Анализа за одржливоста на сеопфатниот мировен план за Газа
Дури и за човек склон кон хипербола, претседателот Доналд Трамп се искачи во стратосферата најавувајќи го објавувањето на неговиот нов мировен план за Блискиот Исток како „потенцијално еден од најголемите денови во цивилизацијата“. Планот од дваесет точки е амбициозен, иако нејасно дизајниран, да ја заврши речиси двегодишната војна во Газа, да ги врати дома сите заложници, и мртви и живи, да создаде комитет за управување со територијата, да го демилитаризира Хамас и на крајот да ја елиминира „секоја опасност што се појавува во регионот“. Тој повикува израелските трупи да се повлечат од Газа, во фази, но им дозволува да задржат недефиниран безбедносен периметар сè додека постои „повторна закана од тероризам“.
Американскиот претседател ќе претседава со меѓународен одбор за мир
И патем, откри Трамп, тој ќе претседава со нов меѓународен одбор за мир, за да го следи спроведувањето на планот.
– Не на мое барање, верувајте ми. Многу сум зафатен, но мора да се погрижиме ова да функционира – појасни Трамп, кој тврдеше дека ниту еден друг лидер во илјадници години историја на Блискиот Исток не успеал да обезбеди траен мир, сѐ додека не му успеа нему.
Описот на Трамп за неговата нова обврска како „претседател на одборот“ потсетува на неговото инсистирање, претходно годинава, дека Газа ќе се развие во „ривиера на Блискиот Исток“. По таа објава следуваше видео генерирано од вештачка интелигенција, кое прикажуваше ново одморалиште на бреговите на Медитеранот, откако урнатините беа расчистени. Обединетите нации проценуваат дека повеќе од деведесет проценти од сите станбени згради во Газа се оштетени или уништени. Во првите дваесет и четири часа откако Трамп го откри својот план, десетици Палестинци беа убиени, а повеќе од сто беа ранети, додека израелските одбранбени сили напредуваа подлабоко во градот Газа.
Планот, доколку палестинската милитантна организација Хамас го прифати, треба да почне да се спроведува во рок од седумдесет и два часа, со враќање на израелските заложници и ослободување речиси две илјади Палестинци затворени од Израел. Извештаите покажаа дека Хамас е отворен за договорот, но има резервираност во врска со неколку клучни точки, вклучувајќи ги ослободувањето на заложниците и барањето да се разоружи. Трамп тврдеше дека планот веќе е одобрен од други земји на Блискиот Исток.
– Нашите арапски и муслимански партнери се целосно подготвени да се заложат и да ги исполнат своите обврски во корист на народот на Газа и целиот регион – рече американскиот претседател.
Притоа се смета дека Хамас добива малку со планот, политички или воено, настрана од ставањето крај на војната што започна со неговиот ненадеен напад на 7 октомври 2023 година, кога околу 1.200 луѓе во јужен Израел беа убиени, а двесте и педесет заложници беа заробени.
И покрај сите надежи и кај Израелците и кај Палестинците, одредени експерти и поранешни дипломати имаат сомнежи во однос на спроведувањето на планот.
– Дури и ако Хамас го прифати планот, количеството на преговори, расправии и политикантство ќе трае со недели, ако не и со месеци, без јасен исход – истакна Арон Дејвид Милер, кој работеше на мировните прашања на Блискиот Исток со шест американски администрации.
Даниел Леви, поранешен израелски преговарач, кој сега го води проектот „САД/Блискиот Исток“, додаде дека предлогот на Трамп „нема грануларност“, како што се временските рамки по првите седумдесет и два часа, мапите што ги прикажуваат израелските повлекувања или деталите за воведување меѓународни стабилизациски сили, како што е предвидено.
– Нетанјаху правилно ќе претпостави дека има многу простор за маневрирање за да го претвори почетното израелско „да“ во понатамошни потези на попречување за време на деталните разговори – рече Леви.
Даниел Курцер, поранешен амбасадор на САД во Израел, вклучен во повеќе минати мировни иницијативи на САД, вели дека ниту Израел ниту Хамас немаат интерес да ја завршат војната. Трамп очигледно „ја сака“ драматичноста на објавата, додаде Курцер, кој смета оти претседателот „не зема предвид дека договорот е предмет на многу различни гледишта за деталите, при што разликите сѐ уште се длабоки“. А Џереми Бен-Ами од „Џи стрит“, произраелска промировна организација со седиште во Вашингтон, вели дека Хамас веројатно ќе го гледа планот како „договорено предавање“. Трамп, пак, објасни дека, доколку Хамас го отфрли планот или побара промени, ќе му дозволи на Нетанјаху да направи сè што е потребно „за да ја заврши работата“. Курцер истакна дека ова е „политичко злато“ за израелскиот лидер.
Забележливо маневрирање на Нетанјаху
Планот не го споменува Западниот Брег, дом на повеќе од два и пол милиони Палестинци. Израелските населби таму сè повеќе се пробиваат во палестинските области, со одобрение од десничарските сојузници на Нетанјаху. Сепак, Палестинската управа, која управува со делови од Западниот Брег, го поддржа планот на Трамп. Таа рече дека ќе спроведе внатрешни реформи за да овозможи „модерна, демократска и немилитаризирана палестинска држава“ што би вклучувала нови избори и би овозможила „мирен трансфер на власта“. Но овие ветувања се дадени во претходните мировни иницијативи, со мало влијание. Палестинската управа исто така вети дека ќе ја прекине практиката на финансиско наградување на семејствата на оние што се вклучени или загинале во конфликтот со Израел.
Нетанјаху го поздрави планот на Трамп, кој повикува на „кредибилен пат кон палестинско самоопределување и државност, што го препознаваме како аспирација на палестинскиот народ“, иако без временска рамка или рок. На заедничката прес-конференција со Трамп, Нетанјаху рече: „Ќе отвориме можности за кои никој не сонувал“.
Израелскиот премиер, според Бен-Ами, засега се согласува со Трамп, како што правел и со претходните американски администрации.
– Ако има една константа во текот на триесет години од американските односи со Нетанјаху, тоа е дека никогаш ништо не е конечно, ништо не може да се прифати вака – посочи Бен-Ами.
Кој ќе биде следниот потег на Иран
Најголемото долгорочно прашање за Израел е кој ќе биде следниот потег на Иран. Двете нации во јуни водеа дванаесетдневна војна, за време на која загинаа високи ирански воени лидери и нуклеарни специјалисти. САД исто така извршија воздушни напади врз три од најважните нуклеарни постројки на Иран. На прес-конференцијата Трамп ја истакна можноста за Иран да им се придружи на другите муслимански земји во прифаќањето на неговиот мировен план за Газа.
– Се надеваме дека ќе можеме да се согласуваме со Иран. Мислам дека ќе бидат отворени за тоа. Навистина верувам во тоа – порача американскиот претседател.
Но, таквата перспективата изгледа малку веројатна. Во своето појавување на Генералното собрание на ОН минатата недела, иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја осуди „дивјачката агресија“ од страна на Израел и САД за време на дванаесетдневната војна, во, како што кажа, „флагрантно кршење на меѓународното право“ и во пресрет на закажаната дипломатска средба меѓу Техеран и Вашингтон. Тој одделно ги нападна Велика Британија, Франција и Германија за активирање санкции поради неможноста на Техеран да постигне компромис за иранската нуклеарна програма.
Времето можеби одигра улога и за планот на Трамп за Газа. Американскиот претседател често и јавно лобираше за Нобеловата награда за мир. Белата куќа неодамна објави список на лидери и влади што го поддржуваат. А доделувањето на наградата е закажано за 10 октомври.