Владимир Илиевски, писател

  • „Необјавен фељтон“ е книжевно дело што се потпира на историографски факти. Сепак романот не е потчинет на нив. Творечката книжевна слобода нуди доволно простор за заобиколен приод односно интерпретација на тие факти. Токму во таа интерпретација е дистинкцијата помеѓу писателот и историчарот. Некои ликови во романот се вистинити, а некои се измислени, но сите се реални бидејќи егзистираат во одредениот временски и просторен контекст, изјавува Владимир Илиевски

Неодамна „Македоника литера“ објави нова книга на македонскиот писател Владимир Илиевски – романот „Необјавен фељтон“.
„Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски е роман што од повеќе позиции го преиспитува местото на поединецот во општеството и се обидува, преку книжевниот дискурс, да одговори на некои суштински и егзистенцијални прашања што произлегуваат од безмилосниот судир помеѓу општествениот систем, кој е несовршен, но истовремено и крајно суров во одбраната на своите „вредности“, и помеѓу чесниот и правичен поединец, кој длабоко и искрено верува дека совршеното општество е предуслов за среќата и благосостојбата на луѓето во него. Основната сижејна нишка на романот се базира врз вистински настан од 1960-тите години во Скопје. „Необјавен фељтон“ е роман за едно време за кое многумина мислат дека поминало.
Владимир Илиевски е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Општа и компаративна книжевност. Магистрира на истиот факултет.
Автор е на книгите: „Гледач на линија“ (поезија, 1997), „Избор и случајности“ (поезија, 2000), „Мојата лична амортизација“ (поезија, 2002), „Цитатноста во лириката“ (книжевно-научна студија, 2007), „Нема исти утра“ (поезија, 2008), „Ноќна еротска програма“ (поезија, 2011), „Лични податоци“ (поезија, 2014), „Брзината не убива“ (поезија, 2016), „Пената на црниот бран“ (раскази, 2018) и „Суво мастило“ (роман, 2020, второ издание 2024).

Што ве инспирираше најсилно додека го пишувавте „Необјавен фељтон“?
– Пишувањето роман е комплексен творечки процес. Не би рекол дека е тежок, затоа што мене како автор никој не ме поттурна или, пак, принуди да влезам во него и да ја започнам таа исцрпувачка, а истовремено инспиративна книжевна авантура како што е пишувањето роман. Едноставно, сите сме во свет преполн со информации, приказни, кои може да се точни или неточни, измислени или лажни, потврдени или непотврдени со факти. Сите сме во тој свет, само што секој различно ги доживува таа информативна неусогласеност и разногласност. И тоа не е нешто ново, поврзано само со сегашниот момент, со оваа наша современост. Таквата состојба постои откако постои човечката цивилизација, само ги менува своите форми и манифестации, нормално оптоварена низ времето, со продуктите на технолошкиот развој. Приказната за тој „несреќен“ настан што се случил во Скопје во средината на шеесеттите години на минатиот век ја имам чуено уште многу одамна. Несвесно ми оставила впечаток, сум ја запомнил и долго време тлеела во мене. Сплетот на животните околности, погледите на светот околу мене, размислите за животните вредности, пројавените егзистенцијални прашање што се пројавуваат со текот на годините и насобраното искуство влијаеле врз создавањето на условите таа приказна да го пронајде својот пат и низ еден книжевен процес да созрее и да се вгради во едно книжевно дело како што е романот „Необјавен фељтон“.

Во романот се преиспитува односот меѓу поединецот и општествениот систем. Дали сметате дека овие прашања сѐ уште се актуелни и денес, иако дејството е сместено во периодот од шеесеттите до осумдесеттите години на минатиот век?
– Колку и да сакаме на уметникот, во конкретниов случај на писателот, да му доделиме една универзална димензија, да го поставиме над конкретен простор и време, сепак мислам дека сериозниот писател не може да се издвои од просторот и времето во кое создава. Тој може својата приказна да ја лоцира во минатото, во далечен или поблизок простор, па дури да пишува и за иднината посочувајќи непознати, измислени, имагинарни простори, но тој сепак секогаш пишува за своето време и за својот простор, сфатен потесно или пошироко, сеедно. Воопшто не е важно дали дејството е лоцирано во шеесеттите година на минатиот век или дали дејството се случува тука или некаде илјадници километри далеку. Писателот никогаш не може да избега, да се оттргне од сегашниот миг и од конкретниот простор во кој создава. Па, дури навидум да изгледа дека успеал во тоа, тогаш се наметнува прашањето: дали за таквата постапка причините не се наоѓаат во сегашниот миг и конкретниот простор. Точно е дека дејството на романот го опфаќа периодот од средината на шеесеттите години до средината на осумдесеттите години на минатиот век. И точно е дека дејството се одвива во некоја новинарска редакција, позната скопска фабрика и непозната приградска меана. Но ако јас како писател не ги поврзам тие минати временски и просторни одредници со временски и просторни точки во сегашноста, тогаш би создал „празен“ роман, роман што би бил само едноставна, безвредна форма, без суштинска, значенска и вредна содржина. Се надевам дека со „Необјавен фељтон“ успеав да го избегнам тоа и да го наполнат романот со здрава доза на актуелност.

Романот се занимава со судирот меѓу чесниот поединец и „суровите вредности“ на системот. Каде го гледате тој судир?
– Честопати поимите „општество“ и „систем“ ги третираме како идеални, пред сѐ затоа што тие и треба да бидат идеални. Но дали тие се такви? Ако имаме идеални поединци, полни со елен, верба, чесност, истрајност, тогаш зошто системот или општеството не се идеални? Имавме и имаме закони што во основа ги уредуваат сите сфери на животот. Претпоставувам дека целта на тие пишани законици е да го постават системот и тој да функционира на здрави и правични основи. Така било порано, така е сега, така ќе биде и во иднина. Но дали некогаш постоел некаде идеален систем? Јас не знам дека постоел. И тука се наметнува прашањето: зошто е тоа така. Имам еден мој одговор – постојат скриени, тајни, премолчени законици, кои не се напишани и запишани, законици што постојат во системот и грубо и моќно им се спротивставуваат на официјалните. Со нив се регулира просторот зад законитоста. Во тој простор поединецот не мора да е полн со елен, верба, чесност и истрајност, туку баш напротив, тој треба да е целосно спротивен на овие врвни доблесни атрибути. Сигурно на некои така ќе им биде полесно. И тука настанува конфликтот помеѓу непоколебливиот поединец, кој цврсто верува дека сѐ може да е идеално и праведливо, и системот, кој само декларативно е идеален и праведлив. Таа пресметка може да биде доста жестока, особено ако поединецот има храброст и верува дека правдината и правдата се целосно на негова страна, а системот грубо го препознава таквиот поединец како скршен запченик што го нарушува неговото функционирање. „Необјавен фељтон“ е роман токму за таквиот жесток и суров судир.

Како го разработувате времето на крајот на самоуправувањето – преку историски факти или повеќе преку лични перспективи и фикција?
– Реконструкцијата на историската заднина е важен сегмент во творечкиот процес. Секој историски период, независно колку тој е временски оддалечен од сегашниот миг, има свои обележја и карактеристики. Промената во именувањето на локациите, локациите што повеќе не постојат, а се значајни во тој период, играа битна функција во „верното“ прикажување на амбиентот во романот. Потребните информации треба да се проверат, а за тоа се користи граѓата во библиотеките и, нормално, интернетот. Но за прецизно конструирање на некој минат историски амбиент, понекогаш е потребно и малку подлабоко читање на тој материјал. Ако ги читате новинарските текстови напишани во периодот од шеесеттите до осумдесеттите години на минатиот век и ги споредите со денешните новинарски текстови, ќе забележите големи разлики помеѓу нив. Денес главнината на веста се изнесува директно, некако нападно и грубо. Тогаш вестите се обликувани со јазик што е порафиниран, попитом, подескриптивен. Одредени фрази што тогаш се присутни речиси во секоја вест, како што се „работен народ“ „самоуправен морал“, „социјалистичка заедница“, денес не постојат. И нормално е да не постојат. Тие се избришани од општествените промени и денес се замените со некои нови. Во фондовите на нашите библиотеки пронајдов многу фабрички весници, кои, во тоа време, редовно се печателе. Во нив има извештаи и одлуки од партиски и синдикални состаноци, информативни текстови за работни посети на фабриките од страна на некои значајни функционери. Вака погледнато отстрана, можеби изгледа здодевно да се читаат тие текстови, но токму тие текстови кријат во себе многу информации преку кои може книжевно да се конструира еден веќе непостоен амбиент. Исто така, читав и статути и правилници за работа на партиски и синдикални организации за да имам увид во нивната внатрешна структура. Да се пошегувам малку, се надевам дека „Необјавен фељтон“ не е здодевен како што се здодевни тие статути и правилници.

Во каков однос е реалниот настан од 1960-тите со фиктивната нарација во романот? Колку слобода си дозволивте како автор?
– „Необјавен фељтон“ е книжевно дело што се потпира на историографски факти. Сепак романот не е потчинет на нив. Творечката книжевна слобода нуди доволно простор за заобиколен приод односно интерпретација на тие факти. Токму во таа интерпретација е дистинкцијата помеѓу писателот и историчарот. Некои ликови во романот се вистинити, а некои се измислени, но сите се реални бидејќи егзистираат во одредениот временски и просторен контекст. Фактот и фикцијата се испреплетуваат во книжевноста и тука се крие големата магија на книжевното творештво. Книжевноста може да продре многу подлабоко во она што го нарекуваме човечко и интимно.

Романот носи длабоки егзистенцијални прашања. Дали целта ви беше романот да поттикне филозофска расправа или повеќе да го прикаже човечкиот аспект на таа борба?
– Се надевам дека „Необјавен фељтон“ ќе постави и отвори голем број прашања од различни аспекти. Јас како писател немам намера да одговорам на тие прашања. Таа привилегија ќе му ја препуштам на читателот, затоа што длабоко верувам дека токму читателот претставува многу значајна компонента во комплексниот процес на книжевно создавање.

Како го гледате местото на овој роман во современата македонска книжевност? Дали тој претставува критика, сведоштво или повик за преиспитување на вредностите?
– „Необјавен фељтон“ е првенствено книжевно дело со одредени естетски вредности. Креирав роман потпирајќи се на одреден книжевен јазик и стил, структура и наративна постапка. Иако романот е цврсто поврзан со временски период и локација, тој треба да се чита растоварено од таквите фиксни одредници. Доколку сум успеал во него да вградам универзална димензија, тогаш верувам дека можам слободно да му го препуштам романот на, понекогаш, суровиот суд на времето.