарската историографија. Токму читањето на бугарската историографија, нејзиниот одмазднички поглед кон македонската историја и интелектуалната забрана во голем дел од бугарското општество да се дозволи какво било проникнување на македонизмот, беше главниот детерминирачки фактор во оформувањето на ова истражување.
Колку време ви беше потребно за истражување и пишување и кои извори беа клучни за вашата работа?
– Монографијата всушност претставува продолжение на мојата магистерска теза, изработена под менторство на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев. Истражувањето траеше три и пол години, а одбраната на магистерскиот труд се одржа на 3 март 2023 година. Во периодот потоа делото беше дополнувано и дооформувано со нови сознанија, сè до неговото финализирање во форма на монографија.
Истражувањето зад ова дело се развиваше природно од мојот подолг академски интерес за македонското револуционерно движење, кој започна со дипломската теза посветена на Врховниот македонски комитет во периодот 1895–1903 година. Продолжувајќи го тој истражувачки фокус, се насочив кон периодот 1903–1905 година, кој го сметам за пресвртна точка во односите меѓу врховистите и Внатрешната организација. Наместо да тргнам од однапред поставена хипотеза, истражувањето се темелеше на аналитичко-историски метод, кој овозможи критичка и систематска анализа на процесите, движењата и нивните идеолошки разлики во контекст на пошироките балкански и европски влијанија.
Во текот на работата, истражувањето се прошири во обемна анализа на архивски материјали, дипломатски извештаи, весници, списанија, спомени и други извори од времето. Денови и месеци беа посветени на собирање, споредување и систематизирање на податоците со цел да се реконструира динамиката на револуционерните случувања и нивните политички импликации. Ваквиот пристап овозможи историските настани да се прикажат низ автентични извори и да се разберат не само како политички конфликти туку и како дел од поширокиот процес на оформување на македонската национална идеја.
Како изгледаше процесот на собирање архивски материјал – дали имавте пристап до нови, досега необјавени извори?
– Многумина тврдат дека Македонија не располага со доволно архивска граѓа и дека најголемиот дел од материјалите се наоѓаат во архивите на соседните држави како Србија, Бугарија и Турција. Меѓутоа, тоа не е сосема точно. Недоволното инвестирање и недоволниот ангажман на државата кон важноста на архивите доведуваат до тоа во нив да нема доволна систематизација и лесен пристап за спроведување темелни истражувања.
Сепак, со упорност, посветеност и искрена љубопитност, и тие пречки во истражувачкиот процес можат да се надминат. Дури и во сè уште несредените архивски одделенија може да се пронајде вистинско богатство, особено за периодот што е предмет на мојот интерес, крајот на XIX и почетокот на XX век.
Посебна благодарност упатувам до мојот ментор, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, кој повеќепати ми овозможи пристап до документи и материјали од неговата приватна архива, како и до Стојан Аврамовски, виш соработник во Државниот архив, кој сега е во пензија. Во неговата лична колекција се наоѓаат над 340.000 дигитализирани документи, весници, списанија, книги и спомени. Тој труд е резултат на нивната лична иницијатива и совесност, а не на системска државна политика.
Во јавноста, терминот „врховисти“ често има негативна конотација. Како вие го дефинирате нивното место во историјата?
– Врховистите се продолжената рака на Кнежеството Бугарија за вмешување во македонската револуционерна борба и потенцијална контрола над целото македонско револуционерно движење.
Фасцинантно е што најголемиот дел од членовите во Врховните комитети се Македонци што живеат и работат во Софија. Нивната мисија навидум е благородна – на сите начини се обидуваат да ја афирмираат македонската борба и собираат значителен дел средства за помош на Македонците во Македонија. Меѓутоа, Бугарија, за да не дозволи ВК да излезе надвор од нејзината контрола, преку офицери лојални на кнезот и кнежеството прави внатрешни преврати во самите комитети и индиректно двапати поставува пензионирани бугарски генерали, како Данаил Николаев (1895–1897) за претседател и Иван Цончев (1901–1903) за потпретседател.
За да го насочат Врховниот комитет да работи во полза на ТМОРО, задграничните претставници Гоце Делчев и Ѓорче Петров активно се вклучуваат во работата на Врховните комитети од 1897 година сè до прекинот на соработката со Борис Сарафов во 1900 година. Токму Делчев и Петров, како задгранични претставници на ТМОРО, помагаат во формирањето на Тајните офицерски братства од претежно македонски офицери што биле дел од бугарската армија. Гоце Делчев и Ѓорче Петров потоа ќе ги искористат Тајните офицерски братства за со нивна помош да постават структура, одобрена од ТМОРО, на чело на Врховниот комитет.
На шестиот конгрес на ВМОК за претседател е избран Борис Сарафов, кој во првата година од неговото раководство испраќа рекордни средства и оружје за потребите на ТМОРО, додека во втората година се засилува и се оттргнува од ТМОРО, што е во служба на бугарската држава. Тука можеме да видиме како врховистите и ТМОРО соработуваат. Но, таа соработка е кратка, затоа што сè понатаму што прават врховистите, особено под неформалното раководство на генералот Иван Цончев, ќе биде пакосно кон целата македонска револуционерна борба.
Врховизмот има цел да го завладее македонското револуционерно дело и да го преземе приматот на македонската револуционерна борба, сè со цел да го приспособи на завојувачките потреби на бугарската држава. Додека ТМОРО се бори за автономна Македонија, од која подоцна би се создала независна македонска држава и која отворено се бори под девизата „Македонија за Македонците“. Токму оваа идеолошка борба е длабоко опишана во мојата монографија.
Кои беа главните разлики меѓу врховистите и внатрешните револуционери – идеолошки, организациски, но и човечки?
– Додека ТМОРО се бори за автономна и независна Македонија, се организира и носи одлуки автохтоно и директно го брани населението на терен, Врховниот комитет од 1901 година натаму се однесува и организира како надворешна, странска оружена пропаганда во стилот на оружените пропаганди на Грција и Србија. Поранешни арамии и осуденици од ТМОРО се главните врховистички војводи, а другата клика ја формира офицерското крило под команда на Иван Цончев, лојално на политиката на кнезот Фердинанд: полковниците Стефан Николов и Анастас Јанков, капетан Александар Протогеров, поручниците Христо Саракинов и Јордан Стојанов, потпоручниците Илија Балтов, Константин Настев, Владимир Каназирев, Борис Стрезов, Христо Танушев итн.
Постојат безброј примери што сведочат дека врховистичките чети, наместо да го заштитат населението во чија полза номинално дејствувале, му нанеле сериозни страдања токму на македонскиот народ што ја прифатил ТМОРО како своја легитимна револуционерна организација. Наместо да дејствуваат како фактор на ослободувањето, тие се претвориле во извор на страв, грабежи и насилства, извршувајќи тешки престапи врз мирни жители што одбиле да соработуваат или да им предадат материјални средства. Таквото однесување го поткопало моралниот и организациски авторитет на револуционерната борба и довело до длабока антагонизација меѓу населението и врховистичките чети, кои во јавната перцепција биле идентификувани како деструктивен и туѓ елемент во внатрешното движење.
Во серија статии објавени во весникот „Револуционерен лист“, органот на ТМОРО, овие дејства биле детално документирани и јавно осудени. Весникот нагласил дека врховистичките акции, изведувани под формална патриотска реторика, суштински го компромитирале револуционерниот процес и го нарушиле неговото политичко единство. Истите заклучоци се потврдиле и во други тогашни периодични изданија, кои известиле за систематски пљачкосувања, физички малтретирања и заплашувања на населението во реоните каде што дејствувале овие вооружени формации. Самите оружени судири помеѓу четите на ТМОРО и ВМОК се доказ за анимозитетот и длабокиот јаз помеѓу нив.
Најобемната и најдокументирана анализа на врховистичките злосторства се содржи во „Официјалната притурка“ на „Револуционерен лист“, објавена на 2 јуни 1905 година, каде што се презентирани конкретни сведоштва, имиња и датуми на нападите. Таа притурка претставува примарен извор за историското реконструирање на настаните и официјално објаснување на разликата во идеологија и суштествување помеѓу ТМОРО и врховистите.

Во монографијата ги обработувате годините 1903–1905 – период по Илинденското востание. Што се менува во тој период во односите меѓу организациите и Бугарија? Колку имала влијание тогашната бугарска политика врз македонските револуционерни структури?
– Целата монографија, од почетокот до крајот, претставува опширен одговор на овие две прашања. Токму овие две прашања, особено второто, се главниот лајтмотив и главната научна теза што со трудот се обидувам да ја решам.
Во најавата велите дека книгата им се обраќа на сите што ги „копка“ прашањето што е тоа јалово меѓу Македонците и Бугарите. Што, според вас, лежи во коренот на таа јаловост?
– Коренот на јаловоста се должи на непрестанатата борба на бугарската држава од 1878 до ден-денес физички да се освои и присоедини Македонија, а доколку не се успее во тоа, да се освои и монополизира по бугарски терк – македонското културно наследство и историја.
Целата врховистичка идеологија што ја обработувам се должи токму на таа бугарска политика. Таа идеологија никогаш не запрела, таа еволуирала во неоврховизам чии последици се видливи и ден-денес. Постои голем дел од македонското национално ткиво што интимно или директно ја следи таа врховистичка, пробугарска идеологија, која е комплетна негација на целата основна наука за создвањето на модерната македонска нација. За жал, најголем дел од следбениците на таа идеологија се Македонци што со генерации живеат во Бугарија и се најголеми противници за постоењето на македонизмот и независната македонска историја. Тоа не ги прави ништо помалку штетни од иредентистичките погледи на грчката и дел од српската историографија кон Македонија и Македонците.
Иако не бев свесен на почетокот на моето истражување, но впрочем предмет на блокада на Македонија кон нејзиниот пат во ЕУ што се случи подоцна беше бугарската политика на вето. Една од причините на тоа вето беше обидот за ревизија на македонската историја под бугарски диктат во рамките на комисијата за историја. Тие политички ги поставија неоврховистичката идеологија и нејзиното прифаќање од македонска страна како услов за нашето членување во Европската Унија. А со блокадата, Бугарија директно ги оштети потенцијалниот македонски буџет и економија, кој би бил тројно поголем доколку би биле дел од ЕУ. На ист начин како што тоа го правеше Грција.
Историскиот континуитет во борбата помеѓу врховизмот и антиврховизмот, кој трае повеќе од 150 години, е фасцинантен сам по себе.
Како ја гледате вашата монографија во контекст на досегашната македонска историографија – како дополнување, како ревизија или како нов пристап?
– Монографијата ја согледувам како дополнување на македонската историографија и како обид да се даде посистематски придонес кон разбирањето на едно значајно, но недоволно истражено поглавје од историјата на македонското револуционерно и националноослободително движење. За да се добие целосна слика за развојот на ова движење под водство на ТМОРО, неопходно е паралелно да се следи и улогата на Врховниот македоно-одрински комитет, бидејќи врховистите беа дел од сите суштински процеси и на различни начини влијаеја врз нивниот исход. Токму таа потреба за пошироко разбирање на контекстот и за аналитичко прикажување на меѓусебните односи ме мотивираше да го разработам овој труд.
Иако врховистите се присутни во речиси сите позначајни трудови посветени на македонската револуционерна борба, нивната активност досега не била предмет на целосно и систематско проучување. Постојните истражувања, како оние на Крсте Битоски и Манол Пандевски, понудиле важни согледувања за врховизмот и неговото влијание, но во рамките на пошироки теми и без детална анализа на односот меѓу ВМОК, ТМОРО и официјалната бугарска политика во конкретниот историски период. Значаен придонес дале и историчарите Димитар Димески и Ванчо Ѓорѓиев, кои во своите трудови ги осветлуваат активностите на врховистите и нивните последици врз македонската борба, но нивните трудови не ја опфаќаат темата во нејзината целосност.
Ова истражување го опфаќа периодот од 1903 до 1905 година, непосредно по Илинденското востание, кога се случиле клучни промени во односите меѓу македонските револуционерни организации и Бугарија. Иако временски краток, овој период се покажа исклучително плоден за разбирање на врховистичката активност, нејзината политичка заднина и трансформацијата кон неоврховизам. Преку детална анализа на извори, документи и публицистика, трудот настојува да фрли нова светлина врз улогата на ВМОК и врховистите во поширокиот контекст на македонската револуционерна историја и да придонесе кон попрецизно дефинирање на нивното место во неа.

































