Насловна страница на јубилејното, критичко издание на „Абецедарот“

Сто години потоа: Реобјавен „Абецедарот“ за македонските деца во Егејска Македонија од 1925 година

  • Авторки на текстовите, кои се поместени во јубилејното издание „Абецедарот – сто години потоа“, се историчарките проф. д-р Нада Јурукова и проф. д-р Виолета Ачкоска и на лингвистичкиот дел проф. д-р Елка Јачева-Улчар, која покрај како авторка се јавува и како уредничка на изданието. Официјалното претставување на ова критичко издание се планира да биде извршено кон крајот на ноември или во почетокот на декември, како што дознава неофицијално „Нова Македонија“, во Битола и во Македонската академија на науките и уметностите. Оваа денешна статија за „Абецедарот – сто години потоа“ е и негово прво медиумско претставување во македонската јавност, кое се врши преку страниците на „Нова Македонија“

Изминатиот викенд во Скопје, во издание на Здружението на Македонците од егејскиот дел на Македонија – Битола, излезе од печат книгата „Абецедарот – сто години потоа“. Букварот под името „Абецедар“ првично е издаден во 1925 година во Атина, за македонските деца во Егејска Македонија, денес во Грција – на чист македонски јазик, односно на неговото леринско-битолско наречје. Под силен притисок на Друштвото на народите, на Грција ќе ѝ биде наложено издавање буквар за децата на „славофоното“ малцинство во Грција. Овој буквар, напишан со латинично писмо, а не со кирилично како што е во нашата традиција, е политички избор: целта на овој буквар е да се истакне посебноста на јазикот што го зборуваат Македонците во Егејска Македонија, кој не е ниту бугарски ниту српски, но кој, не е именуван како македонски, туку како „јазик на Славофоните“ во Грција. Букварот поради силни отпори на цели слоеви на грчкиот народ воопшто не стигнал во рацете на македонските деца, туку бил уништен, освен неколку примероци, кои се зачувани од сиот отпечатен тираж. Авторки на текстовите, кои се поместени во јубилејното издание „Абецедарот – сто години потоа“, се историчарките проф. д-р Нада Јурукова и проф. д-р Виолета Ачкоска и на лингвистичкиот дел проф. д-р Елка Јачева-Улчар, која покрај како авторка се јавува и како уредничка на изданието. Официјалното претставување на ова критичко издание се планира да биде извршено кон крајот на ноември или во почетокот на декември, како што дознава неофицијално „Нова Македонија“, во Битола и во Македонската академија на науките и уметностите. Оваа денешна статија за „Абецедарот – сто години потоа“ е и негово прво медиумско претставување во македонската јавност, кое се врши преку страниците на „Нова Македонија“.
Јубилејното критичко издание „Абецедарот – сто години потоа“ се состои од два дела. Во првиот дел, покрај предговорот кон јубилејното издание, со кое се одбележуваат 100 години од печатењето на „Абецедарот“ во Атина во 1925 година, се поместени и три статии од наши угледни професорки. На прво место се наоѓа обемната статија од проф. д-р Нада Јурукова, под наслов „Абецедарот и положбата на македонското малцинство во Грција“. Во статијата на шеесетина страници проф. Јурукова ги претставува длабоките политички и демографски превирања на Балканот во првата половина на 20 век и особено тешката положба на македонското малцинство во Грција, чија судбина се обликува во поширокиот контекст на Балканските војни, Првата светска војна и со меѓународните договори (Нејскиот договор, Севрскиот договор, Договорот од Лозана и Платформата Калфов ‒ Политис), со кои се стремело да се воспостави нов поредок на Балканот. По оваа статија следуваат статиите на проф. д-р Виолета Ачкоска, „Македонскиот ‘Абецедар’ меѓу минатото и сегашноста“, како и статијата „Абецедарот’ од јазично-педагошки аспект“, на проф. д-р Елка Јачева-Улчар.
Вториот дел од „Абецедарот – сто години потоа“ целосно е всредоточен на текстот на „Абецедарот“ од 1925 година. По Воведот кон „Абецедарот“ (1925–2025) од професорката Ачкоска следува и воведен текст кон транскрипцијата на „Абецедарот“ со кирилско писмо. Веднаш по него е поместен „Абецедарот“ во неговата оригинална форма на левата страна од книгата, и транскрибираните страници со кирилица, од десната страна. Вториот дел од јубилејното издание е заокружен со Речник на дијалектизми и помалку познати зборови во „Абецедарот“ од професорката Јачева-Улчар.

Виолета Ачковска: „Абецедарот“ е документ од фундаментално историско значење, бидејќи ја покажува посебноста на македонскиот народ со свој посебен јазик

Во својот „Вовед“ кон „Абецедарот“, проф. д-р Виолета Ачковска пишува дека стоте години од неговото првично објавување се повод и за осврнување на едно историско време на поделби и непријателства на Балканот, во чиј центар се наоѓа Македонија, изложена на апетитите на соседите и на стратегиските интереси на големите сили.
– По неколку децении исполнети со пропаганди ‒ црковни, просветни, оружени, конечно, по крвавите Балкански војни (1912‒1913), беа делумно задоволени фикциите за големи држави на соседите на сметка на територијата на Македонија. Балканските сојузнички војски газеа врз неа како врз ненаселена земја, оставајќи зад себе пустош и смрт. Истата агонија продолжува и за време на Првата светска војна (1914‒1918), во која низ Македонија поминува Македонскиот (Солунскиот) фронт, на кој од двете страни се распоредени околу еден милион и 200 илјади војници. Со Букурешкиот мир (1913), а потоа и со Версајскиот договор (1919), започнува нова етапа во историјата на македонскиот народ, кој е поделен на четирите балкански држави: Кралството Грција, Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, царска Бугарија и новоформираната држава Албанија. Така, петвековното османлиско владеење ќе биде заменето со недемократските балкански режими, кои не му признаваат на македонскиот народ никакви национални и политички права, а тој ќе биде изложен на терор и систематска денационализација и асимилација – пишува Ачковска.
Натаму, таа посочува во „Воведот“ дека Друштвото на народите, формирано по Првата светска војна, тргнувајќи од решението на големите сили, кои ќе изнајдат „конечно“ решение за македонското прашање со поделбата на етногеографска Македонија, во истиот дух ќе води политика на заштита на малцинствата.
– Во овие рамки на Македонците ќе им биде „дозволено“ да се изјаснат, според свој избор, како Гркославофони (Словеногласни), Јужносрбијанци или како македонски Бугари, во зависност од тоа во кои држави живеат. Истовремено, незадоволни од териториите што им се доделени на „зелена маса“, Кралството СХС, Бугарија и Грција водат силна дипломатска активност во докажувањето дека „нивното“ малцинство е загрозено во рамките на соседната држава. Под силен притисок на Бугарија, која бара права за „бугарското“ малцинство во егејскиот дел на Македонија, Друштвото на народите ќе ѝ наложи на Грција издавање буквар за „бугарските“ деца. Така, во 1925 година, со латинично писмо беше издаден буквар наречен „Абецедар“ на чист македонски јазик, односно на неговото леринско-битолско наречје – посочува Ачковска во својот „Вовед“.
Таа истакнува дека објавувањето на „Абецедарот“ било непријатно изненадување за бугарските дипломати, бидејќи е издаден на јазик неразбирлив за Бугарите, додека грчките дипломати тврделе дека македонскиот е посебен јазик, односно дека „Словеногласните“ во Грција не се ниту Бугари, ниту Срби, туку посебна националност.
– Но како и многу други маневри на грчката држава, овој буквар нема да се применува. На грчката влада ќе ѝ биде добредојдено реагирањето на југословенската и на бугарската влада во врска со јазикот во „Абецедарот“. Притоа, грчката држава ќе продолжи со негирањето на македонската национална посебност, водејќи смислена и долгорочна политика за етничко чистење на егејскиот дел на Македонија, односно на својата северна покраина, но и за промена на етничкиот состав на населението преку колонизирање со грчко население. На тој начин грчката држава создава услови за да ја потврди тезата што ја застапуваше, односно да го докаже грчкиот карактер на Македонија – пишува Ачковска.
Според неа, во контекст на севкупната грчка политика на негирање на македонската посебност, која е далеку од историската вистина, „Абецедарот“, букварот составен на дијалектот на Македонците во рамките на грчката држава, е крунско сведоштво дека, сепак, некогаш морале да го признаат македонскиот јазик.
– Ова е документ од фундаментално историско значење, бидејќи најконкретно ја покажува посебноста на македонскиот народ, кој има свој посебен јазик – заклучува историчарката проф. д-р Виолета Ачковска во својот „Вовед“.

Елка Јачева-Улчар: „Абецедарот“ е прво политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик, дури 20 години пред неговата кодификација во 1945 година!

На околу деведесетина страници авторките се обидуваат да дадат одговори на низа прашања од историјата на македонскиот народ, но и на македонскиот јазик. Во тој нивен потфат сосема солидно одговориле на задачите што си ги поставиле пред себе, иако, во недостиг од документи што се чуваат во странство, некои прашања останаа неодговорени. Оттука, останува идните генерации истражувачи да ги дорасветлат оние моменти скриени под кориците на „Абецедарот“, во кои тие не успеале – како што нагласуваат самите.
При изготвувањето на ова критичко издание по повод 100 години од публикувањето на „Абецедарот“, покрај влогот на авторките, од непроценлива важност за неговото крајно оформување и публикување беа заложбите на членовите на извршните одбори на сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „Македон“ и Светскиот македонски конгрес и нивните претседатели Александар Јаневски и Тодор Петров. Посебна благодарност му е упатена на Ласко Џуровски за подарениот и специјално направен кириличен фонт, налик на латиничниот употребен во „Абецедарот“, со чија помош „Абецедарот“ се доближува до најмладата македонска читателска публика, за која и бил наменет. Многу се значајни ентузијазмот и креативноста што ги пројави Симе Шандуловски при техничкото уредување и креирањето на корицата, кој со години работи на исклучително важни проекти од областа на македонистиката, како што е, на пример, Правописот на македонскиот јазик. Ова јубилејно издание немаше да биде објавено без поддршката од сојузот на тутунопроизводителите „Мака на тутуноберачите“ од Прилеп, кој ги обезбеди парите за печатење.
Во својот предговор кон јубилејното издание на „Абецедарот – сто години потоа“, проф.д-р Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ од Скопје посочува дека „Абецедарот“ претставува прво политичко меѓународно признавање на македонскиот јазик, дури 20 години пред кодификација на македонскиот јазик во 1945 година.
– Овој „Абецедар“ е светол документ што ја овековечува вековната и непрестајна борба на Македонецот за својот јазик. Тој јазик, кој претставува наш завет и наше наследство, останува најцврстиот темел и највозвишениот столб на македонскиот национален идентитет! – заклучува Јачева-Улчар.
Значи, во 1925 година се успеа преку тогашното Друштво на народите, кога не постоеше држава на македонскиот народ, да се издејствува „Абецедар“ за македонските деца во Егејска Македонија, макар и по барање на тогашна Бугарија и поради нејзините асимилаторски стремежи кон македонскиот народ.

Свето Тоевски