- Ова лето, Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го организираше летниот културен камп „Кинески мост“, водејќи 16 ученици од Северна Македонија во Ченгду. Кампот траеше тринаесет дена и беше петти меѓународен камп организиран од институтот од неговото основање во 2013 година, а наедно и прв што се одржа по пандемијата на ковид-19.
- За само десетина дена, учесниците се движeа помеѓу универзитетски училници, музеи и градски улици, а уште поважно – се втопија во кинеското секојдневие. Ова културно патување не само што им овозможи лично да го искусат шармот на кинескиот јазик и на кинеската култура туку стана и жив симбол на приближувањето меѓу младите од Северна Македонија и Кина
Лијао Веј,
Југозападен универзитет за финансии
и економија, Ченгду, Кина
Институт „Конфуциј“ при Универзитетот
„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Лин Јулинг,
Институт „Конфуциј“ при Универзитетот
„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ју Ди,
Институт „Конфуциј“ при Универзитетот
„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Летниот Ченгду во својот разгор пречека 16 насмеани млади лица од далечната Северна Македонија. За овие млади на возраст од 16 до 17 години, тоа беше прво стапнување во толку далечна источна земја – наедно и авантура исполнета со култура и пријателство.
Ова лето, Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје го организираше летниот културен камп „Кинески мост“, водејќи 16 ученици од Северна Македонија во Ченгду. Кампот траеше тринаесет дена и беше петти меѓународен камп организиран од институтот од неговото основање во 2013 година, а наедно и прв што се одржа по пандемијата на ковид-19.
За само десетина дена, учесниците се движeа помеѓу универзитетски училници, музеи и градски улици, а уште поважно – се втопија во кинеското секојдневие. Ова културно патување не само што им овозможи лично да го искусат шармот на кинескиот јазик и на кинеската култура туку стана и жив симбол на приближувањето меѓу младите од Северна Македонија и Кина.

Како прв ваков институт во земјата, Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од основањето во 2013 година е посветен на промоција на кинескиот јазик и култура, активно поттикнувајќи ја размената помеѓу народите на двете земји.
Преку платформата што институтот ја обезбедува, локалните ученици не само што можат да изучуваат кинески јазик, да полагаат испити по кинески и да учествуваат на разни културни настани туку и преку проекти како „Кинескиот мост“ да отпатуваат во Кина, лично да ја почувствуваат привлечноста на источната цивилизација и да станат мост на пријателство што ги поврзува народите на Северна Македонија и Кина.
Првите искуства на младите
За многумина од учесниците самото патување беше исполнето со нивни лични „први“ искуства. Прв меѓуконтинентален долготраен лет, прво напуштање на родниот крај и самостојно отсуство од дома – сето тоа им донесе големо исчекување и возбуда. Еден од учениците искрено признава: „Мислев дека ќе ми биде многу страв да летам толку долго, но изненадувачки уживав во целиот процес. Наставниците беа покрај нас во текот на целиот пат и благодарение на нивната грижа долгото патување стана возбудливо“.
Друг ученик споделува: „Иако летот навистина беше заморувачки, при преседнувањето запознавме нови пријатели и тие пријателства продолжија да траат секојдневно во кампот“.
На 23 јули во раните утрински часови, по околу 20 часа патување, групата македонски средношколци безбедно слетаа на меѓународниот аеродром „Тјенфу“ во Ченгду. Возбудата и вчудовиденоста од првиот допир со Кина беа испишани на лицата на сите. Истото попладне тие се сместија во студентските домови на Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, со помош на волонтери добија локални СИМ-картички, присуствуваа на свечено отворање на кампот, а потоа се запознаа со универзитетскиот кампус и уживаа на вечера за добредојде.
Првиот чекор во земјата на изобилството ги дочека со толку многу нови впечатоци – од црвените знамиња што се вееја пред главниот влез на кампусот до богатата понуда на кинески јадења во мензата – при што едноставно не знаеја каде попрво да погледнат. Наскоро сите се приспособија на животот во кампусот: некои со воодушевување открија „храната во мензата е толку вкусна, неверојатно ни се допаѓа!“, други го пофалија кампусот, бидејќи е простран и чист, со модерни згради и сите потребни содржини, истакнувајќи дека „домот е широк и удобен, креветот мек, а современите училници и рекреативни објекти ни овозможуваат спокојно да учиме и да се одмориме“. Учесниците беа многу задоволни и пријатно изненадени од условите за сместување и од околината што им ги обезбеди Југозападниот универзитет за финансии и економија.
Од училницата до уличките: први впечатоци од културата на Ченгду
На кампусот „Љулин“ на Југозападниот универзитет за финансии и економија, секое утро учесниците беа целосно потопени во разни тематски предавања. Така, предавањето „Хуманистичката меморија на Ченгду“ ги поведе низ богатата историска ризница на градот, додека сесијата „Патување низ музиката на Кина“ им ги приближи шареноликата традиционална музика и оперската уметност. Секое попладне беше резервирано за опуштени забавни работилници за доживување на културата: традиционални вештини како изработка на фигурички од хартија, калиграфија, техники на боење ткаенини, уметноста на чајната церемонија, па дури и сликање маски за сечуанска опера – секој ден носеше нови откритија.
– Првиот пат кога зедов калиграфска четка в раце, чувството беше сосема поинакво од она на книгите – како навистина да ја допрев убавината на кинеските знаци – забележува еден од учениците на часовите по калиграфија.

за финансии и економија во Ченгду
Напуштајќи ја училницата, големите и тесни улици на Ченгду им станаа друга жива „училница“. Преку ден, беше организирана посета на новиот репрезентативен објект на современиот развој на Ченгду – уметничкиот музеј „Тјенфу“, каде што одблиску ја почувствуваа креативноста на современата кинеска уметност. Ноќе, учениците во мали групи го напуштаа кампусот за да ја откријат магијата на градските маала: по живописните сокачиња на квартот Широка и тесна Алеја шетаа по калдрмата впивајќи го духот на стариот Ченгду; по блескавата улица Чунси, каде што небодери се издигаат над многубројните продавници, со восхит го впиваа метежот на големиот град. Првото возење со метрото во Ченгду исто така беше возбудливо ново доживување – брзиот и удобен јавен превоз остави силен впечаток кај сите.
– Не можевме да ја разгледаме баш секоја знаменитост, но самото истражување на градот ме наведе да се почувствувам како навистина да живеам во Ченгду – запишал еден ученик во својот дневник.
Кинески студенти волонтери ги придружуваа гостите насекаде, покажувајќи им го патот и запознавајќи ги со локалните јадења и обичаи. Без разлика дали во училницата или надвор од кампусот, овие млади од Северна Македонија впиваа дел од уникатното културно богатство на земјата на изобилството.
Панди и хот пот: незаборавни спомени од земјата на изобилството
Посетата на Сечуан едноставно не би била целосна без блиска средба со неодоливите панди. Во Истражувачката база за одгледување големи панди во Ченгду, учесниците конечно ги здогледаа долгопосакуваните национални богатства на Кина. За речиси сите, ова дружење со пандите беше врвниот момент на целото патување. Еден од нив возбудено раскажува дека кога се појавиле малите панди, едноставно „не можел да престане да се смее од уво до уво“. Мнозина се фотографираа во центарот за панди, решени засекогаш да го зачуваат овој прекрасен миг.

Ако пандите им донесоа радост за душата, прочуениот сечуански хот пот им приреди на нивните непца доживување што во себе спои предизвик и изненадување. За странските ученици што првпат пробуваа лута сечуанска чорба, погледот на врелиот црвеникав сад што крчкаше пред нив беше истовремено возбудлив и по малку застрашувачки. Но откако навистина ги потопија стапчињата и започнаа со јадење, веднаш беа освоени од пикантниот вкус.
– На почетокот имав малку страв да пробам, но потоа едноставно не можев да запрам – лутото беше премногу примамливо – се присетува со насмевка еден ученик. Овој „огнен“ вкус за многумина стана едно од најнезаборавните искуства на целото патување.
Уникатната сечуанска оперска уметност исто така ги воодушеви. Магичниот перформанс на прочуената техника „менување на лицата“ во сечуанската опера ги држеше присутните без здив – на сцената боите и маските на актерите се менуваа за миг, оставајќи ги гостите занемени од восхит. Откако се изначудија на таа вештина, под водство на наставниците, сите изработија и свои сопствени примероци од сечуанските маски. Може да се каже дека блиските средби со пандите, храброто соочување со лутата кујна, како и непосредното запознавање со традиционалните оперски вештини, за сите нив претставуваат дел од незаборавните сеќавања што ги понесоа од ова патување во Кина.
Надминување на разликите и личен раст
Првиот контакт со една туѓа земја неминовно носи и одредени непријатности од непривикнатост. Но нашите млади учесници со отворено срце и љубопитен дух ги дочекаа сите предизвици, извлекувајќи од нив драгоцено животно искуство и личен раст.
Најпрво се судрија со јазичната бариера. Иако пред доаѓањето во Кина имаа стекнато некаква основа на кинескиот јазик, сепак, кога се најдоа во непозната средина, се соочија со тешкотии во комуникацијата. На улиците на Ченгду, при обидите да купат нешто или да прашаат за насока, воопшто не беа ретки сцените на недоразбирање – како кога зборуваат „пиле со патка“, секој на свој јазик. Сепак, тие брзо најдоа начин да се снајдат: научија неколку едноставни фрази на кинески, а покрај тоа се потпираа и на говорот на телото и на мобилни преведувачки апликации за да ја пренесат својата мисла.
– На почетокот беше малку тешко да се разбереме со локалните жители, но со трпение и многу мавтање со рацете сепак ги надминавме јазичните проблеми – напиша еден ученик во својот осврт по кампот.

Што се однесува до секојдневните навики, на почетокот учесниците не беа навикнати на кинескиот дневен ритам и исхрана, но со текот на времето и преку заемно разбирање постепено се вклопија во локалниот начин на живот. Стравувањата дека нема да се приспособат на кинеската кујна исто така брзо исчезнаа – богатите и вкусни оброци во студентската менза секој нивен оброк го претвораа во вистинско уживање. Ова меѓукултурно искуство им покажа на сите дека културните разлики повеќе не се пречка, туку напротив, тие станаа поттик за понатамошно истражување на светот.
Заедничкото совладување на сите овие нови предизвици ја продлабочи и поврзаноста меѓу самите учесници. Во деновите што ги поминаа заедно далеку од дома, овие млади од различни градови на Северна Македонија од лица што не се познаваат станаа блиски пријатели – не само што изградија меѓусебна доверба туку воспоставија искрено другарство и со кинеските волонтери. – Многу сум среќен што тука стекнав пријатели од други земји, а и пријателството со моите другари од кампот стана уште посилно – напиша еден ученик. Пријателството што ги надминува јазичните и културните бариери навистина е една од највредните придобивки од овој летен камп.
Кинескиот јазик како поттик – соништата тргнуваат на пат
По сето доживеано, кај учесниците уште повеќе се разгоре ентузијазмот за учење на кинескиот јазик и за понатамошно запознавање со кинеската култура. Многумина изјавија дека се надеваат оти и понатаму ќе го изучуваат кинескиот јазик и ќе ја истражуваат традиционалната кинеска култура.
– Пред да дојдам, речиси и не знаев кинески, но летниот камп ми ја разгори љубопитноста. Откако лично ја доживеав културата тука, едвај чекам подлабоко да го научам јазикот и да разберам сѐ за Кина! – напиша еден ученик.
Друг учесник, кој веќе имал одредена основа, сподели свое воодушевување: „ова искуство ме натера уште повеќе да ја засакам кинеската култура. Кога ќе се вратам, не само што ќе продолжам да го учам кинескиот туку сакам повеќе да гледам изведби како сечуанската ’промена на лицата‘, па дури и да пробам да свирам еден или два традиционални кинески инструменти!“

Може да се каже дека ова патување во Ченгду му отвори на секој од нив по една нова врата. Уште позначајно е што некои ученици дури си поставиле цел еден ден во иднина да дојдат и на студии во Кина, што покажува дека ова искуство оставило навистина длабоки траги. Кинескиот јазик и кинеската култура веќе го посеаја „семето на соништата“ во нивните срца.
Писмо од родител: длабокото влијание на културното патување
Напредокот на младите длабоко ги допре и нивните родители. По завршувањето на кампот, мајката на еден од учениците испрати писмо со благодарност до Институтот „Конфуциј“, споделувајќи ги постигнувањата на своето дете и сопствените впечатоци.
Таа во писмото напиша: „Мојот син се врати преполн со возбуда и инспирација. Оваа можност му ги прошири видиците и ја продлабочи неговата заинтересираност за кинескиот јазик и култура. А она на што ние, неговите родители, сме најгорди е што го видовме како самоуверено се претставува на кинески јазик пред кинескиот амбасадор!“
Мајката исто така се заблагодари за топлото и грижливо гостопримство од кинеска страна и за посветената грижа на наставничкиот тим на Институтот „Конфуциј“. Таа признава дека, слушајќи го својот син како раскажува за напредната технологија во Ченгду и за динамичниот живот во овој модерен град, и самата била длабоко трогната и развила силен интерес за достигнувањата на современиот развој на Кина.
Влијанието од ова патување во Кина ги надмина индивидуалните искуства на учениците и се прошири и врз нивните семејства и заедници. Родителите искрено се радуваат и се гордеат на созревањето на своите деца, а почнаа и самите со сосема нови очи да гледаат на далечната Кина. Ова родителско писмо не е само израз на благодарност до организаторите туку ја одразува и далекосежната општествена важност на ваквите програми за младинска размена.
Мост на пријателство и соништа
Сето тоа што се случи ова лето во Ченгду недвосмислено ја покажа улогата на мост што Институтот „Конфуциј“ ја игра во поттикнувањето на блиските врски меѓу народите на Северна Македонија и Кина. Токму благодарение на платформата на институтот, млади луѓе разделени со илјадници километри можат преку еден ваков летен камп да се соберат заедно, продлабочувајќи го заемното разбирање и градејќи пријателство преку непосредна комуникација.
За младите од Северна Македонија, овој „Кинески мост“ е само почеток. Во годините што претстојат уште многу тинејџери и млади ќе ѝ се доближат на Кина, а Институтот „Конфуциј“ и понатаму, преку нови јазични и културни проекти, ќе го разгорува нивниот интерес да го изучуваат кинескиот јазик и да ја запознаваат Кина – градејќи мост што води кон соништата и кон светот.
Тој „Кинески мост“, изграден во летните денови во Ченгду, ги поврза срцата на младите од Северна Македонија и Кина. Тоа пријателство, кое ја надминува секоја далечина, ќе тече уште долго и ќе остане запишано како топло и трогателно поглавје во летописот на македонско-кинеското пријателство.