Дијана Имери Илкоска, диригентка и композиторка

  • „Дон Кихот во Скопје“ е голем дел од мојата лична и професионална преродба, чин на верба и надеж во подобра иднина, но и порака дека во Македонија има вредни луѓе што заслужуваат свое место под сонцето и покрај сите сопки и пакост упатени кон нив, ни сподели Диана Имери

Во фоајето на Националната опера и балет, утре, во 19 часот, ќе се одржи мултимедијалниот настан „Дон Кихот во Скопје“.
Овој разновиден проект, кој е инспириран од култната приказна за славниот витез Дон Кихот на Мигел де Сервантес, е составен од концерт, премиера на македонско дело, изложба на уметнички слики и скулптури, како и промоција на книга.
Светска премиера ќе доживее концертот за пијано, гитара, наратор и камерен оркестар со наслов „Дон Кихот во Скопје“, чии автори се Дино Имери и Дијана Илкоска Имери. Под диригентство на маестра Дијана Илкоска Имери ќе настапи камерниот оркестар „ИД“, а како солисти ќе се претстават: Дино Имери на пијано, Ади Имери на гитара и Тина Иванова, нараторка и авторка на текстот.
Во фоајето на НОБ ќе бидат изложени уметнички слики од познатата колекција „Дон Кихот“ на реномираниот македонски уметник Владимир Георгиевски (1942-2017), во чии дела е користена фундаменталната мисла на метафората на главниот јунак Дон Кихот: „Да се спаси човештвото од сите зла и болештини за среќа на сите луѓе на светот“.
Исто така, ќе бидат изложени и нови скулптури на младата уметница Јана Николовска, а ќе има и промоција на илустрирана книга за деца „Дон Кихот“ на македонски јазик. Подетално за концертот разговараме со Дијана Илкоска Имери.

Како се јави поттик да се развие идејата за „Дон Кихот во Скопје“? Кој беше првиот импулс што Ве инспирираше Вас и Дино Имери да го создадете ова дело?
Иницијалната каписла дојде од Амбасадата на Шпанија, со која веќе имавме одлична соработка минатата година. Тие имаа идеја да направиме уметнички настан со кој би се одбележал нивниот национален празник, а ние развивме концепт во кој централна тема е токму генијалното дело на еден од најголемите писатели во историјата – Мигел де Сервантес, односно романот „Дон Кихот“. Иако ова литературно дело го доживеало своето прво издание пред цели 420 години, неверојатно е како тоа сѐ уште е актуелно денес. Во романот препознавме една безвременост и се идентификувавме силно со неговата содржина и симболика. Всушност, сфативме дека во секој од нас лежи по еден дон кихот што може храбро да се бори со ветерниците што го опкружуваат. Набрзо стана јасно дека овој проект во себе содржи голем потенцијал да вклучи повеќе различни уметности, па идеално се вклопи ликовната изложба на нашиот великан Владимир Георгиевски, ново издание на книга за деца, како и изложба на скулптури од нашата млада уметница Јана Николовска. Може да се каже дека оригиналната музика што ја создадовме е дел од еден поголем мозаик преку кој ја раскажуваме современата приказна за дон кихот, кој, пак, го носиме во Скопје и преку прекрасниот текст на авторката Тина Иванова, која ни дава едно поинакво гледање на вечниот роман сместувајќи го во денешно Скопје како се бори (и ги победува) трите ветерници – лицемерството, неправедноста и рамнодушноста.
Како изгледаше креативниот процес помеѓу Вас и Дино Имери при создавањето на концертот во три става?
Процесот на создавање беше исклучително возбудлив и интересен за нас двајца. Пишувавме заедно и бевме во постојана интеракција и дијалог еден со друг. Она што беше интересно е што сѐ одеше многу инспиративно и лесно, а ние се дополнувавме преку нашите различни афинитети кон различните музички елементи. Мислам дека двајцата ќе се сеќаваме со многу радост на овој творечки период, а на нас влијаеше особено позитивно – дури и како еден вид терапија и мотивација, начин да се избориме со ветерниците што нѐ опкружуваат.
Во делото „Дон Кихот во Скопје“ се чувствува силен фолклорен дух – и македонски и шпански. Како ги споивте овие два културни елемента во една музичка приказна?
Особено сме горди на симбиозата на шпанскиот и македонски фолклор низ целото дело од повеќе причини. Првата иновација е самата идеја да се направи ваква фузија – не знаеме за друго вакво дело што ги спојува овие два елемента. А потоа, иновативен е начинот на кој се тие комбинирани, како и деликатниот баланс во кој тие коегзистираат. Од една страна се чувствува транзицијата од шпанскиот кон македонскиот фолклор како што се одвива и дејството на приказната, односно како Дон Кихот патува од Ла Манча и пристигнува во Скопје. Во овој дел го користиме шпанскиот ритам хота во триосмински такт, кој се претвора во карактеристичниот македонски седумосмински такт. Но при повнимателна анализа, може да се забележи дека шпанскиот и македонскиот фолклор се во постојана интеракција низ целото дело сѐ до крајот. Третиот став кулминира во мошне интересна комбинација помеѓу ритамот на нашето пајдушко и шпанската малагења. Сметавме дека е особено важно да ги истражиме шпанскиот фолклор и неговите карактеристики темелно. Всушност, пристапивме со огромна почит и љубопитност, а го истражувавме фолклорот од повеќе региони во Шпанија. Научивме многу преку овој процес, а меѓу другото дојдовме до сознанија дека постојат многу заеднички нишки помеѓу шпанскиот и македонски фолклор што можеме да ги искористиме во ова дело. Значи, нашата „археолошка“ работа ни ги отвори вратите кон создавање уникатен спој помеѓу овие две култури и мислам дека публиката ќе го препознае тоа и вистински ќе се изненади и ќе ужива слушајќи го делото. Дополнителен печат ќе даде и гитарата – маркантен инструмент во шпанската традиција, кој ќе оживее во рацете на Ади Имери, кој ќе ни гостува како солист на овој концерт.
Дон Кихот патува низ современа Македонија – зошто ја избравте оваа алегорија? И што симболизира денес борбата со ветерници за Вас?
За мене, инспирацијата и симболиката доаѓаат од мојот живот и настаните што ми се случија изминативе месеци. Станува збор за борба со трите ветерници – неправедноста, лицемерството и рамнодушноста, во периодот пред и откако неправедно и незаконски ја изгубив својата работа во НУ Филхармонија. Како што претходно напоменав, секој од нас во себе носи еден дон кихот, па така, и јас. Нему му должам да останам доследна во борбата за својата вистина и правдата. А има ли подобар начин да се победат ветерниците, освен преку нивната спротивност – праведноста, искреноста и љубовта? „Дон Кихот во Скопје“ е голем дел од мојата лична и професионална преродба, чин на верба и надеж во подобра иднина, но и порака дека во Македонија има вредни луѓе што заслужуваат свое место под сонцето и покрај сите сопки и пакост упатени кон нив.
Концертот е само еден дел од мултимедијалниот настан. Колку е важно за Вас музиката да се претстави во симбиоза со другите уметности – како литературата, сликарството, скулптурата…?
Мислам дека симбиозата на сите уметности функционира добро кога самиот материјал природно ќе побара таков израз. Во овој случај, темата беше толку универзална и поврзана на начин што ни дозволи да ја раскажеме приказната преку звучното, визуелното и пишаното. Имено, затоа мислам дека секој човек што ќе дојде на настанот ќе успее да се пронајде, ако не во сѐ, барем во дел од она што ќе биде прикажано. Многу сме возбудени и со нетрпение го очекуваме „Дон Кихот во Скопје“.
Соработката со Тина Иванова како наратор и автор на текстот е клучна. Како се создаваше музичкиот дијалог меѓу Вашата музика и нејзината нарација?
Не требаше многу за да се објасни нашата визија и да се спои со текстот на Тина. Всушност, таа од прва го погоди точниот амбиент, но и нѐ допре емотивно со нејзината поетичност и длабока емпатија. Веројатно секој што ќе се соочи со трите ветерници влегува во еден невидлив клуб на луѓе што во себе ја носат целата светлина на светот – луѓе што како фениксот се издигаат од пепелта.
Книгата „Дон Кихот“ за деца е прекрасен дел од програмата. Колку е важно класичната литература и музика да се адаптираат за младите генерации?
Доближувањето на класичната уметност до младите генерации е од клучна важност за нивниот развој, а претставува и влог во здрава и светла иднина. Јас верувам во тоа длабоко и многу често директно сум вклучена во такви иницијативи – од работилници и претстави за деца, па сѐ до поттикнување или вклучување на вакви изданија во рамките на проекти во кои сум вклучена. Многу сум среќна што Амбасадата на Шпанија го препозна и тој образовен момент од овој проект, па го поддржа со печатење на ново издание, кое ќе биде промовирано на самиот настан. Нека биде позитивен пример за другите субјекти активно да се вклучат во овој процес, кој секако е потребен во средината во која живееме.
Дали сметате дека со вакви настани се гради музичка и уметничка писменост уште од најмала возраст?
Искрено се надевам дека она што го создаваме ќе биде поттик за децата и младите да бидат изложени што е можно повеќе на уметност, бидејќи таа е безбедносен вентил за човекот – лојален пријател, спасител, сидро во бурните и отсјај во мирните води.