Лидија Танушевска, професорка по полска книжевност и превод
- Во почетокот на ноември во Скопје ќе се одржат неколку настани посветени на книжевната репортажа – жанр што на уникатен начин ги спојува новинарството, нефикцијата и книжевната уметност. Настаните ќе ги водат тројца истакнати претставници на современата полска репортажна школа: Мариуш Шчигел, Марго Рејмер и Камил Балук
На 4 ноември, со почеток во 9.30 часот, во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ќе се одржи мастерклас со еден од највлијателните современи полски репортери – Мариуш Шчигел, на темата „Зошто и како пишуваме? За книжевната репортажа во Полска“. Предавањето ќе биде на полски јазик со превод на македонски.
Мариуш Шчигел е автор на голем број книги, меѓу кои „Готленд“, „Создај си рај“, „Нема“ и „Фактите мора да се разиграат“, добитник е на Европската награда за литература (2009) и на полската книжевна награда „Нике“ (2019).
Тој е основач на Полската школа на репортажа, еден од највлијателните центри за развој на жанрот во Европа.
Негови книги преведени на македонски: „Готленд“ во превод на Лидија Танушевска („Или-или“, 2016) и „Создај си рај“ во превод на Звонко Димоски („Восток“, 2019).
Настанот ќе продолжи со работилница за книжевна репортажа, на која учесниците ќе имаат можност да се запознаат со историјата, методите и техниките на полската репортажа, но ќе научат како да ги усовршат сопствените книжевни и новинарски вештини. Работилниците ќе ги водат полските автори Марго Рејмер и Камил Балук, на 4 и 5 ноември, на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Работниот јазик на работилниците е англиски, а за учество е потребна претходна пријава.
Во рамките на програмата, на 4 ноември 2025 година во 19 часот, во бистрото на „Театар Комедија“, ќе се одржи авторска средба и промоција на книгите:
„Калта послатка од медот. Гласовите на комунистичка Албанија“ од Марго Рејмер и „Сите деца на Луи“ од Камил Балук.
Двете книги од полски на македонски јазик се во превод на Лидија Танушевска (годинашната лауреатка на наградата за најдобар превод на книжевно дело „Драги“), а во издание на „Славика либрис“ од Скопје. Настанот ќе биде посветен на разговор за книжевната репортажа, нејзините граници и улогата на авторот како сведок на реалноста. Со гостите ќе разговараат преведувачката Танушевска и Јасминка Делова-Силјанова.
Настаните се организирани во соработка со Амбасадата на Република Полска во Скопје, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и ИК „Славика либрис“, со цел промовирање на современата полска книжевност и културна размена меѓу Полска и Македонија.
Подетално за настаните и важноста на книжевната репортажа разговараме со Лидија Танушевска, професорка по полска книжевност и превод на Катедрата за славистика, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Како дојде идејата да се организира ваков настан во кој полската школа на репортажа се поврзува со македонскиот контекст?
Пред речиси десет години, кога Мариуш Шчигел беше во Скопје, на промоцијата на својата книга „Готленд“ на македонски јазик, зборувавме многу за работите што се случуваа во Македонија тогаш и тој ми даваше идеи што би можел да пишува некој за Скопје – на пример, една негова идеја беше да се истражат новите споменици на плоштадот и околината, кои никнаа со проектот „Скопје 2014“, и да се спојат приказните за секоја од личностите или настаните што ги претставуваат. И тогаш зборуваше дека би било интересно да направи една работилница на нашиот универзитет со студентите по новинарство. Но некако не дојде до реализација на оваа помисла, веројатно поради мојата презафатеност со други проекти.
Но минатата година, Јасминка Делова-Силјанова, моја колешка од Катедрата за славистика, и јас се сретнавме со Марго Рејмер, чиј превод допрва требаше да го работам за издавачката куќа на Јасминка, „Славика либрис“. Марго беше случајно дојдена во Скопје и нејзина иницијатива беше да се запознае со нас двете. Во разговорот со неа веројатно се провлече оваа идеја да се направи работилница за книжевна репортажа – сега навистина не знам чија беше идејата, моја, на Јасминка или на Марго, а можеби и на Наталија Лукомска, која подоцна, исто така, се сретна со Марго, но оттогаш тргна реализацијата, главно, поради големото разбирање и поддршка на Амбасадата на Република Полска во Скопје и амбасадорот Мариуш Бримбора, а се разбира, голем поттик за оваа иницијатива ни дава и издавачката куќа „Славика либрис“, која широко ја отвори вратата за книжевната репортажа и ја промовира на секој можен начин. Се покажа дека Камил Балук, чија книга ја преведував претходно, токму по препорака на Шчигел, ѝ е прв сосед на Марго во Варшава, па така и падна изборот на авторите. Наскоро потоа бев во Варшава и се сретнав со Шчигел, кој исто така изрази голема волја да дојде на такво нешто во Скопје и така се собра една репрезентативна екипа.
Зошто сметате дека вакви настани се важни за нашата книжевна и новинарска сцена?
Мислам дека во светот се случуваат многу важни и интересни работи за кои може да се пишува и доколку тоа е убаво напишано, ќе им го привлече вниманието на читателите. Како што Мариуш Шчигел има еднаш изјавено: „Во светот се случуваат такви работи, што веќе не треба да се измислува“. Ова е книжевен жанр што ги задоволува естетските и литерарните вредности на вистинската книжевност, а се заснова на факти и тоа е нешто што на македонската книжевна, па и новинарска сцена не им е многу јасно. Настани и личности вплетени во една книжевна репортажа можат да имаат многу поголем импакт врз читателската публика. Не само што можат да го поттикнат читањето книги во целост туку и можат да остават траен белег врз колективната меморија на одредени настани и да ги разјаснат „матните“ состојби во едно општество. Замислете, на македонската сцена да се појави една книга за состојбата на жените во македонските затвори, во која меѓу сведоците ќе се најдеа Катица Јанева и Гордана Јанкуловска, каква што беше идејата на еден мој студент, Андреј Јованчевски. Во брзите вести сѐ е минливо, актуелно е во моментот и потоа веќе не се следи приказната, забораваме на тоа или спомените и деталите избледуваат, а книжевната репортажа го чува сето тоа и навлегува подлабоко во причините и последиците. Затоа е важно македонската книжевна и новинарска сцена да се запознае со овој жанр, преку овие настани што ќе се одржуваат на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Можеби некој и ќе биде поттикнат да се испроба во ваквиот жанр и ќе му се дадат појасни насоки на истражувачкото новинарство.
Дали постои интерес кај македонските автори и читатели за книжевна репортажа?
На книжевната репортажа сѐ уште не ѝ е добро одредено местото во нашето опкружување и тоа донекаде е нормално, бидејќи и во Полска сѐ уште се водат дискусии околу тоа, иако според полиците во книжарниците и бројот на издадените книги, овој жанр доминира на книжевната сцена таму последниве дваесетина години. Кај нас е многу тешко да се пробие една книга како популарна доколку отстапува од вообичаената книжевна сцена и не е од македонски автор. Затоа е тешко да се процени дали за некој жанр постои интерес. Може да зборувам само од лично искуство со делата од овој жанр што сум ги преведувала. Многу често книгите им ги „подметнував“ на одредени луѓе, само со цел да ги прочитаат. Значи тука немало никаква финансиска добивка, самата понекогаш ги купувам од моите издавачи за да му ги подарам некому, за кој верувам дека ќе се заинтересира за книжевната репортажа. Но кога веќе ќе прочитаат нешто, повеќето се воодушевени. Така беше со Ришард Капушќињски, чиј прв превод на македонски излезе доста доцна, седум години по неговата смрт, а тој беше мајсторот на книжевната репортажа во минатиот век. Моите колеги полонисти од Хрватска, Филип Козина и Сандра Банас, во една научна статија за рецепцијата на Капушќињски во Хрватска, која е слична на македонската, пишуваат за тоа дека една издавачка куќа ја спуштила цената на едно негово дело на некоја симболична цена, па професорите полонисти купувале по еден куп книги и им ги подарувале на познаници, само за да го популаризираат неговото дело. Ришард Капушќињски беше предодреден да ја добие Нобеловата награда во годината кога умре. Можеби тоа е начин да се предизвика интерес кај читателите. Светлана Алексиевич го постигна тој интерес благодарение на Нобеловата награда.
Полската школа на репортажата е светски позната. Што мислите дека можеме ние, во Македонија, да научиме од нивниот пристап кон документарното раскажување?
Што не можеме да научиме!?! Може да научиме како да го слушаме другиот, а не да се слушаме само себеси и да му ја наметнуваме нашата идеја за тоа што тој би можел да ни го каже. Може да научиме да ги толерираме другиот и инаквото мислење. Може да научиме како една изјава на сведок, соговорник, да ја сместиме во вистински контекст и да биде интересна. Може да научиме како да поврзуваме работи што се од суштинско значење и да изведуваме заклучоци врз основа на факти. Може да научиме како деталите, кои ни се чинат неважни, се клучни за плетење на една приказна. Како од ситници се доаѓа до големата слика. Може да научиме да ја кажуваме вистината во очи, јасно и без оставање простор за шпекулации, без комплицирање на нештата и оставање тајни што ги знаат само одредени елитни средини. Може да научиме каде да ги бараме приказните итн.


































