ЦРТЕЖ: Каја Пецев

Литературни И ЛИКОВНИ ТВОРБИ од конкурсот на Педагошкиот факултет-Битола по повод 30 години од основањето

Центарот за литература, уметност, култура, ораторство и јазик при Педагошкиот факултет во Битола распиша конкурси за литературни и ликовни творби. На конкурсот пристигнаа 222 литературни и 109 ликовни творби од цела Македонија. Жири-комисиите, на чело со проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, претседателка на жирито за литературни творби, и проф. д-р Биљана Цветкова Димов, имаа тешка и макотрпна задача да ги изберат најдобрите и соодветно да ги наградат. Ние, пак, секогаш сме расположени за убави соработки и се радуваме кога страниците на „Колибри“ ги разигруваме со детски стихови и детски цртежи. Токму затоа, некои од најубавите наградени творби денес ви ги претставуваме овде. На наградените ученици и на нивните ментори од срце им честитаме, а на Педагошкиот факултет во Битола му посакуваме уште долги години успешна работа во создавањето нови кадри што ќе ги учат и воспитуваат нашите деца. Ф.Д.


Учителот секогаш рака ни подава

Во тивка училница светлина гори
зборови нежни ко сонце збори.
Со трпение, љубов и мудар глас
ни отвора патека – светол пат за нас.

Учителот секогаш рака
ни подава и кога е тешко
радост ни дарува.
Неговиот труд никогаш
не гасне во душите наши трага ќеостави јасна.

Учителот е светлина што трае
во секое дете иднина сјае.

Филип Кароловски, II¹ одд. ООУ „Тошо Велков–Пепето“ – Кавадарци
Ментор: Зорица Милкова

Учителката – наша водилка

Учителката е свеќа што не
догорува патот ни го осветлува
и не се уморува.
Со збор мудар ни дава
бесконечна сила
срцето свое пред нас го отвара
вечна е наша закрила.

Кога е темно, таа ни е пат
предизвиците тешки наши прави да отстапат.
Со трпение и љубов чиста
учителката ни е водилка
вистинска.

Светлината на учителката
никогаш не згаснува
знаењето нејзино во нас за час молснува.
Како сонце е што силно нè огрева
знаење ни дарува, разумот во нас вечно да царува.

Затоа секогаш ќе ја славиме
благодарен збор за навек
ќе составиме.

Учителскиот збор е вечно жив
во нашите срца засекогаш
бележлив.

Лидија Гочева, 6 одд. ООУ,,Видое Подгорец“ – Колешино
Ментор: Марија Брндевска

Учителот е светлина во мракот

Учителе мој,
ти си светлина во мракот,
светилник кога не знам каде сум,
компас во длабоко море на мисли.
Секој ден, тивко и трпеливо,
нè водиш низ брановите
на знаењето,
со топли зборови и разбрани очи,
нè правиш храбри – да не се
плашиме од утрешнината.

Да не бидеме разбиени остатоци
од карпите на незнаењето,
туку сигурни бродови
што минуваат преку океанот на сништата.

Во твоите зборови има сила,
во твоето трпение – љубов,
во секој твој поглед –
вера дека можеме повеќе.

Учителе, ти не нѐ учиш само
математика
или граматика,
туку како да бидеме луѓе –
со срце, со разум, со соништа
светли.

Ти благодарам што нè гледаш како иднина,
а не како обврска.
Ти благодарам што си учител –
и малку татко,
и малку мајка,
и многу херој.

Ана Белевска, VIIв, ООУ „Стив Наумов“ – Битола
Ментор: Ана Динковска -Божиновска

Учителот е сенка што нѐ следи

Учителот не е секогаш човек.
Тој е гласот зад молкот,
сенка што нè следи додека бегаме од себе,
каменот што нè сопнува,
за да научиме да гледаме.
Тој е оган во срцето на немирот,
тишина меѓу два збора што болат,
прашина на патот што ја вдишуваме со болка – но низ неа го
гледаме небото појасно.

Учителот не седи во клупа,
ниту пишува по табла.
Тој шепоти преку времето,
преку загубите, преку љубовите, преку самотиите.
Нè учи да паѓаме –
за да станеме.
Нè учи да бараме,
а не секогаш да најдеме.
Нè учи дека победата не е на врвот, туку во секој чекор што не нè свртел назад.

Тој носи лице без црти,
глас без јазик,
прегратка без раце.

Зашто, учителот не е личност –
тој е Суштина.
Еднаш – е татко.
Другпат – болка.

Понекогаш – тишина што
не можеш да ја истрпиш,
или огледало што те погледнува
со очи што не простуваат, т
уку те будат.
Учителот не те милува –
те крши, за да научиш да
се составиш.

Те губи, за да научиш
да се пронајдеш.

И дури кога ќе замолчи светот,
ќе сфатиш:
Учителот беше таму отсекогаш –
во чекорот, во солзата,
во светлината зад падот.

Теодора Дрангоска СОУ „Јосип Броз-Тито“ – Битола
Ментор: Николина Ѓуровска