Министерството за здравство прогласи епидемија на морбили во скопската населба Радишани каде се регистрирани пет случаи на деца од предучилишна возраст заразени од ова заболување. Три од петте деца се сместени на Клиниката за инфективни болести, а останатите дечиња се на домашно лекување
Поради ова, донесена е одлука градинката „Ташко Караџа“ која ја посетувале петте деца, да биде затворена најмалку две недели.
Покрај овие пет случаи, Министерството за здравство регистрира уште еден случај на заболен возрасен маж со што вкупниот број на заболени во моментот е шест лица.
– Станува збор за болест која се превенира со вакцинација. Упатувам уште еден апел, покрај сите кампањи што ги прави Министерството за здравство, родителите да ги вакцинираат своите деца. Воедно, упатувам апел до родителите да не ги носат децата во оваа градинка. Периодот од две недели ќе се искористи за итна дезинфекција на објектот, а понатаму и за имунизација на сите деца кои не се вакцинирани. За жал сите заболени лица се невакцинирани – изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.
Според него, опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Најмал е опфатот со вакцинација кај децата од 1,2 и 3 години, а понатаму процентот на вакцинација расте.
– Очигледно дека не се почитува потребата да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште. И ние ќе бидеме принудени да направиме законска промена. Ќе инсистирам на тоа, ќе направиме уште еден состанок со претставници од Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика. Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација – истакна Филипче.
Д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје посочува дека морбилите (мали сипаници) можат да дадат тешка клиничка слика, како вопспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка диареа и во одредени случаи дури и смрт.
– Од Центарот за јавно здравје, добивме информација за шест заболени лица, од кои три се наоѓаат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а три се на домашно лекување. Од овие, само три се лабараторски потврдени, а во тек се наодите и за другите заболени, но клиничката слика укажува дека станува збор за мали сипаници. Сите деца кои се заразени со оваа болест не биле вакцинирани, а возрасниот пациент е со непознат вакцинален статус. За жал, долгогодишните негативни кампањи против вакцинирањето, а особено за МРП доведоа до опаѓање на опфатот на вакцинирани пациенти, а со тоа зголемен број на заболени и тоа во најчувствителната популација, децата во предучилишната возраст кога вообичаено родителите ја одложуваат вакцинацијата – вели доктор Микиќ.
Од ресорното Министерство информираат дека во Скопје, опфатот на вакцинирани е 78 отсто за минатата година, а треба да биде над 95 проценти, додека во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили, бил само 67 проценти.
Лекарите апелираат родителите да ги однесат децата на вакцинација.