Фото:Официјален фејсбук профил

Синоќа во е-сандачето бев „бомбардирана“ со текстови што се шират по ФБ и по некои портали во кои се обвинуваат авторките на учебникот за прва година гимназиско образование за изнесување наводно лажни факти. Не очекував дека утрово синоќешниот бран уште повеќе ќе се засили, па дури и дека ќе добијам молба да кажам како е вистината?, пишува во својата реакција на нејзиниот ФБ профил Елка Јачева Улчар, откако во јавноста беше објавено дека во учебник по Македонски јазик, за прва година гимназиско образование, било напишано дека не се знае кој е авторот на Кирилицата.

Таа вели дека вистината е таа дека навистина не е познат авторот на кирилицата. Нашата најугледна палеославистка проф. д-р Радмила Угринова-Скаловска, вели Јачева Улчар, од првата генерација студенти на акад. Блаже Конески, во учебникот по Старословенски јазик, од 1977 на стр. 24, во рамките на лекцијата за СТАРОСЛОВЕНСКОТО ПИСМО вели: „Ако се прифати претпоставката, тргнувајќи од нејзината старина, дека глаголицата ја составил Константин-Кирил, останува нерешено прашањето кој ја составил кирилицата.

– Во славистичката наука се правеле и сè уште се прават различни претпоставки за нејзиниот автор: дека ја составил Методија, Климент, Црноризец Храбар, цар Симеон и др. Најверојатен е фактот дека таа најнапред се појавила во источна Бугарија, во книжевниот круг во Преслав, престолнината на тогашното бугарско царство, најмногу педесетина години по изнаоѓањето на глаголицата. На тоа особено укажуваат натписите со грчко, односно кирилско писмо („без устроенија“ како што вели Црноризец Храбар), изнајдени во поново време при археолошките ископувања во Преслав во тркалезната црква на Симеон, во кои за специфичните словенски гласови се употребени знаци од глаголицата, а за оние што ги има и во грчкиот гласовен систем, букви од грчкото уставно писмо – напиша таа.

Според Јачева Улчар, обете азбуки имаат повеќе заеднички црти што се објаснуваат со фактот дека во основата и на едната и на другата лежи грчко писмо: на кирилицата иницијално (унцијално, уставно), а на глаголицата минускулно.

– Најважна е сличноста помеѓу двете азбуки во начинот на пренесувањето на словенските гласови. За глаголицата изворот за тие букви е јасен, а кирилицата ја следи во тој поглед. Ако се споредат тие букви, ќе се види дека сличност постои, макар што се модифицирани. Ги молам порталите што проширија дезинформации вчера, денес да се коригираат. За нивно добро! Само така ќе бидат сфатени како сериозни, во спротивно – барем јас, никогаш нема да ги отворам и ќе се посомневам во вистинитоста на сЕ што кажале досега. А, кој сака да знае повеќе за азбуките и писмото, најтопло му ја препорачувам книгата „Појава и развој на писмото“ од акад. Петар Хр. Илиевски во издание на Македонската академија на науките и уметностите – напиша таа.