Фото: Приватна архива

Разговор со Зоран Сталевски, мелограф и собирач на македонско народно творештво

  • Она што можеби најитно ѝ е потребно на Македонија е организирана експертска работа на конзервирање и каталогизирање на нашето творештво, но координирано од еден центар кој би бил најрелевантен за планирање на динамиката и обемот, како и зацртување на понатамошниот пат за негова афирмација

Честопати се случува да барате одредена македонска песна и без разлика дали барате мелодија или текст, многу веројатно е дека ќе ја најдете во интернет просторот на Песна.орг (Pesna.org) во кој се поместени 1.526 текстови, 4.234 аудио семплови, застапени се 1.096 изведувачи, 1.096 преводи направени од 50 преведувачи на 14 јазици. Зад овој обемен потфат кој успешно опстојува 20 години, стои Зоран Сталевски, програмер од Охрид, кој од љубов кон македонскиот фолклор, но и од револт за негрижата кон истиот ја креира оваа платформа за која ни самиот не очекувал дека ќе доживее таков успех.

Од каде произлезе поривот кај еден програмер да се занимава со собирачка дејност? Ако мотивот е љубовта кон фолклорот, кој ја всадил кај вас таа љубов?
-Првично немав намера да се занимавам со собирачка дејност, но откако увидов дека нашите институции недоволно вложуваат во зачувувањето и промовирањето на македонското фолклорно наследство – барем не на нивото што е неопходно и очекувано – решив да го искористам своето програмерско знаење и да придонесам кон подобрување на таа состојба.
Музиката и уметноста отсекогаш биле моја страст, без разлика на жанр или форма, а македонскиот фолклор секогаш сум го чувствувал како вграден дел од мојата природа. Она што е особено интересно е што во моето семејство и најблиска околина нема музичари, фолклористи, етнолози или мелографи. Искрено кажано, и самиот сум изненаден од тоа како се разви мојот пат во мелографијата и до кои размери успеа да прерасне.

Како се создаваше Песна.орг (pesna.org)?
-Проектот оваа година слави 20 години постоење. Во 2005 година започнав со објавување текстови од македонски народни песни на тогаш популарната блог-платформа Blogspot. Најпрвин тоа беа само зборовите на песните, но набрзо почнав да додавам и кратки аудио записи за секој текст. Сепак, брзо сфатив дека таквиот пристап не е доволен. Токму затоа решив да ги искористам своите програмерски знаења и сам да создадам платформа со многу поголеми можности – пребарување, сортирање и филтрирање, преводи на повеќе јазици, аудио-записи од различни изведувачи и уште многу други функции. Така во 2009 година ја објавив збирката на моја платформа и мој интернет домен, Песна.орг (Pesna.org).
Која беше односно која е вашата цел и до која мера успеавте да ја остварите?
-Целта е повеќеслојна. Најпрво, зачувување на нашето културно богатство и негово објавување пред да биде уништено или заборавено. Второ, негова промоција пред светот, вклучувајќи ја и нашата дијаспора, која често по една-две генерации ги заборава песните што некогаш им ги пееле бабите и дедовците. И трето, да се покаже дека македонскиот музички фолклор е извонредно богат и создаван од луѓе без формално музичко образование, но со вроден гениј и талент. Тој фолклор и денес претставува неисцрпен извор на инспирација за илјадници музичари, и кај нас и во светот.
Во овој мој пат никогаш не бев сам. Стотици луѓе од различни земји ми испраќаа текстови, аудио записи и преводи на разни јазици. Токму поради тоа, колекцијата на Песна.орг(Pesna.org) ја гледам како колаборативен проект, во кој јас сум само мал дел од голема заедница. Со многумина од тие луѓе низ годините изградивме искрени и трајни пријателства – нешто што за мене е една од најголемите придобивки и вистинска чест.
Имајќи ги предвид сите овие факти, сметам дека моите цели и очекувања се повеќе од исполнети, но истовремено сум свесен дека има уште многу работа.

Како се одвиваа вашите истражувања и вашата собирачка дејност, од кои извори црпевте и црпите, од кои луѓе?
-На почетокот имав голема среќа, во рацете ми дојде една збирка од народни песни, составена од мал број текстови и многу повеќе аудио-записи. Токму таа збирка беше иницијалната искра што ме поттикна да почнам со објавување на песни. Наскоро, луѓе кои ја препознаа вредноста на проектот започнаа да ми испраќаат свои запишани текстови, како и материјали пронајдени на интернет или во книги.
Како што Песна.орг (Pesna.org) стануваше сè попозната, почнаа да пристигнуваат уште поретки и повредни придонеси – аудио записи од стари и уникатни изведби, потоа песни кои не се дел од популарниот репертоар, како и преводи на повеќе светски јазици. Со текот на времето, бројот на луѓе кои ми праќаа материјали преку електронска пошта постојано растеше, па така денес постојано имам десетици пораки што трпеливо чекаат да бидат обработени и објавени.
Сите овие луѓе – оние кои ми испраќаат записи и преводи, но и оние кои ми пишуваат само за да ми се заблагодарат за работата, или пак за да прашаат за некоја песна – за мене се непресушен извор на инспирација и силен мотив да продолжам со својата мисија.

Колку знаеме да ја вреднуваме сопствената музика, но и сопствениот фолклор воопшто?
-Со жалење морам да констатирам дека и во квантитетот, и во квалитетот, македонската современа музика бележи извесна деградација, особено ако се спореди со периодот од педесеттите до доцните деведесетти години на дваесеттиот век. Тоа беа децении во кои македонските автори и изведувачи создаваа дела со побогати мелодии, продлабочени текстови и препознатливи вокали. Иако квалитетот на современата забавна македонска музика денес е малку намален, охрабрува фактот што народната музика покажува многу поголема отпорност на напливот од странски влијанија, кои често носат музичка едноставност и сиромаштија. Токму затоа не набројувам имиња од тој свет, бидејќи бројот на извонредни уметници и изведувачи е огромен. Големиот интерес за народното творештво, бројните тематски емисии и фолклорни настани сведочат за неговата трајна вредност и за тоа дека македонската народна музика е богата и ценета не само кај нас, туку и во светот.
Овие осцилации во вреднувањето на македонската музика – и забавна, и народна – треба да ги сфатиме како потсетник и мотив да создаваме и промовираме уметност со безвременски квалитет. Токму таков квалитет создаваа генерациите пред нас со децении, оставајќи ни пример кој вреди да го следиме.

Какви чекори треба да преземеме како држава и како нејзини граѓани за подобрување на ситуацијата и за подобра афирмација на македонското фолклорно творештво?
-Она што можеби најитно ѝ е потребно на Македонија е организирана експертска работа на конзервирање и каталогизирање на нашето творештво, но координирано од еден центар кој би бил најрелевантен за планирање на динамиката и обемот, како и зацртување на понатамошниот пат за афирмација на истото. Иако најтешкиот и критичен сегмент е конзервирањето, каде ургентно мора да се работи со цел да се спасат од уништување голем дел веќе собрани материјали, јас ќе се осврнам на крај за афримацијата: покрај проверените традиционални платформи за презентирање на културата и фолклорот, какви што се музеите и пишуваните медиуми, мора да си поставиме цели за најдобро утилизирање на современите платформи кои ни ги овозможува развојот на технологијата. Интернет практично ја тривијализира дистрибуцијата на материјалите низ целиот свет за делови од секундата, а неговите мултимедијални капацитети се идеални за презентирање на нашето материјално и нематеријално богатство, но и за дополнување и ажурирање на истото. Освен тоа, публикувањето на интернет е многу помал финансиски товар за државата, особено ако го гледаме досегот на светската мрежа до речиси секој дом или рачен уред на планетата.
Дополнителна придобивка на вака јавно објавените материјали ќе биде тоа што вештачката интелигенција ќе ги процесира и употреби на таков начин што ќе ни овозможи и нас како мала нација да му ја раскажеме својата убава приказна на светот.

Ако, мора да изберете една песна, за да го претставите македонскиот фолклор пред светот, која би била таа?
-Ова е најтешкото прашање за мене, кое не сакам да го одговорам со клишето „сите ми се најубави“. Сепак, ќе издвојам неколку:„Слушам кај шумат шумите“, кoja ме потсетува на убавите мигови од детството, кога ми ја пееше татко ми, „Ако одам во Битола“ ме потсетува на моето битолско потекло, „Билјана платно белеше“ заради градот во кој сум роден и живеам, „Мори чупи костурчанки“ затоа што Егејска Македонија е срцето и душата на Македонија, изворот на голем дел од нашата култура и традиција, „Велгошко оро“ – за мене најубавото македонско оро, секако во „опасна“ конкуренција од десетина други, потоа „Те видов тебе и се заљубив“ затоа што носи толку убава љубовна приказна и „Серенада“ која зборува за љубовни приказни, оваа песна беше „нашата“ кога со сопругата ја започнавме нашата брачна приказна во 2000 година. И знам дека ако не престанам сега, ќе продолжам набројувајќи уште стотина песни. Затоа ќе завршам со песна, па ако морам да изберам една да го претстави македонскиот фолклор пред светот, нека биде некоја која според моето скромно мислење најубаво нè претставува (затоа што на овој свет нема поубаво девојче од Македонче): „Македонско девојче“.