Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ / Фото: ЕПА

Јубилејни 50 години македонистика на државниот универзитет „Ломоносов“ во Москва

  • Научната конференција во Москва по повод јубилејот, на која нејзините учесници настапија на далечина, ја организираше Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при „Ломоносов“. Теми на конференцијата беа македонско-руските јазични и книжевни врски и македонистиката на трите руски универзитети: во Москва, Воронеж и Санкт Петербург. Настапија триесетина учесници од разни институции од Македонија и од Русија

Големиот јубилеј 50 години од отворањето на Лекторатот по македонски јазик на Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ во Русија беше повод за меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик, литература и култура во словенски и балкански контекст“, која се одржа на 14 октомври 2025 година во овој руски универзитет. Научната конференција, на која нејзините учесници настапија на далечина, ја организираше Катедрата за словенска филологија на Филолошкиот факултет при „Ломоносов“. Теми на конференцијата во Москва беа македонско-руските јазични и книжевни врски и македонистиката на трите руски универзитети: во Москва, Воронеж и Санкт Петербург. Настапија триесетина учесници од разни институции од Македонија и од Русија: од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, од Македонската академија на науки и уметности, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од Институтот за македонска литература во Скопје, од Московскиот државен универзитет „Ломоносов“, од Државниот универзитет во Санкт Петербург, од Руската академија на науки, како и од Универзитетот во Цирих.

Почнувањето со работа на Македонскиот лекторат на „Ломоносов“ во Москва немаше да се случи без академик Рина Павловна Усикова и нејзиниот руски ментор, професорот Самуил Борисович Бернштејн, како и нејзиниот македонски ментор професорот Блаже Конески. Педесетте години македонистика на „Ломоносов“ се сведоштво дека во сите овие изминати години извонредно добро функционира мостот меѓу универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „М. В. Ломоносов“, како и меѓу двете земји и двата народа. Тоа е основа и обврска и натаму да се создаваат нови генерации македонисти и слависти од двете земји.
Нагласувајќи дека Лекторатот по македонски јазик на Филолошкиот факултет при Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ постои од 1975 година, во изјавата за „Нова Македонија“ м-р Христина Ангелеска-Мијоска, лекторка по македонски јазик во Македонскиот лекторат во овој руски универзитет, вели дека од 1967 година македонскиот јазик бил застапен во наставата како изборен предмет за русисти и слависти.

– Наставата ја одржуваше проф. д-р Рина Усикова. Денес во Лекторатот по македонски јазик предаваат проф. д-р Ала Шешкен и проф. д-р Елена Верижникова. Македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат на врвно рамниште. Од 1975 година Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје постојано испраќа лектори по македонски јазик. Досега се дипломирани десет генерации македонисти. Од минатата, учебната 2024/2025 година, паралелно функционираат две групи – едната на додипломски студии, а другата на постдипломски студии – истакнува Христина Ангелеска-Мијоска.
Таа е веќе две години лекторка по македонистика во овој Македонски лекторат во Москва. Ангелеска-Мијоска работи со студентите на теми од граматиката и литературата, како што посочува, за да ја афирмира и да им ја доближи на студентите древната македонска култура.


Каранфиловски: Во Московскиот универзитет „Ломоносов“
50 години функционира Московска македонистичка школа

Истакнатиот македонист професорот Максим Каранфиловски учествуваше на меѓународната научна конференција, осврнувајќи се на почетокот на годините на неговото работење во рамките на Македонскиот лекторат во Московскиот државен универзитет „Ломоносов“. „Нова Македонија“ пренесува дел од искажувањата од неговиот реферат на конференцијата, одржана на далечина.
– Во октомври 1987 гoдина станав лектор по македонски јазик на Универзитетот „Ломоносов“ во Москва. Претходно веќе имав десетгодишно искуство во работата на нашиот летен Семинар по македонски јазик, литература и култура во Охрид, еднаш бев лектор и на Загрепската славистичка школа во Дубровник и Загреб, а имав и тригодишно искуство како лектор на Универзитетот „Мартин Лутер“ во Хале, Германија, и едногодишно на Јагелонскиот универзитет во Краков, Полска. Ми беше голем предизвик да работам и со московските студенти од школата на Рина Усикова. Студентите чекореа брзо во совладувањето на македонскиот јазик, неговите норми, но и во финесите во значењата на македонските зборови во различни контексти. Студентите беа одлично теоретски подготвени за македонската граматика од Рина Усикова, а јас им овозможував сето тоа да го доживеат, да го проверат и да го потврдат низ практичната лекторска настава, преку текстовите што ги разработувавме, кои ги преведувавме и за кои разговаравме – истакна д-р Каранфиловски.
Тој нагласи дека „Ломоносов“ е универзитет со највисоко ниво на настава по македонски јазик надвор од Македонија.
– Професорката Рина Усикова ја предаваше теоријата на македонската граматика со контрастивен поглед во сооднос со руската граматика, како и другите јазични области, а јас ги водев лекторските вежби што содржеа вежбање на граматичките теми, читање македонски текстови и нивно толкување, потоа имавме текстови врз кои вежбавме превод на руски и, обратно, руски текстови што ги преведувавме на македонски и секако конверзација на различни теми, раскажување на слободна тема или по некој прочитан текст. Македонистичката екипа ја сочинуваше професорката Рина Усикова, во некои делови помагаше и помладата колешка Елена Верижникова, а во тоа време литературата ја предаваше Наталија Масленикова. Некаде во тоа време, по мојот престој во Москва, наставата по македонска литература ја презеде Ала Г. Шешкен и оттогаш македонската литература во наставата доживеа вистински процут. Соработката меѓу сите членови на тој мал македонистички колектив, вклучувајќи ги тука и македонските лектори, беше комплетно координирана и со одлична меѓусебна соработка – нагласи професорот Каранфиловски на конференцијата.
Во продолжението тој посочи дека московската славистика уште од времето на Селишчев, а потоа и преку Самуел Борисович Бернштејн, ги поставува стратегиските основи на московската македонистика.
– Рина Усикова е реалниот креатор и реализатор на московската македонистика. Во успесите на московската македонистика свој реално висок придонес имаат и македонските лектори што учествувале во нејзината настава. Наследничката на Рина Усикова во ликот на нејзината ученичка Елена Верижникова мошне успешно ја продолжува работата на својот учител. Од пред триесетина години, кога наставата по македонска литература ја презеде Ала Шешкен, се чувствува вистински процут на проучувањето на македонската литература во Русија. Ако кон тоа ги додадеме и преводите од македонската литература на руски јазик на Олга Панкина од првата генерација македонисти, со кои се врши сериозна афирмација на македонската литература во Русија, тогаш ќе ни стане појасна значајната улога што ја има московската македонистика за афирмацијата на македонскиот јазик. Сето тоа, досегашните постигнати високи резултати, како и перспективите за исти такви резултати во иднина, ми дава за право да ја наречам Московска македонистичка школа. Во Москва останав четири учебни години, заклучно со 1991 година – заклучи во своето истапување проф. д-р Максим Каранфиловски.

Свето Тоевски