Германскиот неделник „Шпигел“ откри случај на фалсификат кај еден од своите најпознати новинари Клас Релотиус, тврдејќи дека на официјалната страница тој ги „лажирал сопствените приказни и ги измислувал изворите во повеќе наврати“.
Измамата била откриена со истрага од страна на самата редакција на весникот, пишува „Шпигел“. Скандалозното откритие го шокираше медиумскиот свет, уште повеќе бидејќи Релотиус добил повеќе награди за своето истражувачко новинарство, вклучително и наградата на Си-Ен-Ен за новинар на годината во 2014 година.
Последната награда ја добил минатиот месец, германската Репортерпреис, исто за новинар на годината.
Текстот за детето од Сирија жирито го пофали за својата „ведрина, поетичност и релевантност“. Но, во меѓувреме се испоставило дека сите извори за приказната во најдобар случај биле сомнителни и дека поголем дел од содржината на текстот е просто измислена, јавува Гардијан.
Според „Шпигел“, откриениот новинар ги потврди сомнежите, ги прекинал сите работи во неделата, а веќе во понеделникот го раскинал и договорот за работа.
„Шпигел“ преку печатеното и онлајн изданието објавил речиси 60 негови стории од 2011 година. Сомнежот се појави со објавата на текст во ноември 2018 година.
Релотиус признал дека ги измислувал приказните и ги искривувал фактите во неколку случаи. Според неговата верзија, најмалку 14 текстови барем во еден дел биле фалсификувани.
Тој уште признал и дека никогаш не ги запознал одредени извори кои ги навел во своите приказни.
Еден од неговите колеги што ја спровел истрагата за неговите текстови, станал сомничав и ги соопштил своите сомнежи – додава „Шпигел“. Новинарот на тој начин успеал да собере материјали против својот колега.
Сторијата што го разбуди сомнежот била репортажа за мигрантска криза на мексиканско-американската граница. Хуан Морено, колегата на Релотиус што со него работел на приказната, пронашол два извора кои Релотиус во повеќе наврати ги цитирал во текстот. Тие му рекле дека никогаш не го запознале споменатиот новинар, ниту, пак, му дале некакви изјави.
Со интерна истрага било утврдено дека посрамениот новинар исто така лажел дека видел рачно напишан знак „Мексиканци останете надвор“.
Други лажирани текстови се занимавале и со јеменски затвореник во Гвантанамо и американски фудбалер што протестирал против полициското насилство над црнците, кој клечел за време на интонирањето на американската химна.
Пред да се вработи во „Шпигел“, осомничениот новинар работел и за неколку други медиумски куќи и примал награди за својот труд. „Го злоупотребил својот талент“, напиша на Твитер „Велт“, каде што новинарот исто така работел.
Управата на „Шпигел“ ќе именува тим што треба целосно да ги истражи фалсификатите.
Резултатите од истрагата ќе бидат објавени јавно „со цел објаснување на процесот на истрагата и избегнување на негово повторување“, напиша „Шпигел“, при тоа додавајќи дека „фалсификуваните приказни не можат да ги исклучат ниту со најдобра намера“.
Весникот им се извини на читателите и на сите кои можеби биле предмет на „лажни цитати, измислени лични детали или измислени глетки на фиктивни места“ и изрази „шок“ од ова непријатно откритие.