Фото: Мултимедијален клуб „К“

Јазична патрола

  • „Нова Македонија“ е првиот македонски дневен весник, кој е вграден во идентитетот на македонскиот народ. Утре, на 29 октомври, ќе одбележиме 81 година од објавувањето на неговиот прв примерок во партизанската печатница во Горно Врановци. Редакцијата на весникот, уште од првите броеви, освен за квалитетот на содржините, се грижела и за зачувување и негување на македонскиот стандарден јазик. Всушност, „Нова Македонија“ сите овие години е чувар на македонскиот литературен јазик, а така е и денес. Во нашиот весник денес вредно работат лекторките Сузана Митревска и Биљана Стајковска Граоркоска, кои се грижат за јазичната норма. Секако, во таа насока голем придонес има и „Колибри“ со многубројни прилози посветени на буквите, јазикот, пишувањето… Од овој број ја воведуваме рубриката „Јазична патрола“, која ќе се објавува еднаш месечно, а ќе ја подготвуваат вредните ученици од ООУ „Климент Охридски“ од Прилеп, кои ќе ги откриваат грешките и ќе укажуваат како да се поправат

Здраво другарчиња, ние сме ученици од ООУ,,Климент Охридски“ од Прилеп, членови сме на мултимедијалниот клуб „К“ во нашето училиште. Тоа е местото каде што се испреплетуваат медиумскиот клуб и драмската секција од училиштето. Заедно истражуваме, создаваме нови содржини, ги снимаме и ги објавуваме на нашите профили на Фејсбук, Инстаграм, Јутјуб и на Тикток. Така овозможуваме нашите пораки да допрат до што повеќе деца што ги користат овие социјални медиуми.
Нашиот клуб има низа активности, а една од најубавите е јазичната патрола. Таа е една весела дружина, која многу го сака македонскиот јазик! Од таа љубов се роди и желбата да се истражува и да се укажува за правилната употреба на нашиот мајчин јазик.
Нашето прво годинашно истражување беше на терен. Неколку дена во Прилеп фотографиравме 233 натписи на бутици, маркети, аптеки, фирми со различна дејност и кафулиња. Забележавме дека од вкупниот број натписи, 120 се напишани на латиница, а 113 на кирилица.
Според направената анализа на 233 деловни и јавни натписи во Прилеп, забележано е дека повеќе од половина (51,5 отсто) се испишани на латиница, додека 48,5 проценти се на кирилица.
Категорија Латиница Кирилица Вкупно Бутици 56 23 79 Продавници 13 15 28 Храна 17 26 43 Аптеки 3 11 14 Автоделови 5 11 16 Цвеќарници 1 3 4 Разно 25 24 39 Вкупно 120 113 233
Најмногу латинични натписи се среќаваат кај бутиците (56), додека најмногу кирилични натписи има кај објектите поврзани со храна (26) и кај аптеките (11).
Податоците покажуваат дека латиницата сè почесто се користи во имињата на продавници, бутици и локали, особено кога станува збор за модерни или модни објекти.
Оваа мода го одразува влијанието на глобализацијата и странските брендови, но наедно отвора прашање за потребата за зачувување и промовирање на кирилицата како дел од културниот идентитет.
Според нас, драги другарчиња, треба што повеќе да ја гледаме кирилицата низ градот со наслови инспирирани од нашата традиција!
Подготвиле: учениците од мултимедијалниот клуб „К“, ООУ „Климент Охридски“-Прилеп, под менторство на наставничката Јулијана Талеска