Почнува фестивалот за европска литература „Букстар“

  • „Букстар“во фокусот на својот интерес годинава ги става токму домашната литература и предизвиците со кои се соочува таа

Фестивалот за европска литература „Букстар“ почетокот на своето единаесетто издание ќе го означи денеска во Културно-информативниот центар во Скопје, во 19.30 часот, а ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе се одвиваат во Културно-информативниот центар во Скопје, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.
Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874–1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026).
– „Букстар“ во фокусот на својот интерес годинава ги става токму домашната литература и предизвиците со кои се соочува таа. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. „За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа што стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин – велат организаторите од издавачката куќа „Антолог“.

Годинава во фокусот се голем број македонски имиња, па публиката ќе има можност да чуе многубројни разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски…
И годинава на овој фестивал доаѓаат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).
Ахмет Умит (1960) е еден од најпознатите турски автори на детективскиот роман. Неговиот прв роман „Магла и ноќ“ (1996) се смета за ремек-дело на детективската книжевност. Делата му се преведени на триесет и седум различни јазици и достигнале огромна меѓународна читателска публика. Многу од книгите му се адаптирани во филмови и телевизиски серии, а некои од нив и како театарски претстави.
Мајнхард Раухенштајнер (1970) е австриски писател, кој публикувал во дневни весници и во периодични списанија.
Онджеј Штиндл (1966) е чешки писател, новинар, филмски и музички критичар, сценарист и диџеј, познат по неговиот придонес кон современата чешка литература и медиуми. Штиндл е автор на повеќе романи.
Петра Клабоухова (1980) е чешка писателка и новинарка. Пишува проза и публицистика. Добитничка е на неколку награди за расказите и за романи, а некои од нив се поставени и како театарски претстави. Делата на Шахинер се насочени кон класните прашања и се напишани со хумористичен стил, со жени во центарот на вниманието.

Шоле Резазаде (1989) се преселила во Холандија од Иран во 2015 година. Три години по нејзината преселба, потпишала договор за првиот роман „Небото секогаш е виолетово“. Нејзиниот втор роман „Знам планина што ме чека“ доби специјално признание од Наградата за литература на Европската Унија (2024) и беше номиниран за наградата за книжевност „Амарте“ и за наградата за книга за природа. Таа е ценета рецитаторка и јавна говорничка.
За време на фестивалски денови ќе се одржат голем број настани, поткасти, разговори, средби со млади читатели, потпишување книги.
Ексклузивен настан годинава ќе биде „На кафе со Ахмет Умит“, кој ќе се одржи на 2 октомври во „Рамстор мол“. Влезот на сите книжевни настани е бесплатен.
Во рамките на фестивалот ќе биде доделена и наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик.