Во издание на Хрватското книжевно друштво од Задар
Деновиве, во Задар, Република Хрватска, од печат се појави книгата со камерната театарска пиеса „Двајца во Еден“ на македонскиот прозаист и драмски автор Томислав Османли. Преводот и уредувањето на изданието го реализира истакнатиот писател Никола Шимиќ Тонин, а книгата излегува како заедничко издание на три задарски книгоиздателства: Хрватското книжевно друштво – Задар, библиотеката „Донат“ и издавачката куќа „ВВВ“.
Пиесата „Двајца во Еден“ е лиричен сценски солилоквиум „за двајца, за кукли и месечина“ како што стои го поднасловот на драмскиот текст и беше поставен на неколку професионални сцени, во Народниот театар во Куманово во режија на Виолета Џолева, во Театарот за деца и млади во режија на Димитрие Османли и во академскиот театар „Џон В. Гејнс“ во Њупорт, Вирџинија, во режија на Наум Пановски. Драмата беше објавена во книга во издание на „Ѓурѓа“ пред точно 30 години и го вклучуваше оригиналниот текст на македонски, потоа текстот на англиски во превод на Соња Андонова и – сосема оригинално и за ова време – неговата комплетна стрипувана верзија од цртачкото перо на Александар Сотировски. Инаку, драмата „Двајца во Еден“ пред неколку години беше објавен и на престижниот регионален книжевен портал „Екерман“ од Србија.
Најновата објава на драмскиот текст на Османли е хрватската.
Во јадровитиот вовед кон задарската објава, авторот на преводот и приредувачот на изданието, Никола Шимиќ пишува:
„Си реков: Немој да си допуштиш поради презафатеност да пропуштиш нешто вака одлично. Томислав Османли има примери: Калдерон де ла Барка, но покрај класичниот пример се работи за современа приказна. Пиесата ми се вовлече под кожа. Можам да ги објаснам сите причини на минималните измени што ги сметав за посоодветни на хрватскиот израз. Текстот е предизвик! – за театарска изведба. Авантура за изведба. Предизвик за актерски креации. Предизвик во секој поглед… Изненадување што позитивно, до восхит ќе изненади многумина“.
Инаку, и по неговата појава, текстот на Османли доживеа поголем број позитивни одгласи од голем број истакнати авторски пера: Иван Ивановски, д-р Венко Андоновски, Лилјана Мазова, Глигор Стојковски, Мирче Томовски, Виктор Шиков, Владимир В. Голубовиќ од Србија во текст во „Борба“, Џуди Мерсиер критичарка од САД во тамошниот печат… Истакнатиот хрватски и југословенски театарски критичар и теоретичар Далибор Форетиќ во риечки „Нови лист“ по повод американска премиера на пиесата, во 1997, напиша:
„Текстот е во секој поглед универзален и неговите значења лесно можеме да ги препознаеме во секој средина, особено во американската. Неговиот изворен наслов е непреводлива игра на зборови. Тој може да значи ’Двајца во еден‘ и ’Двајца во Еден‘, што е мошне духовита парафраза на митот за Адам и Ева. Втората ретка особеност на текстот е во тоа што тој е напишан ’за двајца актери и за две кукли‘. Кукларската анимација во него е споена со живата игра. Како?… Наместо јаболкото на спознанието, Нела како кукларка на Тото му ја дава најнапред неговата, а потем и својата кукла. Двете живи кукли решаваат, давајќи им живот на мртвите кукли, да побегнат од таа праслика на животот, од ужасната тишина и осаменост во реалноста на приказна, во бајка мошне слична на Оскарвајдовиот ’Славејот и розата‘… Она што не се во состојба да го сторат куклените луѓе, го прават куклите. Ја остваруваат трагичната катарза: само љубовта искажана во исконската жртва, може на овој свет да му го врати животот во сета негова расцутеност“.
Објавата на пиесата на Османли од страна на Книжевното друштво од Задар, доаѓа по наградата „Донат“, највисокото признание на задарската книжевна асоцијација, која пред две години му беше доделено на македонскиот автор.
По објавите на романот „Столб што пее“ во Грција, неодамна и во Србија, годинава ова е трета објава во странство на литературно дело на Томислав Османли.

































