„Македоника литера“ ја објави драмата „Ѕвездата без име“ од романскиот писател Михаил Себастијан, која е најпопуларна драма во романската литература. Преводот од романски јазик е на Ирина Кроткова.
„Ѕвездата без име“ во средината на дваесеттиот век била хит во Романија и долго време била на театарските репертоари, а подоцна според неа биле снимени играни филмови во Франција (1966) и во Русија (1979).
Почетокот личи на социјална драма и на драматуршка фреска на малограѓански менталитет, но потоа добива тек на романтична драма со хумористичен, па и поетичен тек.
Во еден провинциски град во долината Прахова, една вечер непозната девојка е симната од возот на станицата затоа што нема билет. Иако е модерно облечена, нема пари и нема каде да престојува. Вториот главен лик е професорот Марин Мироју, страстен астроном, кој открил ѕвезда што не е обележана на ниедна ѕвездена карта и сè уште нема име. Двајцата емотивно се поврзуваат, но нивната идила набрзо е нарушена…
Михаил Себастијан (1907–1945), чие вистинско име е Јосиф Мендел Хехтер, бил романски писател, од еврејско потекло, автор на романи, драмски текстови и литературна критика. Роден бил во дунавското пристаниште Браила, а загинал во сообраќајна несреќа во 1945 година. Во периодот меѓу двете светски војни во романската книжевна средина тој бил добропознат по неговите лирски и иронични драми и по урбаните психолошки романи обоени со меланхолија, како и по неговите извонредни литературни есеи. Неговиот роман „Две илјади години“ се смета за модерен класик.
Себастијан високо се етаблирал во романската литература како драматург со драмите „Ѕвездата без име“ (1942) и „Празнична игра“ (1936). „Последен час“ или „Островот“ бил недовршен текст, тој ги напишал само првите два чина, а третиот го завршил неговиот пријател Мирча Штефанеску. Претставата премиерно била прикажана во 1947 година.